Чалгијата е поп-музика на едно време

/, Звук, Блесок бр. 39/Чалгијата е поп-музика на едно време

Чалгијата е поп-музика на едно време

Интервју со Дејан Спасовиќ – Калдрма

#1

Со обнародувањето на албумот со чалгаџиска музика, првично е заокружен проектот Калдрма зад кој година и половина стамено стојат членовите на групите Стринг Форсис и Пеце Атанасовски оркестар. на оваа објава потпишана од продуцентската куќа Профундус, има единаесет песни и ора, меѓу кои ненадминатите Ој Зарино, Ајде дали знаеш паметиш Милице, Ој ти моме, Три години стана како ме зафана… , забележани на концертните настапи на Калдрма во Куршумли ан и во Домот на АРМ во скопје. Сè заедно, ова е уште еден проект што силно ја крепи традицијата и македонската музичка мисла во времево на засилена атака врз вистинските вредности и националната самобитност

Со неизмерно многу љубов кон изворната форма и особено кон запоставената македонска чалгија се обдарени петнаесетината членови што го потпишаа овој проект. Од таму сосема сеедно е кој од нив би ви говорел за нивната заложба. За тоа како тие ја поимаат активноста во Калдрма. Во случајов, преписката ја сторивме со Дејан Спасовиќ, од Пеце Атанасовски оркестар. Неговите размисли следуваат во продолжение.

НАПРЕД ВО НАШАТА ПРИКАЗНА
– Ако можеш да кажеш од каде си, не на која националност ѝ припаѓаш, туку едноставно од кој регион си, сигурно можеш да кажеш и на која традиција ѝ припаѓаш. Тоа повлекува со себе и прашања од типот кој е твојот јазик, твојата култура, твојата музика и како сите тие елементи се инкорпорирани во тебе. Тргнувајќи од ова прашање, неминовно е секој оној што се занимава со музика на каков било начин да се сретне со прашањето: што е направено пред тебе и кое е твоето место во целата оваа приказна.
Она што Оркестарот Пеце Атанасовски се обидува да го направи во изминативе години на ова поле е тоа како може да се прераскаже оваа приказна.
Последниве десетина години Оркестарот се занимава со проблематиката на изворната музика на овие простори. Во почетокот енергијата што го туркаше оркестарот да оди напред односно да копа во минатото може да се опише како еден младешки занес. Беше тоа сон на едни млади луѓе, несвесни за големината на залакот. Но, како одминуваше времето, упорноста на одредени поединци доведе до тоа, нешто што почна како курс за изворни инструменти да прерасне во вистински оркестар, кој си го најде местото на музичката сцена во Македонија.

ЗА ГОЛЕМИОТ УЧИТЕЛ ПЕЦЕ АТАНАСОВСКИ И ЗА СИТЕ ДРУГИ ОД И ВО ВРЕМЕВО
– За човекот чие име го носи оркестарот и за другите знајни и не така знајни музичари од нашата историја и нивната улога се знае многу, но сепак како тоа да не е доволно. Се сретнуваме со фактот дека големините што ги поседуваме не знаеме да ги цениме така како што ги ценат и им се восхитуваат луѓе и познавачи на музиката што не се од овде.
Не би сакал да навлезам во веќе класичниот критицизам, кој владее на овие простори, па да почнам да зборувам за приликите и неприликите, кои нè доведоа до ситуацијата традиционалната музика да биде на работ на изумирањето.
Можам слободно да кажам дека луѓето што го посетуваа курсот на чичко Пеце го фатија последниот воз да се сретнат со еден човек, кој направи многу за македонската традиционална музика. Неговата големина беше еднакво пропорционална со неговата скромност и самокритичност. Едно нешто што нема никогаш да го заборавам беше кога ни рече: Можам да ви покажам како не треба, а на вас останува да откриете како треба.
За жал, голем дел од останатите големи музичари што твореле на овие простори немавме можност да ги запознаеме бидејќи кога стасавме да разбереме што е тоа традиционална музика тие веќе не беа меѓу живите.
Единствен медијатор меѓу луѓето што денес сакаат да се занимаваат со традиционалната музика и големите учители што не се веќе со нас се снимките од Македонското радио.

