ВО МЕКСИКО СО БРУБЕК: Во потрага по скриеното богатство

/, Звук, Блесок бр. 126 - 127/ВО МЕКСИКО СО БРУБЕК: Во потрага по скриеното богатство

ВО МЕКСИКО СО БРУБЕК: Во потрага по скриеното богатство

Носталгија на непознатото место

Чекорам полека, бегло допирајќи ја со врвовите од прстите фасадата на куќата чијашто адреса е напишана на стуткано парче хартија во мојот џеб. Внимавам винилот да е безбеден под мојата пазува. Браво, Брубек, фала ти, откопав вистинско богатство. Сега треба да го сочувам. Во другата рака имам шише затворено во жолта хартиена кеса. Од секогаш фишеци ми биле слабост. Има нешто ви нив, некоја врска со детството. Костените, можеби. Или бојата на сунѓер. Ни едното од двете не го заборавам.

„Џезот е огромен сунѓер“ – беше првото нешто што го рече Брубек откако дојде во Мексико. „Џезот во целост себеси ги прилагодува сите видови влијанија. Не постојат расни граници кои би можеле да ги одредат џез изведбите. Музичарите од сите возможни раси и нации свиреа и свират најдобар џез… би сакал да свирам со музичари од Мексико“.

И така беше. На првиот концерт, фестивалот во Пуебло, на квартетот му се приклучија двајца локални: гитаристот Бенхамин Чамин Кореа и Салвадор Рабито Агуерос – виртуоз на бонго и конга тапани. Но, како јас би можел да знам такво нешто? Дали ова ми се обраќаат потиснатите сеќавања на Моктезума? Ако е така, јас да ги прашам нешто: Како најдобриот другар од моето детство, петелот ветеран, можев да го дадам за куп метал и пластика со шминкерско име? Пабло одамна го има искористено за лоша супа. Дали Моктезума сакал костени?

Вратата е отклучена. На небото има големо силно сонце полно со живот, кое нема разбирање за алкохолот што удобно клокоти во стомакот. Такво нешто денеска ми треба, да ги преземе мислите на кои и онака им дадов доволно од своето и сечие време. Човек понекогаш мора да се одмори од цигарите и кофеинот.

Одмори се, не си заслужил

Премногу време помина и никаде не стасувам. Сите околу мене го губат трпението. Успевам да ја одржам рамнотежата, иако со секој нов чекор сум дополнително забавен. Таков успевам да земам здив, во куќата, во кој тој ден не ни требаше да бидам. Ќе го сопрам светот накратко. Take five, старо момче, не си заслужил ама смртта е љубовница на која не ù е гајле за тоа.

“Take Five” одамна е џез стандард. Ако веќе одиме во детали, го компонираше Пол Дезмонд за албумот Time Out, кој Дејв Брубек Квартет го сними во 1959 година. Деталите понекогаш ме спасуваат и почнувам да дишам, фала му на ѓаволот.

Наместо да се свртам, излегувам и трчам трчам трчам, додека ме носат нозеве, додека не стасам до нискиот кревет карши масата, на која стои само Оливети Валентајн машината за пишување (направена во 1970 година), јас стоев како скаменет слушајќи го она што ми се чинеше дека го слушам. Она што го слушнав. Но секој пат кога сум сигурен во што било, почнувам да се сомневам во сопствениот разум растопен во алкохол и двоумење.

Влегувам и ја затворам вратата, веќе нема враќање. Ова е една раскошна илузија. Ја најдов во старите филмови. Страсно му служеше оному кој ја создаде. Очи в очи со тебе, тајната конечно е моја.

превод од босански: Анета Пауновска

АвторМехмед Бегиќ
ПреводКалина Б. Исаковска
ПреводАна Бар Давид
2019-08-06T12:59:42+00:00 јули 31st, 2019|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 126 - 127|