Интервју со Коко Тејлор

/, Звук, Блесок бр. 21/Интервју со Коко Тејлор

Интервју со Коко Тејлор

„Ги паметам светлата на градот“

– На која возраст ја започнавте кариерата во музиката?
#1 Почнав да пеам уште како дете зад нашата куќа заедно со моите браќа и сестри. Во Чикаго дојдов кога наполнив 18 години.

– Дали музиката беше некоја традиција во Вашата фамилија и каква врста музика најповеќе сте слушале во тоа време?
Слушавме и пеевме госпел, но ние деца сите сакавме и блуз. Обично ги слушавме радио емисиите на Б.Б. Кинг и Руфус Томас, ги учевме и пеевме сите песни што ги слушавме.

– Кои беа Ваши први музички узори, односно што најповеќе Ви се допаѓаше?
Песната „Блуз на црниот стаорец“ на Мемфис Мини беше една од моите најомилени.

– Покрај пеењето, дали свиревте и некој инструмент?
Не, иако по малку свирам гитара од време на време, онака, за своја душа.

– Чиј вокален стил Ви остави најголем впечаток и дали „позајмувавте“ по нешто?
Мемфис Мини ми „влезе во коските“ повеќе од било кој друг.

– Каде сте родени?
Во близина на Мемфис, Тенеси.

– Кога пристигнавте во Чикаго?
Дојдов во Чикаго на 18-годишна возраст. Јас и мажот ми Попс пристигнавме со „грејхаунд“ автобусот со 34 центи во џебот и кутија кекси.

– Како и кога склучивте договор со „Чес Рекордс“?
Од време на време пеев со составот на Хаулин Вулф и една вечер ми пријде Вили Диксон и ми рече: „На светот му треба жена која може да пее блуз како тебе“. Веднаш потоа се случи и договорот. Јас немав поим како изгледа договор, а камоли да знам како изгледа студио за снимање, но така се случи.

– Дали тогашната сцена беше тешка за „женските“ блузери, дали имавте пријатели меѓу блузерите?
Мади Вотерс беше мојот број еден! Ги сакав сите, Хаулин Вулф, Вили Диксон, Бади Гај, Б.Б.Кинг, Лутер Алисон.

– Како се снаоѓавте со репертоарот, дали некој пишуваше специјално за Вас или интерпретиравте и композиции од други изведувачи?
Вили Диксон ме научи да пишувам песни и јас секогаш слушам музика, така добивам идеи или песни кои ми се допаѓаат.

– Кои беа Ваши омилени музичари во тоа време, оние со кои настапувавте или некои други?
Сите заедно. Јас сакав да слушам блуз.

#2 – Кој најмногу го подржуваше вашиот талент?
Моето семејство, мои пријатели, но Вили Диксон ми помогна најмногу од сите.

– Во тоа време Чикаго беше блуз центар на светот, какви се Вашите спомени на тие денови?
Ги паметам светлата на градот кога првпат дојдов. „Господи“ – си помислив, „ова мора да е рај!“. Секој викенд одевме да слушаме некоја блуз свирка.

– Како се случи договор со „Алигатор Рекордс“?
По „Чес Рекордс“, разбрав дека Брус (газдата на „Алигатор“ н.з.) направи фирма. Постојано му се јавував за да снимам за него, но тој не беше подготвен. Конечно успеав да го убедам да ми даде шанса. Тоа се случи во 1974 и од тогаш сме заедно!

– Значи, тој беше „одговорен“ за вашата врска со „Алигатор“?
Како долгогодишен брак, тој е одговорен за мене, а јас за него (ха ха ха!).

– Кога размислувате за Вашите снимки, дали сте наполно задоволни или сметате дека нешто можеше да се направи и поинаку?
Секоја песна од секоја плоча е направена во моето срце за сите мои почитувачи.

– Какво е Вашето мислење за моменталната состојба на светската блуз сцена?
Толку многу „олдтајмери“, за жал, се отидени, Џуниор Велс, Лутер Алисон, Попс Стејплс, но има многу млади кои свираат блуз и тоа е добар знак.

– Дали има млади дами кои пејат блуз, која во моментот најмногу Ви се допаѓа?
Мило ми е што можам да кажам дека има, особено Шимика Коупленд!

– Настапувавте низ целиот свет, има ли разлика во тоа како луѓето го прифаќаат блузот во различни делови на нашата планета?
Луѓето ширум светот го сакаат блузот. Моите љубители знаат дека мојата музика ги прави среќни.

– Дали имате свој редовен редовен состав за настапи?
Да, моментално со мене се Калвин Лауден, Мелвин Смит, Стенли Бенкс, Брајан Паркер и Шан Кикјута.

– Кои се ваши омилени песни?
Мои љубители ми кажуваат кои песни најмногу им се допаѓат и ги бараат од мене кога настапувам. Тие песни воедно и мене ми се најдраги.

– За крај, порака до љубителите на блузот во Македонија?
Благодарам што ме слушате, се надевам дека ќе се сретнеме еден ден.

звучни записи

2018-08-21T17:21:56+00:00 јуни 1st, 2001|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 21|