Кој што ме чуе да пеам!

/, Звук, Блесок бр. 20/Кој што ме чуе да пеам!

Кој што ме чуе да пеам!

(Васка Илиева, 1927-2001)

И, ден-денес ја помнам заушката од татко ми. Една од ретките во мојот живот. Не оти беше за нешто важно… или, барем, така долги години ми се чинеше. Потстанарската собичка, таа пролетна приквечерина, беше претесна за песните на легендата и легендарните. „Сестра кани брата на вечера!“ – потпевнуваа заедно со Васка и Радио Скопје „старците“, а од мојот „Трубадур“ (марка грамофон), Џегер и Ричардс ја валкаа по земја “Satisfaction“. Пубертетлијата во мене ја силуваше до бескрај прекрасната убавина на уште еден обичен неповторлив ден од животот. И, логично од мојата најдрага сингл плоча останаа ситни парчиња, грамофонот беше во „аут“ баеги… а за да се гребам за ситнеж од моите ми требаше цела една вечност.
И, признавам, години потоа го „заполтував“ радиото кога ќе ја пуштеа Васка и кога гласот од приемникот ќе говореше за нејзините настапи во Австралија, Америка… за воодушевувањето на нашите таму, за топлиот прием, за солзите радосници… Признавам, залудни беа напорите на оној што најмногу му верував дека кодот на нашата македонска музика го носиме во вените, дека ансамблот „Танец“, Пеце Атанасовски,Тале Огненовски, Александар Сариевски, Никола Бадев, Кирил Манчевски, Васка Илиева, Вања Лазарова… се ненадминати уметници што ги цени и почитува Светот…
Дури, години од кога татко ми си „замина“ дозволив да ме допре вистината. Не оти ја баталив мојата „урбана“ музика, ами „просветлувањето“ ми дојде некако обично, само од себе. Со гордост што не може да се заузда, започнав да го сложувам мозаикот од изданија. Ги складирав и ги чував како реликвии. Потем, нималку не си се чудев на себе што во моментите на топлина само за спуштените очила на мајка ми оставав од CD-плеерот да потечат: „Земјо македонска“, „Променила ми се Пандора девојка“, „Кирајџиче јабанџиче“, „Кога падна на Пирина“, „Таму далеку вода ми дотече“… и заедно со неа и со тетка Васка, да си ги запеам до болка силните „Сестра кани брата на вечера“, „Мост ми ѕидале девет мајстори“, „Судбо, моја судбино“ и „Кој што ме чуе да пеам“.
И, згора да ја раскажам сторијата дека пејачката ѝ е речиси врсничка, родена е 1927 година во Скопје. И, потоа дека татко ѝ Тодор Бошков бил еден од првите гајдаџии во „Танец“, тетка ѝ Бонда Димишкова позната песнопојка, дека тие во 1950 ја зеле во Ансамблот… И уште за тоа оти подоцна станала солист на Радио Скопје, за ненадминатата убавина на нејзините дуети со Бадев и Сариевски. Лесно изговарав: Васка е една и единствена. Неповторлива. Знаев дека сè ми верува. Беше неизмерно горда кога, на програмата на Македонското Радио каде што до скоро работев, цел час разговарав токму со легендарната пејачка.
И, деновиве повторно заедно – генерациски ја слушаме Васка Илиева. Нејзиното издание од едицијата „Македонски фолклорни класици“. Повеќе од обично. На 4 мај годинава легендата си замина на ангелите горе да им ја опева Македонија. Сепак, ќе го правиме тоа упорно заради нашава овдешна вистина. Заради нашата реалност, нашиот дух и нашата опстојба.
Затоа наместо збогување, наново големо добредојде за песната на Васка Илиева, нејзиниот небесен глас, нашата ненадмината фолклорна традиција.

звучни записи

2018-08-21T17:21:58+00:00 април 1st, 2001|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 20|