Боб Дилан – Модерни времиња (Modern Times)

/, Звук, Блесок бр. 50/Боб Дилан – Модерни времиња (Modern Times)

Боб Дилан – Модерни времиња (Modern Times)

#1 Новиот албум на Дилан започнува со гласот на Господ во планините и звукот на пиштоли на улиците. Се случуваат лоши нешта, а дамите вашингтонски прекутрупа бегаат од градот. Дилан мисли и на вистински жени – на Алиша Кејс, која е четириесет години помлада од него а сепак вреди да се бара низ Тенеси, но и на добри жени кои прават како што ќе кажеш, и на злобни жени кои ти го пијат срцето и умот. Војната и љубовта се насекаде. Време е да се приклони кон Бога, можеби да отиде на север и да се обиде како земјоделец. Но вилата е на полицата. Чеканот е на масата. А, како што звучат работите, чеканот паѓа.
Ова е „Бура на планината“ (Thunder on the Mountain), првата песна од Модерни времиња, триесет и првиот студиски албум на Дилан, и негово трето во низа ремек-дело. Модерни времиња е снимен во Њу Јорк за нешто повеќе од еден месец со Дилановиот концертен бенд, кој има дури 113 настапи на Бесконечната турнеја. Песните се речиси еднакво поделени помеѓу блуз стандарди, старински двочекори и прекрасни маршови полни пророштво. Бендот, прекален низ постојаните настапи во кои спонтано реагира на преобмислувањата на Дилан (нешто што неговите концерти ги става во редот на најдолготрајните чуда во рокенролот), го следи својот водач низ рокабили, чикашка улична музика, каубојски свинг или le jazz hot. Според звукот и чувството, Модерни времиња потсетува на она што некои бендови – Мади Вотерсовите Блузмени или Дрифтинг Каубојс на Хенк Вилијамс – набрзина го снимале помеѓу настапите, мешавина на оригинални измислици и варијации на познати теми, допрени од генијот на водачот. Речиси секоја песна го обновува американското патување од полето кон градот, кога луѓето правеле простор за модерните времиња. Расположбата е онаа на Америка на врвот – на механизирањето, на војната, на домашна опуштеност, на исполнети ветувања и на продажба на сништа: еден по еден, за кеш.
Откако одамна побара дозвола да заборави на денешницата до утре, Дилан изјави дека времето ништо не му значи. Во изминатите десет години прави музика која го покажува токму тоа. Нема претходник во рокенролот за територијата која Дилан сега ја отвора со албуми кои стојат рамо до рамо со остварувањата од неговата бурна младост. Љубов и кражба (Love and Theft), снимен кога наполни шеесет години, беше неговиот најсиров гитарски рок од Бледо врз бледо (Blonde on Blonde) во 1966, комбинација на моџо кое го работеше Мади Вотерс на дваесет и шест годишна возраст на Hard Again и занесната дистопична перспектива која Филип Рот ја претстави на Американска пасторала (American Pastoral) на возраст од 63 (со малку повеќе примеси на Гручо Маркс во Обложи се во животот).
Модерни времиња е нешто инакво. Помалку е застрашувачки, помалку забавен на прво слушање. Но има повеќе авторитет, поголема јаснотија. На него ја нема дигиталната затемнетост на Време вон умот (Time Out of Mind), а змијоликиот жив звук од Љубов и кражба е омекнат. Оваа музика е опуштена; таа не треба ништо да докажува. Тоа е музика на насобрано знаење, го знае секое движење, го предвидува секој чекор уште пред да го направиш. Продуцирајќи се самиот вторпат по ред, Дилан го уловил звукот на традицијата како сеприсутен, звук на кој што работи од својот прв албум, објавен во 1962 година. (Една од причините што Модерни времиња е толку добар е што Дилан го подготвувал толку долго). Овие песни стојат рамо до рамо со нивните извори и тоа е нивната намера; затоа и нивните извори се толку одлични, толку директни: “Rollin’ and Tumblin’ “ дава каубојски галоп и нови зборови на истоимениот хит на Мади Вотерс од 1950-та (со своја сопствена историја која досега барем до 1929). “Someday Baby” ја смекнува песната на Слим Харпо “Shake Your Hips”; “The Levee’s Gonna Break” искокнува од “When the Levee Breaks” на Мемфис Мини; “Nettie Moore” ја открива баладата од XIX век снименам од Синовите на Пионерите, а “Johnny B. Goode” на Чак Бери ја мотивира “Thunder on the Mountain.”
