Интервју со Кирил

/, Звук, Блесок бр. 25/Интервју со Кирил

Интервју со Кирил

Волшебен хаос и нови искушенија

#1

Кирил Џајковски, една од гордостите на современата македонска музичка сцена и авторот чија музика не ги остави рамнодушни сите оние што ја чуле, на 16 март годинава ќе стави потпис на првиот навистина голем перформанс пред овдешнава публика. Со „поддршката“ Shale vs. 2SP-1 и Никола (100% Pure/Concept Fragments) и специјалниот гостин Никола Коџабашија, на видео арт од Милчо Манчевски и во продукција на Трето уво, тој грижливо подготвуван перформанс ќе го обвистини во хала 1 од Скопски саем. Во пресрет на ова случување ја документираме сторената e-mail конверзација.


ЉЈ:
По толку време, поминато најнапред со Бастион, потоа со Леб и сол, и конечно со многу проекти зад своето име, сметаш ли дека конечно ја најде вистинската музика во себе?
КИРИЛ
: Се надевам дека на ова прашање никогаш нема да најдам одговор. И не знам дали има потреба. Мислам дека самата потрага по „вистинското“ е таа движечка сила што те тера да одиш напред, а тој процес не би сакал да запре или пак да се компромитира. Има една изрека која вели „добар си колку и твоето последно дело“. Таа на немилосрден начин го дефинира таквиот процес.
ЉЈ:
Ако е тоа така, како гледаш на својот развоен пат? Започна со електро-поп, кој своевремено беше новина на просторот на некогашна Југославија, со потенцијал кој за жал, од неразбирливи причини остана недоискажан и смисла за поинакво визуелно изразување (овде мислам на спотовите што ги направи Милчо Манчевски, а беа забранети за емитување), за потем да бидеш активен чинител на дефинитивно најкомерцијалниот период од делувањето на Леб и сол и конечно со проектите кои всушност те вратија на првичната идеја.
КИРИЛ
: Хронолошки гледано, се добива впечаток на затворање на кругот, како во однос на музиката така и во однос на луѓето со кои сум соработувал, но сето тоа јас не се обидувам да го толкувам на овој или оној начин. Оставам волшебниот хаос на историската непредвидливост да ме става пред нови искушенија.
ЉЈ:
Извонредно интересен е периодот на твојот престој во Австралија. Најнапред таму работеше со една тамошна група, потоа се нафрли врз продукција на рекламни џинглови, потем оствари извонредно плодна соработка со Влада Дивљан (проектот Апаратчикс), за да активно учествуваш во реализацијата на два албума на Кисмет и конечно ја етаблираше сопствената издавачка етикета, за која беа издадени твоите проекти.
#2 КИРИЛ:
Мојот престој во Австралија пред сè го гледам како големо животно искуство. Имав среќа да соработувам со навистина талентирани луѓе, кои во исто време беа и добри пријатели што секогаш е предност. Сите тие проекти беа драгоцено искуство и чекор понатаму во моето музичко созревање. Формирањето пак на сопствена етикета е повеќе неминовност во независната продукција, отколку некаков амбициозен издавачки потфат.
ЉЈ:
Во последно време си сè повеќе во Македонија. Значи ли тоа дека се откажа од работата на два фронта или можеби е тоа само привид, затоа што твоите материјали ги бришат не само временските, туку и просторните граници?
КИРИЛ:
Јас секогаш се трудам она што го работам да функционира вон временските и просторните граници, па од тој аспект не се врзувам за одредени територии. Тоа не значи дека местото каде што живеам не влијае врз она што го работам или дека местото од кое потекнувам не го одредува, во извесна мера, она што сум.
ЉЈ:
Наспроти востановените шаблони на еден актер од поп-сцената, сè почесто те среќаваме како потписник на „наменска музика“. Тоа подразбира дека оствари извонредно плодна соработка со Александар Поповски и посебно со Милчо Манчевски. Дали тоа можеби е изразот што те провоцира како творец на современа музика?
КИРИЛ:
Правењето наменска музика за мене е многу инспиративно. Ти дава мозност да се поигруваш со разни музички стилови и да се пробаш со зададените форми. Честопати те тера да влезеш во неиспитани територии, а вкусот на уметничката авантура е најпривлечното во таа работа. Вклопувањето на музика во заокружувањето на една филмска или театарска приказна е магија која опчинува и нешто со кое би се занимавал засекогаш.
