Колтрејн и Велч: ПРОШЕТКАТА НА ЖИВОТОТ И МРАЧНАТА ДУПКА НА ЛИФТОТ

/, Звук, Блесок бр. 117/Колтрејн и Велч: ПРОШЕТКАТА НА ЖИВОТОТ И МРАЧНАТА ДУПКА НА ЛИФТОТ

Колтрејн и Велч: ПРОШЕТКАТА НА ЖИВОТОТ И МРАЧНАТА ДУПКА НА ЛИФТОТ

Слободата на испразнетото шише
Со овој лифт заминува само едно
Прошетка низ облакодерите и палмите
Есента на трубата


„…На Ален Г. Сè уште не му должам ништо, а ни на мајка ми. Заминав на југозапад. Збогум. Лу Велч.“

Вчера се загубив на улиците на Санто Доминго. Некои нешта не се смениле: мапите и понатаму не знам да ги читам како што треба, а телефонските апликации за навигација мојот телефон гордо ги одбива. Телефоните остануваат фини направи кои никогаш нема да научам да ги користам.
Се потпирам на љубезноста на странците. Поздравувам и ме поздравуваат. Лицето ми е пресериозно и се обидувам да го сменам. Замислувам дека градот е планина, дека облакодерите се шуми и дека морам да се свртам од морето за да ја најдам вистинската страна на планината. Размислувам за последниот ден на Велч. Морето ме влече кон себе и ги мрси конците.

Мораш од време на време да заборавиш каде си, да ги изостриш сетилата, со надеж дека тоа нема да се случи во погрешен кварт. Или токму таму треба да се случи. Жената во минување ми праќа насмевка. Бележам дека морам почесто да се губам. Чекорам во правец на морето размислувајќи да продолжам напред дури и кога ќе стигнам до брегот. Во следните 45 минути треба да се донесе битна одлука. Се прашувам каде е југозапад.
На 23 мај 1971 година, Лу Велч излезе од куќата на својот пријател и соборец, поетот Гери Снајдер, во планините на Калифорнија, оставајќи зад себе проштална порака. Во раката имаше пиштол Смит и Вестон, калибар 22, направен од челок што не ‘рѓосува. Неговото тело никогаш не е најдено. Можеби повеќе не е жив.

ПреводЕлизабета Баковска
2018-10-30T10:39:03+00:00 јануари 3rd, 2018|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 117|