Интервју со Хајди Елзесер, Ансамбл Artwork, Германија

/, Звук, Блесок бр. 60/Интервју со Хајди Елзесер, Ансамбл Artwork, Германија

Интервју со Хајди Елзесер, Ансамбл Artwork, Германија

Ансамблот Artwork, кој изведува современа музика е активен на германските музички сцени повеќе години. Ансамблот изведува современи музички дела и учествува во различни музички проекти во Германија и ширум Европа. Ансамблот го сочинуваат двајца пијанисти и двајца перкусионисти. Оваа година, тие настапија со концерт во рамките на манифестацијата „Денови на македонска музика“, изведувајќи дела од светски и македонски композитори. Разговараме со Хајди Елзесер, основач и член на ансамблот Artwork.

Д.П. Кажете ни нешто за вашата музичка позадина?
Х.Е.
Родена сум во Скопје, каде дипломирав на одделот по пијано на Факултетот за музичка уметност. Паралелно со моите студии во Македонија, неколку години студирав во Париз. По дипломирањето, неколку години работев како асистент на ФМУ, меѓутоа после извесно време сфатив дека треба да продолжам со моето образование. Се преселив во Германија, во малиот град Детмолд, во кој постои одлична музичка академија. Таму ги завршив постдипломските студии по пијано. Некое време потоа работев во Детмолд како асистент на мојот професор, а истовремено бев и корепетитор на истата институција. Во тој период одржував концерти низ цела Европа од сите видови: соло рецитали, камерни концерти со различни музичари. За мене е многу значајно да истражувам нови музички светови и да ги споделувам со други музичари.

#1 Д.П. Ајде да зборуваме за ансамблот Artwork. Од каде потекна идејата за неговото формирање и која е неговата raison d’être?
Х.Е.
Идејата за формирање на ансамблот Artwork произлезе на спонтан начин. За време на студиите во Детмолд, имавме можност да ги посетуваме работилниците и концертите на класата по ударни инструменти на професорот Петер Промел. Влегувањето во овој свет за мене претставуваше фасцинантно искуство. Музичката академија во Детмолд е релативно конзервативна музичка институција, каде најголемо значење ѝ се придава на класичната музика. Светот на класата по ударни инструменти е свет на денешната музика. Студентите главно се стимулираат да настапуваат како камерни музичари и солисти, како и оркестарски музичари. На тој начин, јас открив свет на звуци кој беше нов за мене, открив дека ударните инструменти не создаваат само ритам, туку и музика, креираат незамисливи и прекрасни звуци, бои и форми, коишто можат да допрат длабоко во нашите битија. По некое време имав среќа да добијам понуда од професорот Промел да започнам да работам со класата.
Сфатив дека со некои од луѓето со кои работев се разбираме одлично, така што решивме да формираме ансамбл. Инспирирани од Сонатата на Барток, формиравме ансамбл за две пијана и два перкусионисти. Идејата беше да изведуваме дела од живи композитори, да ја промовираме денешната музика, но исто така да изведуваме дела од 20 век, во соработка со други инструменталисти – не секогаш како квартет, туку соло, во дуети, триа итн. На тој начин се создава разновиден и сликовит концертен репертоар кој е атрактивен за публиката, што е особено важно.

Д.П. Дали стилот на ансамблот се менува паралелно со неговиот репертоар?
Х.Е.
Не мислам дека се менува. Стилот на изведба генерално останува ист, или евентуално се менува во зависност од природата и потребата на делото кое се изведува.

Д.П. На кој начин ги прилагодувате различни стилови на изведба и постигнувате хомогеност и интеграција во свирењето?
Х.Е.
Тоа е причината заради која е тешко да се најдат музички партнери. Не станува збор за различни стилови во изведба, туку за различни музички природи. Во музиката е исто како во животот: се среќаваш со некого, го запознаваш, со обидуваш да развиеш контакт, со денови, месеци, но некако комуникацијата останува сува и здодевна, некреативна. Или, среќаваш некого, ја познаваш таа личност неколку часа, но чувствуваш дека има многу што да размениш со неа, да споделиш, како да се познавате неколку години. Во и преку музиката ние комуницираме меѓусебно на едно поинакво ниво кое е посуптилно и подиректно. И тоа е нешто што или се случува, или не.

Д.П. На кој начин ги избирате делата за вашите концерти?
Х.Е.
Репертоарот го избираме во согласност со концертот на кој треба да настапиме, или едноставно, тоа се дела што ни се допаѓаат. На „Деновите на македонска музика“ настапивме со делото Камбани од композиторот Гоце Коларовски.

Д.П. Како ја балансирате потребата да внесете сопствена „нота“ во музиката која ја свирите, и во инвенцијата на композиторот којшто ја напишал?
Х.Е. Ние сме сите индивидуалци. Без оглед колку се трудиме да бидеме објективни, светот го гледаме низ нашата сопствена перспектива, имајќи го сопственото минато зад нас. Тоа значи дека без разлика колку објективно се трудиме да интерпретираме одредено музичко дело, секогаш постои „лична нота“ во него. Колку е поголемо убедувањето (околу интерпретацијата) – поголема е „личната нота“ во него. Всушност, нема потреба да се внесува во делото. Таа постои таму.

2018-08-21T17:21:11+00:00 јули 3rd, 2008|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 60|