ЉЈ:
Дали тој тип на музика бара поголем ангажман, време, искреност, истражување, копање во себе?
КИРИЛ:
Сите тие вредности што ги наведуваш сè и треба секогаш да бидат дел од било кој ангажман.
ЉЈ:
Многу е интересен и твојот пат до традиционалната музика. Започна со користење на семплови во дел од твоите оригинални композиции, фрлајќи ги во иднината, за да потем соработуваш со Вања Лазарова, во проект кој за мнозина беше вистинско ремек-дело, Ритмистика. Како дојде до изворната македонска музика и колку таа и натаму може да ти биде особина според која ќе те „идентификуваат“ во светот?
КИРИЛ:
Експериментирањето со нашата изворна музика некако природно се наметна како дел од личното културно наследство. Мислам дека тоа му дава силен печат на она што го правам во електронската музика. Но не сакам тоа да се претвори во некаков шаблон, некаква формула по која ќе ги работам следните проекти. Сè додека има смисла и уметничка оправданост, ќе биде дел од мојот музички израз.
ЉЈ:
Претпоставувам дека токму ди-џеј сетовите ќе бидат основа за твојот голем концерт што треба да се случи на Сајмиште, иако дознавам дека подготвуваш и екипа која ќе те придружува во живо. Сметаш ли дека е тоа иднината на современите перформанси?
#3 КИРИЛ:
Овој пат настапувам придружуван од група и тоа е нешто што од секогаш сум сакал да се обидам да го направам – вистинска комбинација на електроника со музичари во живо. Мислам дека тој спој дава многу интересен резултат, & дава на електронската основа една посебна густина и возбудливост. Исто така на Сајмиште ќе се појави мала група музичари од Македонската филхармонија, а во која функција нека остане мало изненадување.
ЉЈ:
Каде, според тебе оди современата музика, посебно електронската?
КИРИЛ:
Тешко е да се предвидува во некои конкретни формулации како ќе се развива електронскиот звук. Денес електронската музика е голема индустрија и веќе е дел од она што представува меинстрим. Од друга страна технологијата овозможува супериорна контрола врз продукцијата на ваквиот вид музика што олеснува и ќе олеснува да се создаваат правци и подправци, нови и прогресивни музички стилови, а сето тоа независно од големите буџети на дискографските куќи.
ЉЈ:
Колку имаш увид во она што се создава на полето на музиката кај нас? Си нотирал ли нешто посебно и колкава се шансите на она што е наша звучна реалност да излезе во светот? Знаеме ли, се научивме ли, да комуницираме на еден модерен, современ начин со издавачите, промотерите…?
КИРИЛ:
Сите знаеме дека кај нас постојат многу талентирани луге и дека се прави квалитетна музика. Многу од нив се пласирале во странство и тоа со голем успех. Не гледам зошто тој тренд не би продолжил и понатаму. Нашите промотери и издавачи во дадените услови мислам дека одлично си ја вршат работата, а денес комуникацијата со „светот“ е секојдневие, потребно е само компјутер и телефонска линија. Останува само да се негува онаа најважна и најделикатна комуникација – комуникацијата со себеси.
ЉЈ:
Помина доста време од објавувањето на саундтрекот за Прашина. Во меѓувреме ја направи музиката за претставата Дракула. Колку што знам, го подготвуваш и материјалот за новиот албум. За кога е планирано неговото излегување, кои луѓе ти помагаат во реализацијата и под чија етикета ќе се појави?
КИРИЛ:
Сè уште е рано да планирам објавување на нов албум. Тоа би се случило најрано на есен. Би сакал летово да е готов, ама тоа не можам да го гарантирам. Планирам да биде двоен албум, ќе има разни гости, но не знам кој би бил издавачот… Ако стигнам, во меѓувреме ќе издадам компилација од театарска музика.

музиката на Кирил е достапна на неговиот веб сајт (www.kiril.com.mk)

2018-08-21T17:21:51+00:00 март 1st, 2002|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 25|