„Секоја невидлива молитва е како облак во воздухот“, ѝ вели Дилан на својата дама во “When the Deal Goes Down”. „Утрешнината постојано се менува / Живееме и умираме, не знаеме зошто / Но ќе бидам со тебе кога сè ќе сврши“. Силите на божествена претпоставка и смртната љубов се насекаде низ Модерни времиња. Сè е насобрано во “Thunder on the Mountain”: посветеност, копнеж, второто пришествие, неволјите на земјата. Јазикот е едноставен, соголен: „Чувствувам како душата почнува да ми се шири / Погледни ми во срцето и некако ќе разбереш / Ти ме донесе овде, сега сакаш да ме избркаш / На ѕидот има писмо, дојди прочитај, види што пишува“. Во баладата “Spirit on the Water”, Дилан го опева божјото создавање на Небото и Земјата за да го опише ликот на својата љубена. И овде се насетува божественото: „Сакам да сум со тебе во рајот / а се чини толку неправедно / Во рајот веќе не можам да одам / Еднаш убив човек“.
А тоа е една од идиличните песни – Модерни времиња содржи мноштво љубовни поплаки кои се претвораат во апокалиптични медитации. „Една млада мрзливка ми го зеде умот“, пее Дилан во “Rollin’ and Tumblin’ “. Потоа паѓа темнината: „Ноќта е исполнета со сенки, годините се исполнети со старо проклетство / Ги кревам сите одамна умрени души од нивните трошни гробови“. Дилан зборува како проповедник, љубовник и генерал во исто време, како секоја од песните кои ги снимил да се втопува во една. Модерни времиња е втор по ред албум на кој Дилан се осврнува на големата поплава на Мисисипи во 1927 година. Секако треба да се прочита “The Levee’s Gonna Break” – каде „луѓето на пат… носат сè што имаат“ – во светлина на уништувањето предизвикано од ураганот Катрина, исто онака како што беше невозможно да се слушне “High Water” од Love and Theft на 12 септември 2001-та, еден ден по објавувањето, без при тоа да се помисли на Светскиот трговски центар. Но, ниедна од песните не е толку едноставна. Обете опишуваат времиња на пропаст, нешто на кое Дилан се осврнува уште од својот втор албум. Обете ги нудат сексот и љубовта како алтернатива. Сепак, “The Levee’s Gonna Break” има чудно ветување за искупување – реката не носи само смрт и разурнување, туку крштевање и прераѓање. Големата поплава на Мисисипи, заедно со филмот на Чарли Чаплин од кој албумов го позајмува името и Книгата на Откровенија го формираат триаголникот на трагедија, комедија и пророштво во кој се отвора Модерни времиња.
А на крајот, сепак, некако сме поблиски до портите Еденски. “Ain’t Talkin’ “, темата која го затвора албумот, поседува строг морализам налик на роман на Рејмонд Чендлер. Сцената е во Мистичната градина. Една ноќ, еден човек оди на прошетка. Некој го удира одзади. Тука нема правила. Градинарот го нема. А на ова безбожно место, каде градовите се полни чума, овој самотен човек сака да ја одмазди татковата смрт и од мајка си бара да го води: „Во човечкото срце зло може да никне / Се обидувам да го сакам соседот и да правам добрини / Но, мајко моја, нештата не се баш добри“. Очите му се полни солзи, усните суви. Умот му е обременет со мислите за девојката која ја оставил. Го носи штитот на мртовецот и ги чека своите непријатели да заспијат за да ги убие. „Не зборувам, само одам / Ќе го запалам мостот пред да можеш да го минеш / Срцето гори, сè уште боли / Нема да има милост за вас откако ќе загубите“. Тој чекори по патот, зад свиокот, запатен кон „последната дивина, на крајот на светот“. Неговата музика го следи. А потоа исчезнува од вид.

Објавено во Rolling Stone, 23 август 2006.

Превод од англиски: Игор Исаковски

звучни записи

АвторЏои Леви
2018-08-21T17:21:23+00:00 октомври 7th, 2006|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 50|