ИНТЕРВЈУ: Кокан Димушевски

/, Блесок бр. 119/ИНТЕРВЈУ: Кокан Димушевски

ИНТЕРВЈУ: Кокан Димушевски

Сакам кога сум во несигурни длабоки води


Тешко се наоѓаат и пари, а дома секој храни фамилија, плаќа сметки и што ти не. Оттаму, излегува дека е подобро да работиш по нарачка оти во поголемиот дел од случаевите барем делумно можеби и ќе си го наплатиш трудот. Иако, да бидам искрен, јас безмалку сето она што го правам по нарачка го работам без пари. Од желба. Тоа ми доаѓа како некоја иницијална каписла да ме размрда. Сакам кога некој ќе ми каже да му напишам композиција. Кога ќе добијам барање да му напишам некому едно дуо за фагот и за флејта. Тоа за мене е доволно провокативно да седнам и да работам. Така пред три години направивме едно трио наречено АУРА – клавир, пијано и фагот. За нив ја напишав комплетната музика и се случија четири-пет концерти по Македонија. И да има пари и да нема тие се трошат. Авторот во својата суета сака да го чуе делото, да му го изведат во некоја сала… Јас барем така правам – се случува да се сокријам во некој темен кош како да ме нема и да ги видам реакциите на луѓето. Бидејќи ако ме видат веднаш до израз доаѓа лицемерието – или скришум викаат дека тоа не чини, или ќе ти речат „браво“ а не мислат така или само ќе се смеат. Добро е ако не знаат дека ги гледаш за да ја видиш вистинската реакција. И кога ќе видам дека има насмеани луѓе, дека им е убаво, дека барем пет минути по излегувањето од салата сите молчат значи дека си успеал да ги однесеш во твојот свет.

– Што значи да се биде композитор на сериозна, на современа музика овде кај нас во Македонија? 

ДИМУШЕВСКИ: Современа музика е вистинскиот термин бидејќи денес и џезот е сериозна музика. И рокенролот, оној вистинскиот, знае да биде многу сериозен како израз. Што значи… веројатно ништо.

Еве еден едноставен пример. Пред три години Министерството за култура имаше Конкурс за откуп на музички дела во разни форми и формации, разни инструменти… Тоа е авансно работење. Ти ќе пишуваш еден балет од саат време за голем оркестар, за хор… Ќе треба да ја смислиш приказната, да има либрето, синопсис… Го смислуваш сето тоа, работиш осум-девет месеци и воопшто не знаеш дали ќе добиеш верификација на трудот. Можеби сум луд, ама за мене и тоа е предизвик. Авансно работиш, ама барем има некоја шанса да потпишеш договор и да ти го изведат делото. Инаку од современа музика нема пари. Од уметничка музика нема пари. Има ако евентуално имаш среќа да напишеш музика за игран филм, за странски или за домашен – сеедно, нешто ситно за театарска претстава… Јас сакам да работам на филмска или на театарска музика, особено на театарска затоа што сум слободен. Затоа што можеш и најтемните мисли и најлуцидните мелодии, хармонии и решенија да ги ставиш внатре, затоа што таа материја трпи такво нешто. Не си врзан со слушање на тоа дело на радио, туку тоа делува како еден сегмент во претставата.

– Го имаш ли впечатокот дека државата генерално, независно кој е на власт, како сѐ уште да не е свесна дека треба да ја помага, стимулира културата, слободната мисла?

ДИМУШЕВСКИ: Не би сакал ова да звучи како политички памфлет што го кажал некој на кој му се мили овие или оние, но не мислам дека кај нас се потпираме на тоа дали некој си ја знае или не ја знае работата. Дали го работи она за кое е поставен на тоа место. Очигледно дека во државава ние си имаме некаков проблем. Особено со културата. Еве се покажа тоа сега и со Националната програма и со поништувањето на Конкурсот за откуп на музички дела. Комисијата уредно си ја заврши работата, а Министерот од само нему познати причини го поништи Конкурсот. Обелоденија коиј се добитниците на наградите, ја повлекоа одлуката и тој даде негативно мислење за таа институција. Ја наруши анонимноста на Конкурсот. Петнаесет композитора кои добија награди за напишаните дела од лани останаа со прстот во уста. И, сега што ќе правиме? Со истите дела не можеме да учествуваме на новиот конкурс. Веќе се знае кој е автор на кое дело, на која форма, за која формација, во која категорија. Кај нив во Министерство се нотите, демо снимките… и немаме никаков увид кој се она што сме го сработиле го слушнал. Овие осумнаесетина дела ќе стојат во нечија фиока и се на милост и немилост на нас како автори да одиме по институции, во Филхармонија, Опера… и да молиме за трошки да ни ги изведат делата пишувани со месеци и години.

– Значи повторно излегува дека авторот, уметникот мора да клечи пред некого од власта, некој кој можеби и случајно се нашол таму, за да го оствари правото на живот, на изведба на делото.

ДИМУШЕВСКИ: Апсолутно. Не е срамота да се праша ако не се знае. Грев е, многу голема срамота да се игнорира ако не знаете, а да не прашувате. Стоиме на располагање. Не викам јас дека тие се лоши луѓе и дека тоа намерно ни го прават. Или дека еве мене ме мрази Министерот. Можеби ме мрази ама и нема зошто. Јас го запознав кога стана министер. Тој мене ме знае, а јас него не го познавам. Очигледно дека не ја разбираат работата. Очигледно дека не гледаат за пет, десет или 100 години однапред. Расте културата, расте државата, она што е наше. Тоа се современи македонски автори. Какви се, такви се. Ама очигледно некој или не разбира или ги смешал лончињата и мисли дека е само кратко тука. Дека после ќе си оди на некоја друга, повисока функција и за тоа време не треба да направи некоја поголема штета. Не ми се јасни таквите одлуки. И порано сме го имале тоа и сме преживеале. Досега сум сменил едно 15 министри. Сите заминаа, еве ме мене уште останав во културата.

АвторЉупчо Јолевски
ФотографијаТатјана Ранташа
2018-09-20T12:42:19+00:00 мај 12th, 2018|Categories: Звук, Блесок бр. 119|Tags: |