Под притисок

Под притисок

Од збирката раскази „Под притисок“, Блесок, 2012

1.
Нè доведоа на линијата. Кал и магла има насекаде. Едвај го гледам човекот пред мене. Речиси еден со друг се држиме за ремените, да не се загубиме. Поминуваме меѓу запалени куќи. Колоната се влече покрај разнишаните плотови. Калта се лепи за чизмите и се развлекува како тесто. Најубави се оние линии на кои првпат доаѓаш. Сè е ново, необично и заебано до коска. Особено кога линијата ја преземаш ноќе, а утредента, штом се раздени, сфаќаш дека се наоѓаш на врвот од шајката. Јагленосани греди паѓаат од покривите и чрчорат во калта. Тераме по огромната падина. Тревата е лигава од маглата. А некој падне, ја сопира колоната и задолжително пцуе по претседателот и државата. Кога само ќе помислам дека оваа ноќ ќе спиеме на ледина, ме заболуваат хемороидите. Водичот од воената полиција нè изведува на врвот од ридот. Емир и јас го преземаме плиткиот ров во кој, извалкани од кал, се наоѓаат: јоги душек, јорган и чифт догорчиња испушени до крај и нервозно забиени в земја.
– Еј, момци, фрка ли е? – допира глас од нашата десна страна.
– Ој ваму па ќе ти кажам – одговара Емир лежејќи на јогито.
Ни приоѓа силуетата од зад грб.
Скокнува во ровот.
– Јас сум од третиот баталјон – ни кажува додека се ракуваме.
– Имате цигари?
Ја отворам табакерата полна Галес1F.
– Нема да нè видат дур пушиме? – прашува Емир.
– Ма нема. Далеку се одовде, а и маглата е густа.

И Емир и јас, како по команда, палиме цигари.
– Туку, ај ти кажи ми, каква е ситуацијата овде?
– Заебано ли е?
– Денеска го ораа брдово со гранати. На еден борец од втората чета, гелер му го откина образот. На Метла, а тоа ти е рид дупло поголем од овој нашиов, имаат два зиса2F. Нè гледаат ко у филџан – полека раскажува третобаталјонецот.
– Значи, кој ќе преживее, ќе јаде со златна лајца – дофрла Емир.
– Не е ни толку лошо ко што изгледа – го теши третобаталјонецот – од нешто секако ќе се умре.
Стравот се вовлекува во мене како влага. Утре ни следува бесплатно бричење.
***

Линијата на животот ти се прекинува на две места. Ќе бидеш ранет двапати, од тоа еднаш тешко, ми кажува Циганката. Џевада фрла грав, гледа во зрна, заклучува: те очекува пат во странство и добар глас од далеку.
Ја направив хиерархијата на нештата:
1. војна
2. алкохол
3. поезија
4. љубов
5. пак војна
Најомилен рефрен: Ој кревету, чудна справо, те поздравувам здраво! здраво!
Најглуп цитат: Војната му е драга на оној кој не ја познава, од Еразмо Ротердамски.
Најомилена боја: Сина, сите нијанси на сино.
Најомилена книга: Плексус од Хенри Милер.
Најдрага пијачка: Домашна сливова.
Најомилено оружје: Унгарски калашников, број на пушка SV-3059.
Најомилено јадење: Литар ракија и кутија цигари.
Најомилен цитат: Да се стане бесмртен а потоа да се умре, Жан-Пјер Мелвил.
Неостварена желба: Гелер да ми направи лузна на лицето, да бидам заебан кога ќе влезам во кафеана.
Потоа заспав покриен со калливиот јорган.

