Кула од карти ќе му одолева на времето

/, Звук, Блесок бр. 32/Кула од карти ќе му одолева на времето

Кула од карти ќе му одолева на времето

Интервју: Никша Братош – продуцент

Според музичарите кои ја имале среќата да го имаат зад пултот во студиото и да ги користат неговите услуги, Никша Братош е „закон“. Тој е еден од најзначајните продуценти на Балканот и човек за кого се вели дека го обезбедува половина од успехот за секој дискографски проект. Навистина е предолга листата на албуми на кои е забележано неговото име како музичар (свири одлично гитари, клавијатури, виолина, кларинет) и особено продуцент. Таа должност ја имал во бендовите со кои своевремено настапувал, како Валентино и Црвена јабука, потем соработувал и со Жељко Бебек, Ибрица Јусиќ…, а како врв на неговата досегашна креативност се смета ангажманот на последниот студиски проект на најголемата хрватска поп ѕвезда Џибони – насловен како Миракул.
Во последните денови од април Братош престојуваше во Скопје кај својот стар познаник и соработник, нашиот гитарски мајстор Влатко Стефановски. Речиси десетина дена работеа на Кула од карти, албумот чие објавување Авалон продукција го најави за крајот на овој месец. Разговоров што следува е направен во една од кратките паузи што си ги дозволија обајцата музичари. А, уште на самиот почеток Никша ќе забележи:
– Морам да истакнам дека јас сум само ко-продуцент на албумот. Имено, продукцијата има неколку фази и оваа што сега ја работиме е завршната. Инаку, првата фаза, изборот на материјал, соработници, работата во студиото… си ја заврши Влатко. Сметам дека, по повеќе години, ова е негов прв албум кој клони кон поп музиката. Да кажеме кон поширокиот круг на слушатели. Мислам дека е ова е вистинскиот момент и вистинскиот пат за Стефановски. Сметам дека најнапред треба да ги собереш слушателите, за потоа нешто да им толкуваш. А, оваа плоча дефинитивно ја има моќта да ги збере луѓето.
* Можеш ли да повлечеш одредена паралела, да направиш споредба помеѓу последниот проект на Џибони и овој на Стефановски, со оглед на фактот дека се работи за врвни мајстори кои досега неколкупати меѓусебно соработувале, а ти си им ги продуцирал материјалите?

– Овој проект е навистина близок до оној што го потпиша Џибони. Не само по модерниот пристап на работите, туку и по аранжманите. Едноставно, Васко Серафимов, човекот кој направил аранжманските и ритмичките подлоги, клавијатурите… тоа го сторил на современ, модерен, добар и навистина квалитетен начин. Освен тоа, ова е плоча на која дефинитивно не е само битно некој толку добро да свири гитара. Тоа за Стефановски го знаеме одамна. Ова е и албум каде има и добри текстови и добри песни. Тоа е она што е слично со проектот на Џибони и што мене навистина ми се допаѓа.
* Колку ти е битно да соработуваш со големи мајстори, со музичари како Влатко или Џибо? Дали во секој иден проект влегуваш со однапред поставени критериуми дека не би сакал да работиш нешто што е обична „поп конфекција“?

– Мене, пред сè, ми е чест да соработувам со луѓе како нив. А, освен тоа, и големо задоволство. На крајот на краиштата, ако се земе во обзир сето она што се работи во некоја „конфекциска“ смисла, ова му доаѓа како некакво уметничко доживување, па затоа и ми е мило што можам да бидам дел од таквата екипа. Од друга страна, тоа се соработници кај кои не постои зборот „не може“. Сè е можно, само останува прашањето: Што ќе правиме сега? Многупати сме лимитирани со можностите на луѓето кои соработуваат. Овде тоа го нема. Останува само да се види колку нè послужила инспирацијата во дадениот момент.
Слободно ќе кажам дека ја имав таа среќа и привилегија да бидам дел од овој проект и да соработувам не само со Влатко, туку и со Корнелие Ковач, Ману Каче, Васко, со целата екипа, па и со Џибо кој пее во една песна. Сè на сè, ова е нешто со што на крајот јас лично ќе бидам апсолутно задоволен. А, тоа е убавината на оваа работа.
* Можеш ли да се сетиш на твојата прва средба со Влатко Стефановски? На што го базиравте натамошниот однос како професионалци?

– Најнапред, јас уште на самиот почеток направив договор сам со себе. Во однос на гитарите, кога е Стефановски во прашање, јас можам да донесам само кафе и евентуално да го одберам она што тој го отсвирел.
Нашата прва средба беше на една Бебекова плоча, некаде пред 15-тина години. Тогаш Жељко беше оној што инсистираше и одлучи да го прашаме Влатко, а јас како гитарист и негов вистински фан бев пресреќен што воопшто сме се чуле телефонски. Влатко дојде во студиото во Бошњаци (Босна и Херцеговина, н.з) и тогаш се договоривме за принципот на соработка за кој мислам дека и денес го почитуваме. Влатко ми рече: Јас ќе свирам, а ти земи си колку што си сакаш! Така, отприлика беше и на албумите на Џибони. Влатко ќе положи некаде на 10-тина канали извонредни гитарски сола и потем, јас имам по малку незгодна должност да исфрлам и нешто што е добро и не само добро, туку брилијатно отсвирено.