ПАТОТ ДО КАЛДРМА
– За разлика од изворната музика, која сè уште може да се каже дека има свои изворни претставници ширум Македонија, состојбата со чалгиската музика може најблаго речено да се претстави како катастрофална. Покрај три-четворицата чалгаџии од веќе непостоечкиот чалгиски оркестар на Македонско радио не постои никој што изворно ја негува македонската чалгија. Ако, пак, посакате да си купите некаков носач на звук со чалгиска музика, евентуално ако имате среќа, ќе се сретнете со единственото касетно издание на Чалгискиот оркестар на МРТВ, и тоа е сè.
Сето ова беше наша провокација да почнеме со проектот Калдрма, чија единствена цел беше да се свири чалгиска музика, па макар и на не сосема чалгиски инструменти. Некакво заокружување на првиот круг на проектот Калдрма и испитување на пулсот кај публиката беше објавувањето на првиот албум. Нашата единствена цел беше да видиме дали нашиот сон е само наш или има и други што сакаат да го споделат со нас.

КРУГОТ Е ЗАТВОРЕН ИЛИ …
– Кругот со сите сили ќе се трудиме да не го затвориме. Напротив. Нам идејата ни е тој да прерасне во спирала нагоре, која би довела до одново заживување на чалгиската сцена во земјава. Имаме некакви планови за концертирање во и надвор од Македонија, но тоа чинам дека не е доволно за да се оствари целта. Еден поголем дел од проектот би се состоел во инволвирање луѓе заинтересирани за чалгиската музика преку работилници и семинари. Дури ако постојат услови за тоа и школи за чалгиска музика, кои би се занимавале не само со практиката на чалгиското музицирање туку и со теоријата. Со она што ја прави македонската чалгиска музика различна од другите слични стилови, кои можеме да ги најдеме кај нашите соседи.

ЗА ВЉУБЕНИЦИТЕ И ЗА ПОЧИТУВАЧИТЕ НА НАШАТА ТРАДИЦИЈА
– Додека ние упорно успевавме да забораваме што е нашата традиција и култура, а особено што е тоа чалгиска музика и култура, во последните дваесет па и повеќе години, луѓе што ја имаа согледано големината на овој феномен а не потекнуваат од Македонија, ревносно се занимаваат со нејзино достојно претставување. Практично и теоретски. Онака како што им прилега на нашите традиционални вредности. Еден значаен пример за сето ова е професорот и етномузиколог Ваутер Светс од Холандија, долгогодишен пријател на Пеце Атанасовски. Тој го има основано оркестарот Чалгија, составен само од холандски музичари пред околу триесет години и со него ја има претставувано македонската чалгиска музика ширум светот во нејзиниот изворен облик. Професорот Светс е човек што директно се има запознаено со големите имиња на македонската чалгија и бил непосреден ученик и истражувач на феноменот чалгија во Македонија.
На наша голема среќа, по долго пребарување на интернет, успеавме да оствариме контакти со тој 72-годишен старец. А, само по неколку минути од разговорот со него тој беше воодушевен од идејата да ни помогне во возобновувањето на чалгиската сцена во Македонија.

ПУБЛИКАТА – ИЗВОР НА ЕНЕРГИЈА
– Чалгијата е поп-музика на едно време. Таа непосредно комуницирала со популусот, односно народот. Добрата поп-музика по извесно време станува евергрин. Значи дека нешто што некогаш функционирало функционира и денес. Наш доказ за ова тврдење е пред сè случајно и неочекувано големиот концерт, кој се случи во Куршумли-ан на 19 септември минатата година. На овој концерт, без скоро никаква реклама, дојдоа над 500, пред сè, млади луѓе. Сето тоа продолжи и на настапите на Калдрма, кои се случуваа ова лето во Кула, како и на промоцијата на албумот пред Рекорд Рекордс. Тоа за нас претставува дополнителен извор на енергија, но истовремено и голема одговорност и товар.

