Скопје Блуз и соул фестивал 2008

/, Звук, Блесок бр. 61-62/Скопје Блуз и соул фестивал 2008

Скопје Блуз и соул фестивал 2008

Годините минуваат, но скопскиот блуз и соул фестивал сè уште претставува институција, непресушен извор на одлична музика и позитивни вибрации. Годинашното издание не беше исклучок, а тоа можеше да го потврди секој што беше присутен. Дводневното случување ги задоволи сите љубители на блузот и на добрата музика воопшто и повторно ја заживеа идејата овој настан да трае подолго. Одличната листа на изведувачи презентираше разновидна блуз програма која ги покажа современите аспекти на светската блуз сцена.

#1 Честа да го отвори годинашниот фестивал му припадна на Венко Серафимов и неговиот состав The Bluesfakers, група ветерани и надежи на македонската блуз сцена. Венко Серафимов е одличен гитарист, композитор и аранжер, вистинска легенда на македонската музичка сцена. Неговиот богат опус вклучува еден од најдобрите македонски рок албуми воопшто, со составот од осумдесеттите години од минатиот век – „Конкорд“ – потоа музика за филм, театар и ТВ проекти кои му донесоа и меѓународна репутација како автор од највисок ранг. За фестивалскиот настап Венко подготви разновиден сет на музика кој содржеше материјал од неговите рок денови, блуз и рок стандарди на познати светски автори и сето тоа звучеше квалитетно во жешката скопска ноќ. Неговиот состав ги искажа сите свои квалитети и ги потврди епитетите на домашните познавачи на блузот, а младата и талентирана вокалистка додаде доволно шарм сите да бидат задоволни во секој поглед. Венко уште еднаш се потврди како гитарист од висока класа, иако овој настап се случи по подолга пауза, но неговата долгогодишна желба да се претстави и во блуз амбиент конечно се оствари, така што понудата за настап едноставно не можеше да ја игнорира! Неговиот флуиден начин на свирење беше внимателно следен од сите, особено од бројните гитаристи кои не ја пропуштаат оваа манифестација. Одличен почеток на вечерта и заслужен аплауз на Венко и неговите The Bluesfakers.

#2 Ленс Лопез и неговата група пристигнаа во Скопје директно од Далас, Тексас и ја започнаа својата европска турнеја токму во Македонија, се качија на сцената и поставија нови стандарди на изведувачки можности кои ги воодушевија сите присутни. Овој млад гитарист, несомнено од светска класа, се покажа во светлина каква што во Скопје не паметиме, неговиот жесток настап и гитарските бравури и импресивен вокал едноставно го „запалија“ Хард Рок клубот; професионализмот што го презентираше ги надминува неговите години. Коди Норман на тапани и басистот Тони Валдез беа врвно подмачкана машина која совршено се вклопуваше во блузот на Ленс Лопез. Навистина во Скопје не сме имале можност да проследиме ваков настап на музичар кој отсвири двочасовен сет како да му е последен: го остави своето срце во Скопје и публиката тоа го почувствува и го испрати со громогласни аплаузи. Тој во Скопје го претстави материјалот од новиот албум “Higher Ground”, како и неколку познати теми од кои најдобро помина темата на Џими Хендрикс “Spanish Castle Magic”. Неговиот стил содржи влијанија од гитаристите како Џими Хендрикс, Алберт Кинг, Стиви Реј Вон и слични, но не како едноставна копија туку надградба на сопствениот стил. Тој во голем стил го заврши својот настап и замина низ Европа да свири на концертите заедно со имиња како Whitesnake и ZZ Top. Едноставно, Ленс Лопез и другарите мораат повторно да дојдат во Скопје – доказ колку добри беа!

Втората вечер од фестивалот беше резервирана за триото на Мат Скофилд од Англија и познатите лица од составот Блуз Компани од Германија.

#3 Мат Скофилд беше неодамна вброен во десетте најдобри британски блуз гитаристи на сите времиња што секако е најдобра препорака за секој љубител на блузот и тој свој потенцијал тој го долови и на нашата сцена. Неговиот придружен состав го сочинуваат Џони Хендерсон на Хемонд органа и тапанарот Иван Џенкинс, необична постава на прв поглед, но често експлоатирана во минатото, особено во џезот во педесеттите и шеесеттите години од минатиот век, која се покажа како добитна комбинација и во блузот. Неговиот супериорно лесен стил на свирење гитара на моменти потсетува на познатиот Алберт Колинс, особено во побавните нумери кои станаа препознатливи за Мат Скофилд и кои одлично поминуваат кај публиката. Повремено додадената арома на звукот на Њу Орлинс даваше свежина на музиката која присутните ја проследија во еден здив. Компактна групна свирка, базирана на прецизните ритми на Иван Џенкинс, надополнета со извонредните уфрлувања на органистот Џони Хендерсон, претставуваше совршена база за беспрекорна изведба на гитаристот Мат Скофилд. Сите тројца врвни музичари воедно се мошне скромни момци кои ги заслужуваат сите признанија што ги добиваат од сите страни. Без сомнение настапот во Скопје им донесе нови фанови од овој дел од Европа!

#4 Фестивалските активности во голем стил ги затворија музичарите од одличниот германски состав Блуз Компани. Предводени од харизматичниот лидер Тоше Тодоровиќ, Блуз Компани по третпат се појавија на нашата сцена по желбите на голем број блуз вљубеници од Македонија. Составот уште еднаш ги исполни очекувањата и она што веќе го знаевме: дека се еден од најдобрите европски состави кој во секој момент гарантира одлична свирка и добра забава за сите, без оглед дали станува збор за голем стадион или мал клуб. Овој пат составот дојде засилен со дувачката секција BC Horns која беше, како што се вели, шлаг на тортата во сетот кој содржеше најпознати теми од репертоарот на составот, како и префинет избор на познати блуз стандарди кои беа донесени на типичен начин на Блуз Компани. Водачот на составот Тоше Тодоровиќ беше посебно инспириран и тоа со причина, тој дојде „дома“, имено неговите корени се од Охрид, така што секој настап на Блуз Компани во Македонија има специфична емотивна тежина која Тоше ја искажа и оваа вечер со својата музика.

Конечно, фестивалот, како и сите претходни беше голем успех, вистински собир на добри музичари и задоволна публика кој со нетрпение го чека следното издание од фестивалот!

2018-08-21T17:21:10+00:00 октомври 11th, 2008|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 61-62|