Интервју со Ким Симондс

/, Звук, Блесок бр. 17/Интервју со Ким Симондс

Интервју со Ким Симондс

„Ја сакам музиката повеќе од себеси!“

#3 1. На која возраст започна да свириш гитара?
– Имав 13 години.

2. Дали потекнуваш од семејство со некаква музичка традиција?
– Не, јас бев единствениот музикален… Додуша, мајка ми сакаше да танцува!

3. Какви беа твоите први музички искуства, каква музика слушаше пред да започнеш кариера во музиката?
– Во почетокот слушав поп музика од педесетите години… Џони Реј и слично. Потоа Бил Хели и Елвис Присли. Потоа ритам и блуз и блуз. Решив да свирам чикаго блуз откако ги слушнав Ерл Хукер и Мади Вотерс.

4. Кој те „навлече“ на блузот, односно дали беше, едноставно, природно да станеш блузер?
– Мојот постар брат ги имаше сите плочи. Јас го имав природното чувство за музиката.

5. Кои беа твоите најрани блуз влијанија, односно како дојде во допир со таа музика, преку радиото, плочите, концерти?
– Колекцијата плочи од брат ми за мене беше почеток. Ритам и блузот беше популарен во Англија во раните шеесети години и плочите тогаш беа достапни.

6. Пред да го формираш „Савој Браун“, дали свиреше и во некои други бендови?
– „Савој Браун“ беше мојот прв бенд.

7. Како се случи „Савој Браун“?
– Се запознав со Џон О’Лири, свирач на усна хармоника, којшто исто така го сакаше блузот и тоа беше катализатор да започнеме со бендот.

8. Дали таканаречениот „британски блуз бум“ во средината на шеесетите години беше некаква спонтана реакција на блуз звуците што доаѓаа од САД или беше коинциденција што британските бендови почнаа да се оформуваат во исто време?
– Тоа не беше „таканаречениот“… Тоа беше вистинската работа! Сето тоа беше базирано на американските плочи.

9. Кога го започна „Савој Браун“, каква беше твојата основна идеја за бендот, да ги следиш стапките на црнечките изведувачи или да се обидеш тоа да го помешаш со твоите сопствени идеи?
– „Савој Браун“ беше британската верзија на бендот на Мади Вотерс! Едноставно сакав да ја „фатам“ таа магија на блузот, но секогаш со додаток на моите креативни аранжмани.

10. Добар број на вокалисти продефилираа низ бендот, кој беше твојот омилен пејач?
– Крис Јулден.

11. Според мене, периодот кога Крис Јулден беше пејач во „Савој Браун“ беше најуспешен во комерцијалната како и квалитетната смисла, дали се сложуваш?
– Не баш во комерцијалната смисла… но тоа дефинитивно беше златен период за мене. Најголем успех за „Савој Браун“ беше плочата „Воз за пеколот“ во седумдесетите години.

12. Дали тогаш постоеше некаква конкуренција помеѓу британските бендови, дали бевте пријатели со другите бендови?
– Јас бев пријател со сите. Но сите ние сметавме дека сме најдобри!

13. Дали имаше некој омилен британски блуз бенд во тие денови?
– Јас секогаш бев фан на Џон Мејл.

14. Што мислиш за тогашната британска сцена и нејзиното влијание врз европскиот блуз потоа?
– Тоа беше најкреативен период во блузот што го паметам. Ништо потоа не можеше да се доближи кон тоа.

15. Кога започна со „Савој Браун“, дали ти беше шеф на бендот?
– Да!

16. Можеш ли да наброиш некои блузери кои беа влијателни на тебе и твојот бенд?
– Џон Ли Хукер, ББ Кинг, Фреди Кинг … Вили Диксон.

17. Кои гитаристи од минатото имаа најголемо влијание врз тебе?
– Хјуберт Самлин… Ерл Хукер… Грин.

18. Кога се реши да ја продолжиш кариерата во САД?
– Во 1979.

19. Кога се навраќаш на минатото, дали чувствуваш дека можеби некои работи би ги направил поинаку?
– Се разбира дека можеше… Но никој со исполнет живот не би помислил дека некои работи тогаш би можеле да се направат и поинаку.

20. Ти настапи или ја „делеше“ сцената со речиси сите коишто значат нешто во блузот, можеш ли да спомнеш некои, како и твоето искуство со нив?
– Алберт Колинс беше пријатен човек и голем музичар/забавувач… Чарлс Браун беше прекрасен и шармантен. Џон Ли Хукер секогаш ме потсеќа на времето кога имав 19 години… Голема љубов кон музиката. Џими Хендрикс беше повлечен и љубезен. Хјуберт Самлин … Мој херој!

21. Постои ли некој музичар со кого сакаше да свириш, но немаше можности?
– Мемфис Слим.

22. По толку години настапи, концерти, сè уште изгледаш полн со енергија, како дури сега да започнуваш со кариерата. Како успеваш во тоа?
– Секогаш сум бил оптимист и ја сакам музиката повеќе од себеси!

23. Не паметам дека сум видел некоја твоја фотографија без Лес Пол Гибсон гитарата. На што се должи таа “врска“ со Лес Пол, дали се во прашање звукот, чувството или нешто друго?
– Сега свирам на Гибсон 335. Не свирев секогаш на Лес Пол гитари. Користев различни гитари низ годините, но го сакам Лес Пол поради традицијата и квалитетот.

24. Какво е твоето мислење за моменталната ситуација на блуз сцената и како таа ќе се развива во новиот милениум?
– Моментално на сцената ѝ недостига креативност. Многу луѓе работат иста работа. Талентот е разводнет, бидејќи музичарите се обидуваат да направат сè сами; и да пеат, и да свират и да компонираат. Мошне мал број луѓе имаат талент.

#4 25. Дали поставата на твојот последен ЦД е твојот регуларен бенд со кој настапуваш?
– Тапанарот Том Комптон не оди на турнеи со нас.

26. Многу постари љубители на блузот во Македонија го стават „Савој Браун“ на врвот на нивните омилени бендови и те сметаат како најдобар гитарист во рангот на Клептон, Грин, Бек, Пејџ и други.
– Се сложувам со нив!

27. Сè уште многу настапуваш низ светот, можеме ли во иднина да сметаме дека ќе те видиме и во Скопје, Македонија?
– Се разбира, би сакал да се сретнам со тамошните фанови. Можеби еден ден?

28. Е па тоа е тоа! Благодарам и се надевам да те сретнам кај нас наскоро!
– Многу благодарам!

Извадоци од албумот The Blues Keep Me Holdin’ On

2018-08-21T17:22:02+00:00 октомври 1st, 2000|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 17|