Македонија е рудник на талентирани луѓе

/, Звук, Блесок бр. 46/Македонија е рудник на талентирани луѓе

Македонија е рудник на талентирани луѓе

интервју: Оливие Самујан, музичар и глобтротер

Јас немам финална дестинација. се надевам дека ќе го пропатувам светот многу пати. Кога свирам, чувствувам нешто екстремно силно во себе. Дури се случило сите околу мене да ја почувствуваат истата таа енергија. Е, тоа е успех, вели Оливие Самујан, мајсторот на виола, инструменталист и автор што со својата енергија ја плени овдешната супкултурна јавност

#1 Оливие Самујан е млад човек. Французин што следејќи го патот на љубовта полека ја освојува Македонија. Во последниве неколку години стана поголем скопјанец од мнозина родени во градов. Сопруг е на режисерката Теона Митевска и татко на четиригодишниот Каелиок. Има класична музичка наобразба и огромна желба за разбивање на предрасудите. Во музиката. Во животот. Студирал на џез академијата во Беркли и свирел по париските плочници. Денот вообичаено го почнува во Македонската филхармонија. Неговата насмевка ќе ја забележите и на некое од локалните попладневни матинеа во извиканите клубови во градов. Неуморен е на пробите со Проект Жлуст и Д.Н.О.. Велат дека студиото во Кисела Вода му е втор дом. Навечер свири концерт или со локалните мајстори на занаетот по којзнае кој пат го кажува својот музички завет. Ноќта ја чува за своите најмили и за да го скроти ѕверот во себе. Да поработи на нотите што допрва треба да ја видат виделината. Оливие за неверојатно кратко време стана вистинска овдешна урбана легенда.

#2Тулуз – Бостон – Скопје. Франција – Македонија. Се чувствува ли Оливие Самујан во своја кожа во средината во која сега важи за најценет и најангажиран странски музичар?
– Најубаво е кога патуваш со музиката. Секој нов ден, секоја нова дестинација е авантура. Малку по малку јас креирам мрежа помеѓу различните места каде што работам. Овој аспект е од голема важност за мене. Порано ги поврзував француските и американските уметници и организирав нивна размена. Оваа мрежа сè уште функционира помеѓу Њујорк и Париз и без мене, но можам да ја обединам кога и да посакам. Таа пред сè е силна конекција помеѓу различни луѓе, слична на онаа што во моментов ја имам со некои овдешни музичари, кои се дел од мојата моментална животна приказна, иако веќе утре можеби ќе заминам од Македонија. Тоа реално веројатно и ќе се случи идното лето, но ќе се враќам одвреме-навреме и ќе ја продолжам соработката со македонските артисти, кои се дел од мрежата што повторно почнав да ја обединувам. Од неодамна, кога станав татко, ги ограничив своите патувања и затоа повеќе се фокусирам на авторска музика. А, една од причините поради кои се враќам во Франција е продолжувањето на моите студии со Бернард Кавана, кој, според мене, е еден од најдобрите композитори.

Концерти на сериозна музика, џез, современа музика, член на бендовите Проект Жлуст, Д.Н.О. и на други многубројни локални состави што настапуваат по клубовите. Музичар што му гостуваше на последниот албум на Фолтин, соработник на Тони Китановски, автор на филмска и на театарска музика (Како убив светец…), извршен продуцент (Корин Летелиер квинтет) … Од каде енергија за сето тоа? Колку часа трае денот за Самујан?
– Многу ми е драго да работам со сите овие групи и музичари што ги споменавте и со многу други што не се спомнати. Мојот ден почнува рано наутро и завршува доцна во ноќта, како што претпоставивте. Спијам многу малку, но не се жалам, животот на музичарите е навистина пријатен. Исто така, тука е и моето семејство, кое доаѓа на првото место во мојот живот.

#3Како музичар што привремено живее и работи во Македонија, ја заокруживте ли сликата за овдешните артисти и услови?
– Во секој случај, има разлики. Прво, не постои музичка индустрија во Македонија. Некој може да биде дел од најпопуларната рок-група, да снима видеоспотови што постојано се појавуваат на телевизија, но на крајот на годината да продаде само 250 копии од неговиот албум (веројатно уште некоја копија на автопазар), и да свири за не повеќе од 50 евра, ако е упорен. Наспроти сево ова, Македонија навистина е рудник на талентирани луѓе и земјата е во навистина креативен период. Има многу театарски претстави, сликари, писатели, филмската индустрија оди на прав пат, има доста успешни класични музичари… Веројатно еден ден сето тоа ќе дојде до полн израз.

