Интервју со Џенифер Батен

/, Звук, Блесок бр. 27/Интервју со Џенифер Батен

Интервју со Џенифер Батен

#1 1. Раскажи нешто повеќе за твоите почетоци, кога започна да свириш гитара, дали тоа беше твој прв инструмент и, воопшто, кој те „запали“ за музиката?
– Почнав да свирам гитара кога имав 8 години. Земав часови и музички се описменив. Во основното училиште исто така свирев на кларинет. Ги слушав „Битлси“ и други поп состави од тоа време, тоа беше мојата инспирација за свирење покрај фактот што мојата постара сестра имаше гитара.

2. Дали постоеше некоја семејна музичка традиција врз која ти можеше природно да го продолжиш патот?
– Моите родители беа љубители на музиката, но не се занимавале професионално со неа. Мајка ми свиреше пијано, додека татко ми поседуваше неколку стари гитари и колекција од околу 3000 џез плочи.

3. Кои беа твоите најрани влијанија и дали тие го дефинираа твојот музички пат?
– Како што реков, во почетокот беа „Битлси“, но во тинејџерските години се „навлеков“ на блуз. Свирев заедно со плочите на Б.Б.Кинг, потоа ги „запознав“ „Алман Брадерс“ и на крајот го „открив“ Џеф Бек кој од тој момент претставува сето она што за мене значи музиката.

4. Дали си самоук музичар или некој ти помогна околу основните работи на твојот инструмент?
– Земав часови од локални музичари подолго време насекаде каде што одев со семејството. Се запишав и на „Гитарскиот институт за технологија“.

5. Кој период лично го сметаш како најголема сатисфакција за тебе како музичар или сметаш дека тој допрва претстои?
– Сметам дека тој период е пред мене, секогаш постојат добри и лоши свирки, така што повеќе сум свртена кон иднината.

6. Кои беа, доколку имаше такви, твои гитарски идоли и зошто?
– Б.Б.Кинг, Дјуен Алман. Го сакав нивниот тон и чувството, потоа се случи Џеф Бек. Од него слушнав неверојатни звуци кои успеа да ги извади од гитарата, нешто дотогаш нечуено. Неговото чувство е толку супериорно во однос на останатите, додека оригиналноста и креативноста се инспиративни.

7. Кои се твоите омилени музичари во моментот, не мора да бидат од гитарската бранша?
– Додека слушам, одам низ радикални фази. Во моментот работам промоција на „Вошберн“ гитари, акустичен модел МВ300 така што многу ги слушам Мајкл Хеџис и Адријан Лег. Исто така сакам нешто од европската техно музика како „Продиџи“ и „Тектоникс“ на Адан Фриленд.

8. Можеш ли да ги кажеш твоите 5 албуми за пуст остров?
– Два албуми од Џеф Бек: „Озвучен“ и „Удар по удар“, потоа „Така“ на Питер Габриел, првиот албум на „Дип форест“ и „Заминат господин“ на „Ведер рипорт“.

9. Имаш настапувано на иста сцена со многу познати музички имиња, постојат ли некои моменти кои ти останале во сеќавање како нешто особено интересно?
– Ја паметам фрустрацијата на Џеф Бек кога му пукна жицата од гитарата на фестивалот во Рио за време на песната „Каде беше“, потоа неговиот ритам гитарист имаше технички проблеми така што Џеф ја скрши својата гитара во парчиња и ја напушти сцената! Исто така настапот на „Супер баул 26“ со Мајкл Џексон за мене беше набиен со адреналин.

#2 10. Дали самата ги пишуваш своите композиции или користиш и материјал од други автори?
– Воглавно пишувам сама, правам демо снимки кои ги давам на бендот и потоа ги разработуваме песните заедно.

11. Дали сметаш дека денес музичарите имаат комплетна слобода во креативна смисла или музичката индустрија диктира како и во кој правец да се одвиваат работите?
– Секој има потполна слобода да работи како што сака, но секогаш постои прашање колку луѓе ќе сакаат да го купат тоа. За да влезеш во големата лига како Мадона, секогаш постојат одредени правила според кои можеш да очекуваш радиото да ги пушта твоите песни.

12. Дали си задоволна со досега постигнатото во твојата кариера?
– Да, работев со неколку најголеми ѕвезди во бизнисот, но што се однесува до моите соло проекти, сè уште се развивам и тешко ми е да го проценувам она што го направив во минатото.

13. Гитаристите обично се колекционери на гитари; како ти гледаш на тоа, кои модели ги поседуваш и ги користиш најмногу?
– Не сакам да собирам гитари бидејќи не сакам да менувам жици. Мојот фаворит е „Вошберн“ модел ЈБ100 со синт пикап кој го користам речиси во секоја прилика, додека од акустични гитари го преферирам „Вошберн“ моделот МВ300.

14. Која е твојата базична опрема за студиото и сцената?
– Воглавно користам „5150 Пиви“ глава, додека за сцената често менувам опрема, но секогаш мора да биде присатен „Миди Бади“ (миди свичер), „Дигитек Веми“ педалата, како и педалата за јачина, модел „Џеф Бек“. Исто така имам конекција на гитарата со „Роланд 1080“ за поголем дијапазон на звуци и „Роланд ГИ“ за миди конверзии.

15. Твојата соло дискографија не е особено голема, додека твоите снимки како гостин имат „голема тежина“, како го коментираш тоа?
– Мене ми треба многу време за да бидам задоволна со конечниот „производ“, потоа често одам на турнеи за да преживеам, така што моето студиско време често се прекинува со обврската да патувам.

16. За кој од досега снимениот материјал сметаш дека е најдобар?
– Секако мојот соло материјал, на пример солото во „Шкотланѓанец на Карибите“ или „Зулу свадба“ можам да ги издвојам како нешто најдобро од мене.

17. Кои се членови на твојот придружен состав?
– Во моментот работам на новото ЦД сосема сама, така што ми треба повеќе време. Тоа значи дека немам никакви планови за турнеи, така што не знам кој ќе биде во можност да настапува со мене кога ќе се создадат услови.

#3 18. Девојки гитаристи не се честа појава на сцената, дали контактираш со некои од нив и кои би можела да препорачаш?
– Линда Тејлор е одлична, таа свири во ТВ шоуто „Чија е оваа реплика“. паметам и една девојка која настапи на саемот во Франкфурт минатиот месец и која звучеше извонредно. Среќавам гитаристки од време на време, но ова е тежок бизнис, така што е тешко сите да успеат и да се искачат до врвот. Слушнав дека новиот гитарист на „Лимп Бизкит“ е жена и дека е супер, така што тоа можеби ќе придонесе работиве драстично да се изменат.

19. Имаш ли во план некоја европска турнеја наскоро?
– Имам закажано свирки како демонстратор на нови модели на „Дигитек“ во Германија, Франција, Шпанија и Англија, а потоа следуваат нови промоции на моделите на „Вошберн“ низ САД.

20. Има ли можности да те видиме и во Македонија во блиска иднина?
– Обично моите концертни активности не ги предвидувам за подолг период однапред, но сите свирки ќе бидат најавени на мојот вебсајт штом ќе ги догорорам. Македонија? Зошто да не?

звучен запис

2018-08-21T17:21:48+00:00 август 1st, 2002|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 27|