Денови на голтање на слободата

/, Звук, Блесок бр. 17/Денови на голтање на слободата

Денови на голтање на слободата

Постфестум: СКОПЈЕ ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ 2000

#8 Во просторов и времево затруени од вулгарното практицирање на политиката, повторно ја имавме можноста за кратко бегство од реалноста. Од 20 до 25-ти октомври годинава ни се случи 19-то издание на Скопскиот џез фестивал, една од неколкуте културни манифестации во државава кои оставаат простор барем за миг да се почувствуваме дека и ние „западнобалканците“ сме „дел од цивилизираниот свет“. И тоа, овде и сега, каде што е неодминливо чувството на апатија и бесперспективност, кадешто господари на играта се илузионистите и „продавачите“ на имитација на животот.
#12 Затоа и Фестивалот, сред оние кои ја претпочитаат слободата на мислата, од сосема нормална музичка манифестација со здрава концепција и своја целна група, израсна во симбол на отпорот против „балканизацијата на умот и поведението“ во сите појавни облици. А, дека нивниот број од година во година се мултиплицира вистински показ е токму последново издание кое го цементира уверувањето дека мисијата конечно ја жнее жетвата и Фестивалот се етаблира во врвно случување чија понуда постојано и упорно се движи по нагорна линија. Впрочем, како поинаку да се објасни пројавениот интерес (читај: вистинската бркотница за влезница повеќе, преполната сала што по којзнае кој пат го актуелизира акутниот главноградски проблем од недостаток на објект што прилега за вакви и слични случувања…) и сето она што (веќе) се бележи како феномен навидум нималку типичен за поднебјево (за Скопскиот џез фестивал со респект се говори во престолнината на световниот џез – #7Њујорк, во Париз, Рио …, не случајно првиот човек на Манифестацијата Оливер Белопета ја доби довербата да му го врати реномето на еден од најстарите џез фестивали во Европа, оној во Љубљана…). И, ако бележаново се конклузии кои во ниеден момент не смеат да се тргнат од умот при идните условни прашалници од било каква провиненција во врска со Манифестацијата, разглобувањето на случувањето нè води и кон следниве размисли за престижното досие: “Скопје џез фестивал“. Да тргнеме со ред.
#10 Годинешната програма, распослана во поодамна усталениот шестдневен термин, ги имаше сите белези на веќе етаблираната идеја за презентирање на случувањата во современиот џез и несомнено може да се компарира со понудите на кој било голем џез фестивал во глобални рамки, независно од буџетите со коишто истите располагаат. Фестивалот не случајно започна со музика која извира од поднебјето на оние со коишто заврши минатогодишното издание – кубанската. Медиумската сеприсутност на дадениот звук (особено по реализацијата на проектот “Buena Vista Social Club” зад кој со својот авторитет застанаа извиканите Рај Кудер, Ник Голд, Вим Вендерс…), лани во Скопје ги доведе CUBANISMO а годинава SIERRA MAESTRA. Споредбата на обата настапа можеби оди во прилог на експлозивноста на составот на групата на Џесус Алемани, некогашниот трубач на второспоменативе, но од друга страна, пак, старите мајстори на најдобар начин нè воведоа во традицијата на т.н „сон-музика“ и нејзината виталност и опстојување во времево. Едноставно и убаво.
Приказот за глобалната експлозија на латино музиката беше заокружен со бразилската вечер и настапот на најзначајната пејачка од последната генерација, Мариса Монте. Со концепт граден врз основа на штотуку објавениот (патем речено, одличен) албум “Memorias, Cronicas, and Declaracoes de Amor”, што подразбираше артизам и визуелизација досега нетипични за фестивалската понуда, оваа неверојатно талентирана пејачка нè воведе во својот звуковен свет во којшто се испреплетуваа нејзината верзија на бразилската популарна музика и самбата на тамошните класични композитори. Од таму ваквиот несомнено храбар потег на организаторот кај дел од присутните (читај: поклониците на правоверната форма) наиде на сомнеж, што нималку не беше пречка останатите да капитулираат пред шармот на Мариса Монте. Во прилог на ова, веројатно останува мислата дека во срединава во која живееме и при ваквото време-невреме, сепак, се созреани условите за реализација на вакви комерцијални проекти вон востановената шема, арно ама …
#9 Што се однесува до понудата за сладокусците, тука работите се јасни. По долги години исчекување, бевме сведетели на магијата што со себе ја носи големиот пијанист и автор Ахмад Џамал (во случајов во содружништво со мајсторите како Идриз Мухамед, Џејмс Камак и специјалниот гостин, инаку еден од најдобрите тенор саксафонисти, Џорџ Колмен) со концерт што ќе остане за паметење, го густиравме бележитиот проект посветен на спиритуалниот лидер, легендарниот Џон Колтрејн, што ни го сервира со својот октет саксафонистот Дејвид Муреј, ги почувствувавме емотивноста и енергијата што со својата изведба ги носи канадскиот пијанист Ди Ди Џексон пред кого несомнено се отвораат нови хоризонти, бевме сведетели на шоуто на распојасаните членови на СУН РА АРКЕСТРА коишто, и без контроверзниот лидер и со Маршал Ален како најистурен член, знаат да бидат неверојатно возбудливи, се уверивме во композиторско-аранжерската генијалност на Карла Блеј…
#6 И, конечно, иако музичарите од локалнава музичка сцена не се по прв пат на Фестивалот, завршната вечер преку настапите на дуото Китановски – Маџиров и Биг Бендот на Македонската радиотелевизија ги акцентира актуелните случувања во Македонија. Ова не само што беше потег кој завредува посебно внимание, туку најречито говори за поинаквата клима којашто ја креира новата генерација на одлични џез музичари, нивната решителност за размена на енергија во пошироки рамки, но и вниманието што го предизвикуваат во даденото опкружување. Така, ако за Биг Бендот поодамна е познато дека располага со повеќе од солидна екипа што знае да се „откачи“, она што гитаристот Тони Китановски и вибрафонистот Зоран Маџиров (патем, споменатиов пред настапот го промовираше својот првенец “Home”) во взаемното чествување на импровизацијата во чија основа се препознаваа автентичните звучни корени но и дадената матрица, тера кон убедувањето дека од нив допрва треба да се очекуваат исчекорите во просторот каде се претпочита иновативноста и експериментот.

Од фестивалот

2018-08-21T17:22:02+00:00 октомври 1st, 2000|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 17|