На каква музика Вие израснавте и што е она што би сакале да го свирите во иднина? Колку во Вашата визија за современа музика се вклопува Вашиот ангажман во Проект Жлуст и во Д.Н.О.? Ќе потпишете ли Вие лично, со Вашата виола, сопствен музички проект – албум на кој ќе се најдат материјалите од најразлични проекти, перформансите на Вук Митевски…
– Пораснав со секаков вид музика. Мојот татко знаеше да го отсвири Боб Дилан на својата гитара и хармоника, а потоа да ја слуша увертирата на Вагнер Танхаусер. Мојата мајка повеќе ги сакаше Боб Марли, Фела Кути и, поради нејзините корени, фламенгото. Израснав учејќи ја класичната музика и свирејќи го со француските Цигани легендарниот гитарист Џанго Рајнхард, мојата најголема инспирација. Во иднина би сакал повеќе да пишувам за големи ансамбли со многу инструменти. Имам илузија на величина („la folie des grandeurs“). Не би можел сета моја работа да ја ставам на еден албум бидејќи тоа би бил албум без концепт. Секој проект што сум го сработил се разликува еден од друг, дури и кога станува збор само за раководење.

#4Неодамна направивте пионерски чекор – од Марсеј, Франција, во Скопје го доведовте Корин Летелиер квинтет, во студиото Жлуст да го сними својот албум, со што стана првиот странски бенд што дошол во Македонија да го стори тоа. На тој начин ја почнавте Вашата идеја дека градов може да им понуди идеални услови на странските музичари за реализација на нивните проекти, со што на вистински начин ќе биде остварена комуникацијата со нив. Како ќе се одвиваат работите натаму околу сето тоа?
– Ќе направам сè за да ја развијам оваа идеја. Може да се направи добар бизнис со неа. Реално, така музичарите од Франција и од другите богати западни земји за многу пониски суми можат да дојдат и да снимаат во Македонија. Воедно, таквиот потег ќе им помогне на овдешните, несомнено квалитетни музичари и техничари, нудејќи ги своите услуги тројно да си ја зголемат заработувачката. Во моментов сум во преговори со една театарска компанија што сака да снима во нашето студио. Ако сме доволно паметни да се организираме, може да ни се отвори постојана работа. Всушност, во Македонија најголем проблем се организацијата, дисциплината и транспарентноста. Без нив ниту една сериозна компанија не би дошла овде.

Се зборува дека со Вашите музички собеседници го завршувате новиот проект на Проект Жлуст. Кога планирате тој материјал да ѝ го претставите на публиката и од што конечно зависи неговата судбина?
Проект Жлуст е комплексна група, која свири комплексна музика со комплексни луѓе, па затоа е мојата омилена група. Но со нив многу малку продуцираме музика, бидејќи секоја нота е полемична, секој од нас во бендот има свој персоналитет и секој од нас е продуцент. Но, можам да кажам дека ретко експериментирам на такви силни емоционални перформанси како кога свирам со нив. Досега снимавме во нашето студио во Кисела Вода со Бојан Угриновски, но поголемиот дел од материјалот ќе биде дополнително снимен во живо. Планираме да снимаме на 2 април, на Денот на македонската музика, со неколку гости. Можам само да ви кажам дека ќе бидеме повеќе од дваесетина музичари на сцената. Во поглед на дистрибуцијата, ќе направиме како и со нашите претходни два албума, за кои имавме договор со американско-израелска компанија, која ја дистрибуира нашата музика низ сите големи онлајн-компании во светот.

#5Теона Митевска, Вашата сопруга, ги привршува подготовките за својот нов филм. Ќе ја потпише ли Оливие музиката за проектот? Колку обајцата можете да се најдете на иста бранова должина во однос на таквите соработки?
– Со Теона секогаш сме имале меѓусебно разбирање. Таа е мојот прв консултант во работата. Соработуваме заедно, таа ги пишува текстовите, а јас ја работам музиката. Се работи за декадентна љубов, која навистина звучи одлично.

Живеете на релацијата Скопје – Париз – Њујорк. Како музичар и уметник, би ја одбрале ли Македонија како Ваша финална дестинација? Како место каде што би биле силно инспириран за творештво и од каде што би тргнувалe по патеките до успехот. Конечно, што е за Вас успех во кариерата?
– Па, да испијам коктел на врвот на некој рид над Охридско Езеро, каде што би го дишел свежиот антички воздух и би креирал прекрасна музика… Се шегувам, јас сум глобтротер. Немам финална дестинација. Се надевам дека ќе го пропатувам светот, многу пати. Кога свирам, ми се случува да чувствувам нешто екстремно силно во себе. Дури се случило сите околу мене да ја почувствуваат истата таа енергија. Е, тоа е успех. Не се случува постојано, но кога ќе се случи е најубавото чувство преточено во музика. Само таа може да ти го даде тоа.

звучен запис

2018-08-21T17:21:29+00:00 февруари 1st, 2006|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 46|