Распнат трубач, љубовна приказна

/, Звук, Блесок бр. 111/Распнат трубач, љубовна приказна

Распнат трубач, љубовна приказна

Распнат трубач, љубовна приказна

Превод на македонски: Елизабета Баковска


I

Три е попладне и телефонот ѕвони. Ама, наместо да му пријдеш, ти ќе ја потпуштиш музиката. Тоа веќе станува застрашувачка традиција која ја крунисуваш со изјавите кои звучат отприлика вака: „Само немој да дозволиш да станам инвентар на мрачни простори!“, или: „Порадо отвори им го умот на новите видови очај препуштајќи се до крај.“

И потоа исчезнуваш, се давиш во чадот на сопственото цигарило и ѝ се препушташ на плочата која врти нов круг. Денешната е Cool Cat, албум кој Чет Бејкер ги снимил во 1986 година во Холандија, две години пред да зарши на тротоарот, два ката пред својата хотелска соба.

Неговата труба отсекогаш лесно те наоѓала. Заедно ги славите заспаните ноќи, прошетките по широките авении, малите хотели и нивните балкони, ти дава јасни упатства кои треба да ги запаметиш и кои палми веќе не се вредни за сеќавање. Неговата труба те пронаоѓа секогаш кога ќе помислиш дека е наредено повлекување.

Дали случајно таа соба сега е твоја? Разбуди се. Животот не е песна во импровизација која упорно ја сонуваш. Импровизациите многу ретко завршуваат добро. Особено ако не ги запреш на време. Ти никогаш ништо не си знаел да запреш. Смрдиш на политика и завист. Искористи ја онаа прекрасна бања. После тоа прибери се и крени ја слушалката. Имаше сличен телефон во една од своите куќи. Елегантен и црн. Со бројчаник кој заморува. Дури и живиот сигнал му служеше за декоративна цел.

Chet Baker – Caravelle


II

Speedball baby, знам, јасно ми е, без џанк не би имало ни мелодии. Некои не знаат поинаку. Твојата вена мора да биде среќна за устата да почне да раскажува. Кога си на тоа и без заби ја разделуваш трубата на прости фактори, но и понатаму не можеш да леташ, и бетонот под твојот прозорец е единствената извесност.

Звукот на телефонот пак одекнува. Го нагласува звукот на џез квартетот во екстаза, во времето кога отуѓувањето го признавам како сесема нов начин на потчинување, на моите мисли се спушта исплашена црна птица. Таа крешти: „Blue moon, you saw me standing alone, without a dream in my heart, without a love of my own.“

Месечино, ја виде ли? Да имаш сестра, би личела на неа. И да бидам јасен, не се работи тука за твојот сјај, или нејзиното лице, или хероинот во неговите вени. Поголеми нешта се во прашање, виши сили, судбински и судбоносни. Нека синее твојот очај додека се трансформираш во црвена експлозија. Сечија тага ќе замине танцувајќи со својот крај, така и твојата. Биди среќен ако ти дозволат да одбереш песна.

Chet Baker Quartet Live in france 1978 – Mister B


III

Cool Cat, познавав еден човек кој секого го викаше токму така! Ќе подвикнеше: „Еј, мачору!“ и потоа нагло стишувајќи се ќе те преземеше во потполност, како да открива нешто битно. Ќе раскажуваше за нијансите на страдањето и терапевтскиот ефект на страста на другиот. Тоа толку уверливо го правеше што луѓето сакаа да се соблекуваат слушајќи го, па неговите зборови беа како мелодии кои повеќе не можат да се слушнат во четири попладне.

А телефонот упорно ѕвони. Ве наоѓа скриени зад топлината, во собата во која пердињата чуваат стража и рацете се милуваат.

Вака стојат работите: ти ќе ме заборавиш, а јас нема да се бунам. Дрворедите ќе се погрижат да го најдам патот кога ќе за напуштам твојата врата. Нишни со главата, не мораш ништо за кажеш. Намигни. Секако премногу зборував и не стигнавме никаде. Накострешени таленти, спротивставени, отпочеток против светот, на крај самите против себеси. А не дека не можеше да биде поинаку. Тоа е онаа најстарата приказна во која ме наоѓа неговата труба, заедно да ги прославиме заспаните ноќи на другите.

Chet Baker – Something

2018-08-21T17:20:36+00:00 јануари 23rd, 2017|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 111|