ИНТЕРВЈУ: Кокан Димушевски

/, Блесок бр. 119/ИНТЕРВЈУ: Кокан Димушевски

ИНТЕРВЈУ: Кокан Димушевски

Сакам кога сум во несигурни длабоки води


– Некако низ годиниве наназад честопати високо беше вреднуван твојот труд. Многупати беше наградуван, но се чини дека последнава награда, „Панче Пешев“ што ја доделува СОКОМ, како да ти доаѓа во вистинското време. Ја очекуваше ли? Те израдува ли признанието од колегите?
ДИМУШЕВСКИ: На 60 години е логично да ги добиваш наградите. Јас ја заокружив таа бројка и зад себе имам уште една многу значајна – 45 години присуство во јавноста како музичар, како творец. Наградата „Панче Пешев“ што ја доделува СОКОМ многу ми значи, затоа што тоа е признание кое ти го даваат колегите музичари, композитори. Од друга страна, сето тоа го прифаќам како логично затоа што ми се чини дека е нормално да стигне на толку творештво, на толку пишани или снимени дела, на толку многу помали награди ако сакате. Дури некако и авансно како да ја чекав оваа награда да стигне – дали годинава, дали догодина или некаде потоа… Иако можеше да биде тоа уште и пред неколку лета. Сѐ тоа има некаква логика.

Не ми беше логично да ја добијам високата „7 секретари на СКОЈ“ на 18 годишна возраст. Тоа ми беше шок бидејќи таа своевремено се мереше со наградата АВНОЈ што ја добиваа врвни научници од Винча, екстремно високи политичари и некои рокери. Ете тоа беше шокантно во мојот живот – кога со ЛЕБ И СОЛ ја добивме таа награда. Ова и не ми е толку шокантно. Ја сфаќам некако нормално. Да, драга ми е! Си ја чувам дома и ќе остане за спомен. Толку. Веројатно е чесно доделена.

– Доделувањето на наградата „Панче Пешев“ некако се поклопи со твојот концерт „Приватна музика“ одржан во Музеј на Град Скопје, во рамките на фестивалот Денови на македонска музика 2018. Сега излегува како сето тоа однапред да било планирано.

ДИМУШЕВСКИ: Работите си се редат сами по себе. Знаеш како, ако си чесен кон она што го работиш, особено ако си чесен човек во душата, ако ги сакаш луѓето независно од тоа кој што ти направил… а јас лично ги сакам и верувам во луѓето, Универзумот, да не кажам Господ, ја прима таа енергетска мисла што ја испраќаш и ја враќа со насмевка. Вообичаено во СОКОМ на сите им правиме концерти кога заокружуваат некаков период од творештвото, или им одбележуваме годишнини на оние што не се повеќе со нас, па така се случи и мојот перформанс. Ме прашаа колегиве дали имам стар материјал што не е изведуван. Да, имам, им реков, но имам и нов. Зошто да правам концерт со нешто поодамна напишано. Не сакам да се враќам на стари материјали, да ги преџвакувам, преправам, реновирам… туку сакам да одам напред. Сѐ додека имам музика во себе и сум на 18 годишна возраст со паметот ќе правам нова музика. Така и се случи овој концерт што го нареков „Приватна музика“ затоа што и музиката, звуковноста е поврзана со интерни, мои интимни случки во животот.

БЛЕСОК: Сопатник на ова твое „приватно музичко патешествие“ е Љубиша Кировски, репродуктивниот уметник, виолинистот и во случајов виолист. Како се случи таа средба?

ДИМУШЕВСКИ: Кировски е класичар. Тој не е навикнат на експерименти, на изведба на слободни парчиња. Љубиша е од оној тип на учени луѓе кои не милуваат изместувања. Екстремно добар виолинист кому „втора девојка“ му е виолата. Кога ги напишав тие неколку композиции и му кажав за проектот, за тоа дека ќе правам нова музика, го замолив да го преслуша демото и да ги види нотите. Му реков – ако ти се допадне добро, ако не со здравје и можеби ќе се видиме на некој иден проект. Нималку не сакам да силувам инструменталисти и да ги мачам со изведбата како некои композитори кои се претставуваат за генијални. Тие ги мачат инструменталистите и работат само на ефекти на инструментите. Така нема спојка. А на Љубиша ова му се допадна. Ми рече: е ова е она што јас сакам да го свирам. Дури и ми порача да му напишам неколку композиции за клавир и виола во тој стил за славеничкиот концерт по повод 25-годишнината од нивното делување со Маја Шутевска – Кировска.

БЛЕСОК: Како автор, милуваш ли повеќе да твориш по инспирација или по нарачка на одредени уметници?

ДИМУШЕВСКИ: Најдобро да работиш по инспирација, но тоа е тешко да го оствариш. Да го реализираш. Едно чини многу пари, оркестри нема многу, мора да избереш музичари, да ги платиш тие луѓе што ќе треба да вежбаат еден-два месеца…

АвторЉупчо Јолевски
ФотографијаТатјана Ранташа
2018-09-20T12:42:19+00:00 мај 12th, 2018|Categories: Звук, Блесок бр. 119|Tags: |