* Како можеш да се натераш себе да го сториш тој чин на отфрлање? И, не само при соработката со Стефановски, туку и со сите други врвни музичари со кои досега си соработувал?
– Тоа едноставно е моментот кога мора да се биде суров, но во една песна не може да има повеќе од три работи кои би го одвлекувале вниманието на обичните конзументи од нејзината суштина. Јас се раководам по тој некој принцип и едноставно го оставам она што во тој момент не само најдобро… се случува да испаднат еден куп уште подобри работи… туку и најнеопходно за да остане песната свежа, да трае. Добро, ги имаме гитарите, но ако на истото место може да легне уште поубаво труба, тука нема двоумење. Токму и поради тоа, морам, навистина морам, некои работи понекогаш да ги исечам, да ги оставам настрана.
* Се случува ли понекогаш да се спротивстават егата на две силни авторски личности и да дојде до конфликтни ситуации? Како е да се соработува со големите музички ѕвезди?

– Проблем на големо его имаат луѓето кои во меѓувреме не се докажале, не се покажале, не постигнале којзнае што. И, таквите луѓе настојуваат на било кој начин да го напумпаат своето его. Од друга страна, оние вистинските, луѓето кои се веќе признати, познати, докажани величини немаат потреба да се плеткаат со сопственото его. Тоа е за нив надмината работа. Понатаму прашање е само добрата соработка. Нам, всушност, ни е битно само она што е најдобро за песната. Па, ако е најдобро јас во тој момент да молчам – едноставно молчам.
* Колку успеваш да влезеш во „филмот“ на музичарите со кои соработуваш? Го имаш ли чувството дека си дел од оваа нова музичка приказна на Стефановски?

– Согласно на тоа дека имам доста носачи на звук со материјали од современата македонска музика, дури можам да кажам дека успевам некако да ги следам овдешните прилики, и не ми беше особено проблематично да влезам во филмот на Влатковиот последен албум. Особено ако ти е драг таквиот филм. Можеби тешко би влегол во филмот на неговиот претходник, на материјалот што го работел со триото. Едноставно не знам што би работел јас таму. Арно ама, од друга страна, пак, лесно би ми било да се снајдам со материјал како оној за саундтракот Gypsy Magic. Или, уште поарно, навистина е лесно со песни како овие за Кула од карти. Овде добро знам што треба да чинам.

* И, конечно, која би била твојата оценка за сработеното? Каде би го сместил ти овој албум на Стефановски?
– Мислам дека не успеав многу работи да расипам. Навистина имаше и премногу добар материјал, па затоа мене ми остана само да исчистам некои работи. Како што реков пред малку: сурово да ги исфрлам за да ја славиме песната.
Инаку, ако се обидеме албумот стилски да го сместиме во една фиока тоа тешко дека ќе ни успее. Тука има елементи на поп музика, благо е нагласено присуството на етно музиката, има елементи на џез… Во секој случај, се работи за квалитетна музика која не им е наменета на најмладите, не е нужно во овој момент модерна за по некое време да избледи. Дефинитивно Кула од карти ќе му одолева на времето еден подолг временски период. Види, кога со Влатко соработувавме на Џибониевиот – Људи, звири и бештимје, некаде пред речиси четири години, разговаравме каков би требало да неговиот следен албум. Сметам дека тогаш ги поставивме контурите на ова што сега го завршуваме. Се сеќавам дека во автомобилот го слушавме штотуку објавениот албум на СантанаSupernatural и разговаравме за тоа дека Карлос е голем гитарист, но и човек кој пишува одлични песни. Потем се префрливме на Клептон и заклучивме дека треба да се биде и гитарист и автор. Гласот да биде оној што ќе доминира, меѓутоа сепак во прв план да остане песната. Во ред, Влатко прекрасно свири гитара и тоа мора така да остане. Тоа се подразбира, но тука се и неговите песни.
* Некаде пред самиот крај на продуцентската работа, можеш ли да ни кажеш која од песните е твој фаворит?

– Да кажеме дека редоследот би бил ваков. Верба, надеж, љубов е една од оние кои се веднаш би ги одвоил. Потем тука се Песна за пријателот и Ова е Балкан. И, со насловната, Кула од карти, би го затворил тој мој некаков си избор на фаворити од овој албум.
* И, за крај, колку проектите како овој на Стефановски, или оној на Џибони, можат да бидат курентни на Запад? Колку она што се создава на Балканот може да ја издржи конкуренцијата на високобуџетните светски продукции?

– Ние, за жал, се наоѓаме на мал пазар. Јазичната бариера ни е голем лимитирачки фактор. Сум работел нешто малку надвор и сум бил во позиција да видам како сето тоа отприлика изгледа таму. Мене ми е јасно, впрочем како и на Влатко, дека не заостануваме многу зад нив. Дури имаме многу нешта да им понудиме. Од друга страна, ние можеме да сметаме само на пазар од 5, 10 или најмногу 20 милиони луѓе. Тоа објективно воопшто не ни дозволува да се бавиме две или три години со еден албум како што тоа го прават надвор за тоа да биде „светски производ“, како што знаеме да кажеме. А, кога вие пеете на англиски, ајде зошто да не и на шпански, тогаш излегувате на пазар од над милијарда луѓе што ви остава простор за педантна работа. Сепак, генерално мислам дека сме конкурентни на кој било пазар и освен тоа мислам дека сме во позиција да им понудиме навистина добра, за нив по малку егзотична, музика која тие ја немаат. Комбинација на балканската со источната музика, онаа музика што настанала како резултат на вкрстувањето на културите на сите оние што талкале по овие простори. Тие такво нешто немаат и не можат да имаат.

2018-08-21T17:21:42+00:00 јуни 1st, 2003|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 32|