2.
– Ај по пет марки дека Челичниот ќе ја претрча нивата.
– Се брои ли ако претрча ранет, или мора да биде нечепнат?
– Сеедно, само да претрча до белата куќа.
Челичниот, завикан така поради кожната алка со никлувани боцки, лежи зад шупливата бетонска ограда. Главата ја покрил со рацете. Куршуми од осумдесетичетворка3F удираат во бетонските столбови, минуваат низ шуплините, се забиваат в земја. Челичниот станува, фаќа залет, рафал го турка на земја. Љубителите на коцкањето седат под дуњата во длабоко засолниште.
– Чело, жив си?
– Куров ми е жив, глеаш дека не мрда, не јачка.
– Кој му е крив, го тераше ли некој да ја претрчува нивата дење, моеше да почека да се стемни – се вмешува третиот набљудувач.
Челичниот пак станува, ги помрднува големите нозе со сета сила. Како да трча в место. Неговата фризура долг врат се виори од забрзување. Осумдесетичетворката си брка работа. Челичниот финишира како Бен Џонсон.
– Дај пет марки.
– Ќе ти дам кур у глаа.
– Па нели претрча?
– Да.
– Беше ли фер и поштено?
– Беше, да.
– А може у цигари?
– Апсолутно романтишно.
– Апсолутно романтишно.

Челичниот, со грб потпрен врз студениот ѕид од куќата, вади скршени цигари од џебот. Со треперливите прсти запалува половина цигара. Ја поправа фризурата. Ги чисти прашината и земјата од униформата. Крвта му се враќа в лице. Ноќта паѓа како кец на десетка во карти.

3.
Згемба со нокотот вади човечки мозок од масленицата. Кине парчиња со десната рака, ги мака во сол и ги става в уста. Со прстите од другата рака, од бело најлонско кесе (испрскано со смеса од мозок и крв) мезети младо кравјо сирење. Фацата му е саѓава од барутни гасови. Во скутот има пушкомитралез со кал. 7.62 мм. Пред пет минути, во овој ров седеа автономашите4F. Преку насипот, превиткан е сè уште топол труп. Рафал му го преполовил черепот. Го вртам на грб. Од внатрешниот џеб на неговата СМБ ветровка го вадам паричникот. Гледам во неговата фотографија. Имал високо чело и изразени залистоци. Крупни и меланхолични очи. Со остриот раб од неговата фотографија, вадам парчиња јаболко меѓу забите.

***

Среде акција, Дебо запалил оган зад аголот на куќата, да ги исуши чорапите. На другиот крај од куќата, го потпрел автоматот на ѕидот. Автономашите удриле контра. Дебо го фатиле жив и ненаоружан. Со жица му ги врзале рацете зад грб и го стрелале зад шталата.

Вечерта, истиот ден, откако бевме сменети на линијата, отидовме во кафеана. Пиевме на сметка на 5-от корпус, што значи џабе. Згемба во бокалот ракија фрлаше сини валиуми. Локавме ракија од чаши од два децилитри. Газдата донесе мезе, суво месо и тврдо сирење, на сметка на куќата. Имаше добродушна фаца. Ми изгледаше како искусен угостител. Келнерката, Романка, се жалеше кај газдата што пиеме џабе. Тој ја смируваше. Под усните ѝ ѕиркаа забите, разделени како кај гребло. Вели дека одела со некој тип од нашата бригада кого го викале Пекар. После неколку литри ракија, почнавме да ја кинеме кафеаната. Пукавме над шанкот, во огледалото и рафтовите за пијачки. Придушен со пукотниците, фолкот цивкаше од звучникот на касетофонот. Се обидував да ја погодам пластичната тепалка за муви, закачена на клинец во ламперијата. На терасата ги расфрлавме пластичните маси и столови. Искундачивме неколку мештани кои се побунија против нашите постапки. Разоруживме тројца цивилни полицајци и ги построивме пред фризерскиот салон. Со лада, газдата нè префрли до школото, во кое бевме сместени, десет километри подалеку од кафената. Надвор почна да врне. Бришачите се лизгаа преку ветробранот, како стрелки на мерач на притисок. Таа вечер немаше ништо повеќе за раскажување.

Превод од босански: Игор Исаковски

#b
1. Марка колумбиски цигари, год. на производство 1974.
2. Ридски топ со калибар од 76 мм.
3. Пушкомитралез М-84, со калибар од 7.62 мм, со двојно барутно полнење.
4. Наоружани следбеници на Фикрет Абдиќ.

АвторФарук Шехиќ
2018-08-21T17:20:55+00:00 мај 19th, 2012|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 83|