Интервју со Хавиер Варгас

/, Звук, Блесок бр. 23/Интервју со Хавиер Варгас

Интервју со Хавиер Варгас

#5 Хавиер Варгас секако е еден од најквалитетните експоненти на европската блуз сцена, со кредибилитет кој оддалеку ги надминува нејзините рамки, според она што досега го има постигнато во кариерата. Редовен гостин на најзначајните светски блуз фестивали (како ѕвезда, а не како нечија предгрупа) и во соработка со најголемите светски блуз имиња го сместува Хавиер Варгас во врвот на современиот блуз идиом. Во ексклузивно интервју за читателите на „Блесок“, Хавиер открива некои непознати детали од својот живот и кариера, ги искажува своите музички афинитети и едноставно зборува за блузот како својата животна определба.

Можеш ли да ми кажеш нешто за твоите музички почетоци? На пример, кога започна да свириш, дали гитарата беше твој прв инструмент кој некако го определи твојот музички исказ?
Започнав во Аргентина некаде во 1969 година и уште на почетокот знаев дека мојот инструмент е гитарата. Всушност, татко ми ми ја купи првата гитара, беше електрична и мошне ефтина.

Дали некој во твоето семејство активно се занимаваше со музика, така што си можел природно да го следиш тој пат?

Мојот вујко свиреше виолина и сите во семејството ја сакаа музиката, но само јас се определив да ѝ го посветам целиот свој живот.

Кои беа најраните влијанија кои на некој начин ја дефинираа твојата музичка патека?

Мои први влијанија беа Џими Хендрикс, Лед Цепелин, Б.Б.Кинг, Френк Запа, Тен Јирс Афтер, Кактус, Блек Сабат, Крим… Во мојот музички пат јас ги собрав овие блуз и рок влијанија, но покрај тоа и латино американски елементи како и соодветна доза на психоделичен звук.

#1 Дали си самоук музичар или имаш некое формално музичко образование?
Да, јас сум самоук, имав еден кус период со неколку музички лекции кога бев дете, во Аргентина.

Кој период во кариерата го сметаш за најзадоволителен?

Најдоброто допрва треба да дојде!

Роден си во Шпанија, каква е сцената таму?
Во Шпанија има многу љубители на блузот, но не можам да кажам многу бидејќи живеам во САД и таму доаѓам само на свирки. Во секој случај, има добра блуз сцена со одлични музичари, особено гитаристи. Шпанија и инаку е позната по гитаристи со различни стилски определби.

Во твојот музички израз, забележлива е синтезата на блузот со сегменти на традиционалната шпанска музика. Дали тоа беше твоја идеја или едноставно се случи?

Јас ја сакам фламенко музиката, а и латино ритмите, сакам да експериментирам со музиката воопшто. Така, кога еднаш ја направив споменатата синтеза, ми се допадна и тоа го правам и ден-денес!

Кои беа твои, доколку ги имаше, гитарски херои и зошто?

#2 Џими Хендрикс, бидејќи беше од друга димензија. Џими Пејџ, бидејќи го пронајде хард рокот. Алвин Ли, поради неговите брзи прсти. Џеф Бек, поради начинот на кој неговата гитара зборува. Б.Б.Кинг, бидејќи е крал на блузот. Алберт Кинг, поради карактеристичното „фразирање“. Стиви Реј Вон, поради неговата свежина и блуз енергија.

Кои се твои омилени музичари во моментот, без оглед на жанрот?

Астор Пиацола, Мајлс Дејвис, Камарон, Принс, Ерик Клептон, Крис Дуарте.

Кои би биле твои 5 албуми на пуст остров?

Beatles – Sgt. Pepper
Led Zeppelin 2
Jimi Hendrix – Electric Ladyland
Stevie Ray Vaughan – Texas Flood
Albert King – Blues Power / Live At Fillmore West

Во твоите бројни настапи со најголемите имиња во блузот и рокот, секако има настани кои ги паметиш?

Никогаш нема да го заборавам џемсешн-от со Џуниор Велс.

Како и каде добиваш инспирација за пишување музика?

Во 1974 година кога живеев во САД, почнав да пишувам музика, инспириран од она што го слушав на радио и во клубови.

Дали сметаш дека музичарите имаат комплетна слобода во креирање музика или музичката индустрија диктира по кој терк ќе се оди?

За жал, мораме да се соочуваме и да соработуваме со споменатата индустрија.

#3 Со оглед на твојата посветеност кон музиката, дали наоѓаш доволно време и за своето семејство?
Во мојот живот постојат само две работи: моето семејство и музиката, овие две работи одат заедно и функционираат како што посакувам.

Дали имаш сопствено студио за снимање или снимаш на друго место?

Имам свое студио дома, но правам само демо снимки. Кога “вистински” снимам, тогаш ги користам најдобрите студија што можам да ги најдам.

Гитаристите обично се и колекционери на гитари, дали и со тебе е таков случај? Кои модели преовладуваат кај тебе и има ли некоја гитара што најмногу ја користиш?

Да, точно е. Имам солиден број на гитари во кои преовладува марката Фендер Стратокастер, мојот фаворит е Стратокастер од 1964.

А, што се однесува до опремата, што најповеќе користиш во студиото и на сцената?

Фендер, Маршал, Солдано и сето друго што звучи добро!

#4 По твојот успешен пројект „Мадрид – Чикаго“, што е твојот следен чекор?
Во моментот снимам нов албум кој ќе биде комбинација на блуз-рокот со латино американски призвук!

Планови за во иднина?

Нека биде како што е сега, да свирам и да пишувам музика.

Ти благодарам и очекувам да се видиме во Македонија!

Се надевам!

звучни записи

www.vargasblues.com

2018-08-21T17:21:53+00:00 ноември 1st, 2001|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 23|