Интервју со Ајнис Сајбун

/, Звук, Блесок бр. 46/Интервју со Ајнис Сајбун

Интервју со Ајнис Сајбун

#1 – Нешто за твоите почетоци во музиката, што беше пресудно?
Имав 12 години кога го слушнав Б.Б. Кинг, едноставно морав да почнам да свирам гитара, потоа следеа Фреди, Алберт, Џими и други. Сè уште овие имиња ме воодушевуваат. Исто така Питер Грин, додека беше во Флитвуд Мек!

– Раните влијанија беа…

Б.Б. Кинг, Алберт и Фреди Кинг, исто така и Дони Хетевеј, Стиви Вондер, Арита Френклин и останати. Слушав и доста панк, како на пр. Клеш. Големи влијанија беа и Лед Цепелин и Фри.

– Кого би го спомнал како најголемо влијание досега?

Морам да ги повторам Б.Б., Алберт и Фреди Кинг, тројца кралеви, и Питер Грин.

– Постои ли некој со кого би сакал да работиш?

Посакувам да свирам во некој мал клуб со Б.Б. Кинг, можеби со Стиви Вондер на пијано! Еден од моите омилени соул бендови беше и Евриџ Вајт Бенд. Минатата недела настапив на концерт посветен на Џими Хендрикс во Лондон заедно со Хејмиш Стјуарт од тој бенд што навистина беше прекрасно, неговиот глас е неверојатен. Нема да ми пречи доколу Арита Френклин посака да ја придружувам на гитара.

– Постои ли некоја неисполнета желба?

Да играм за фудбалската репрезентација на Англија (ха, ха,ха!), би сакал да настапам и во Македонија. Бев во Хрватска и Словенија, ми се допадна, имаат одлично пиво!

– Која е првата плоча што ја купи?

Реј Чарлс, концерт во Њупорт. Инаку мојата прва плоча беше Концерт во клубот Ригал на Б.Б. Кинг, но немав пари, бев толку очаен што ја украдов од продавницата, морам да признам, но имав само 12 години!

– Која е последната плоча што ја купи?

Вчера купив три албуми: Меџик Намберс, колекција на спиритуали и Евриџ Вајт Бенд

#2– Кога би морал на пуст острoв, кои 5 албуми би понел со себе?
Б.Б.Кинг – Концерт во Ригал, Дони Хетевеј – Во живо, Стиви Вондер – Внатрешни визии, Џими Хендрикс – Женска електрична земја и кој било албум на Питер Грин од периодот на Флитвуд Мек.

– Освен сопствен материјал, чии композиции изведуваш на концерти?

Отис Раш – Сета моја љубов, Тампа Ред – Не ме лажи, Вили Диксон – Подготвен сум, Алберт Кинг – Како што поминуваат години и Б.Б.Кинг Секој ден ми е блуз.

– Што мислиш за современата блуз сцена?
Мислам дека во Велика Британија сцената во моментот е доста квалитетна, јас снимам за фирмата Блуз Метерс која издава материјал на британскиот блуз потенцијал што е одлично. Многу млади луѓе се заситени од манипулираната музика и се пронаоѓаат во сировиот звук на блузот.

– Дали е тешко да се обезбедат настапи во САД?

Точно! Сè се сведува на пари. Пред некоја година свирев таму со Питер Грин, но тоа беше период кога имав договор со една тамошна дискографска куќа.

#3 – Извесен период беше во бендот на Роберт Плент, какво е твоето искуство?
Извонредно, свиревме доста материјал од Лед Цепелин, како и неговиот соло материјал. Тогаш имав можност да се поврзам со Бади Гај и Џејмс Катн во Чикаго. По настапот имавме одличен сешн во клубот Ентонс во Остин, Тексас, свиревме со многу добри музичари. Имавме и турнеи низ Јужна Америка, што исто така беше незаборавно искуство.

– Имаше можност да ја споделиш сцената со некои големи имиња, имаш ли некоја интересна приказна?

Во Бразил имав труење со храна кога настапив на стадионот во Сао Пауло и почувствував дека ќе повратам, се стрчав кон страничниот дел од сцената и за малку ги промашив стапалата на Стивен Тајлер и Џо Пери!

– Кој факт за тебе би ги изненадил твоите фанови?
Сакам класична музика, особено Малер и Бах. Исто така, сакам да слушам монголско грлено пеење.

– Каква сценска опрема моментално употребуваш?

Имам Гибсон 335, Фендер Телекастер и Стратокастер. Користам Меса Буги Блу Ејнџел комбо, вах и тјуб скример педала .

– Гитаристите обично создават колекции гитари, дали и ти си еден од тие?

Мојот 335 модел е оригинал од 1968, додека Телекастерот од 1969 е прилично редок модел. Ги користам за настапи, бидејќи сметам дека гитарите се за свирење, не за музеи. Мојот Стратокастер е направен од различни делови, но ми се допаѓа.

– Нешто за идните планови?

Можеби снимање на нов албум, повеќе настапи и патувања. Минатата година бев во Африка каде што слушнав извонредна музика.

– Свирки во Европа годинава?

Имам закажано концерти во Белгија и во Германија, во јуни и јули оваа година, така што можеби ќе гледам како Англија го освојува светскиот куп во фудбал! На мојот сајт www.innessibun.com наскоро ќе има детали за нови концерти.

музика

2018-08-21T17:21:28+00:00 февруари 1st, 2006|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 46|