#2 КАКО ДА ОСТАНЕМЕ И ЗА УТРЕ ЗВУКОВНО СВОИ?
– Како што веќе напоменав претходно, секој оној во Македонија што тврди дека е музичар, би требало со секој чекор нанапред да направи и еден чекор наназад во историјата, затоа што без тоа целата ситуација би можела да се нарече измислување топла вода.
Популарни надвор од Македонија станаа само оние групи што беа инспирирани од она што го свиреле и го пееле нивните дедовци и баби. Но, покрај нив, мислам дека е потребно да постојат и групи што во изворен облик ѝ се навраќаат на традицијата. Тоа беше примерот и основното мото на Пеце Атанасовски оркестар. Ние тоа едноставно само го пресликавме во проектот Калдрма.

ДО КОГА ЌЕ СТОИ ВО БУНКЕР ПРОЕКТОТ СО РАЈНА СПАСОВСКА?
– Рајна Спасовска е една од последните живи ризници на македонската изворна музика, која за наша среќа ја запознавме пред неколку години. Од тоа се изроди и албум со 13 песни, кој веќе неколку години чека на објавување. Се надеваме дека до крајот на оваа година тој проект конечно ќе го види светлото на денот.

СВИРКИТЕ ВО КУЛА, СВАДБИТЕ, ДРУЖБАТА…
– Нашата идеја е да свириме секаде онаму каде што има потреба за музика. Каде и да се појавиме, ние достојно ќе ја презентираме нашата традиционална музика. Нашата чалгија. Сеедно дали е тоа на свадба, во кафеана или на улица. Еден од начините што го одбравме и видовме дека функционира се неконвенционалните настапи во рамките на летниот проект Опуштено во Кула. За нашите настапи таму луѓето однапред резервираа место и беа силно заинтересирани кога ќе биде следната свирка.
Згора на ова, прекрасно е што на македонските свадби повторно се враќа нашата изворна музика. Дури сметам дека ќе дојде време кога ќе ѝ го преземе местото на новокомпонираната и на турбофолк-музиката. А, дружбата е неминовност. Таму каде што свири музика за мерак, таму и луѓето се опуштени и спонтани.

… И НОВИТЕ ПРОЕКТИ
– Покрај проектите врзани со традиционалната музика, голем дел од луѓето што се вклучени во Калдрма се занимаваат и со современ начин на изразување на мелосниот јазик.
Тоа е веќе проверен облик на создавање автентична поп-култура со оригинални средства. За ваквото тврдење е доволно само да ја погледнеме пакистанската супкултурна сцена во Англија. Таа, во последните години ги изроди имињата како: Ејжан даб фондејшн, Талвин Синк, Карч кале, Фундаментал
Луѓето што се во Калдрма работат и во рамките на неколку проекти, кои не се експериментални, бидејќи имаат појдовна точка и сосема јасна идеја каде сакаат да стигнат. Како сакаат да звучи финалниот продукт.
Кога ова го говорам, мислам на Стринг форсис, Проектот Грендени (овој состав својот електроакустичен материјал го претстави летово во рамките на Опуштено)… Згора на ова, интересно е и тоа што големата изворна пејачка Вања Лазарова и нејзиниот сопруг Душко Димитровски, заедно со Ристо Солунчев и со Дејан Ацески, инаку членови на Пеце Атанасовски оркестар, подготвуваат проект што набрзо ќе покаже како може да се оди напред и да се изгради нов звук фундиран на мајчиниот музички јазик.

2018-08-21T17:21:35+00:00 декември 1st, 2004|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 39|