Алката што недостасуваше

/, Звук, Блесок бр. 26/Алката што недостасуваше

Алката што недостасуваше

Кисмет – Dreaming (Авалон продукцијa, 2002)

#1 Ова е албумот што познавачите и почитувачите на херојството на култниот Мизар го исчекуваа цела една деценија. Dreaming дефинитивно е алката што недостасуваше за да биде кругот затворен. Дури сега Горазд Чаповски, единствениот од оригиналната постава (читај обете откровенија) што остана за сето ова време да се справува со демоните што може да ги изнедри една таква позиција: да се надмине, надгради историчноста на Мизар, со право треба да се чувствува како голем победник. Имено тој, по „сајбер-етно-готик“ (определба за која се закачија рецензентите) North Atlantic Balkan Express (кој патем е плод и на авторовата растргнатост меѓу двете средини, Австралија и Македонија, навиките и копнежот по родната грутка) и попатно реализираниот Мизар „трибјут“ албум (единствено значаен само поради почитта кон култот што ја пројавија претставниците на новата генерација македонски бендови), потпишува материјал кој не само што е најблиску до звуковната Мизар одредница и поетика, туку е и нејзино ововремено разигрување. И, притоа веше стореното не е камен за околу вратот, туку катапулт кој го лансира бендот во реалноста од почетокот на веков. Затоа, „тагата“ по харизматичниот вокал на Горан Таневски, сега е заменета со радоста што зад песните застанале една Вања Лазарова (новата верзија на традиционалната Слага се сл’нце зададе е преубав пример колку енергија може да има во една елегична фолклорна тема ако ѝ се пријде со сентиментот на генерацијата која не љуби да го „конзервира“ сопственото звуковно наследство), Горан Трајковски од Анастасија (басистот и придружниот вокалист во едно од откровенијата на Мизар, со Извор како да вели дека сè уште не открил сè од сопствениот сноп вокална светлина), #2 Рубин Кантарџиоски (лидерот на Dont!Who?One само навидум може да биде бележан како некој кој вокално најблиску стигнал до она што го дал Таневски, арно ама нималку не се работи за пресликување што не е изводливо туку за интерпретација која ја карактеризира длабочината на гласот и ништо повеќе од тоа) и конечно извонредната Билјана Волческа, вистинско откритие и девојка која допрва како вокалист ќе го каже својот збор (најдобра потврда за тоа е емотивната изведба на кавер верзијата на Индекси класиката Сањам, инаку овде насловната тема). Посебна приказна, во случајов е улогата на Ристо Вртев, човекот што своевреено ја зачнал Мизар сторијата и го определил првичното откровение на бендот – средината на осумдесеттите). Тој на Dreaming свирел гитари, помагал околу аранжманите во некои од песните, автор и изведувач е на до болка потонатата „македо – американа“ I’m so sad (за жал нема да ја сретнете на изданието што го обелодени Авалон продукција, туку ќе го има само на она што го потпишува американскиот Tone Casualties?!), но најважно од сè е што неговиот дух дополнително го зголемил адреналинот кај Чаповски и ја цементирал неговата одлука да раскрсти со сопственото его, едновремено уживајќи во несекојдневната соработка со нему сродните души и привремени соборци. Дури, во некоја рака, Dreaming може да биде третиран како тивок, но громогласен бунт на генерацијата што го исправи на нозе македонскиот рокенрол и го направи горд на својата посебност.
И, кога сме тука интересно е што, како во случајов, Кисмет звуковно, ако милувате и мелодиски, никогаш не бил поблиску до срединава, во која суштината на традицијата подобро ја разбраа оние кои до неа дојдоа преку рокенролот и насетените особености на западната цивилизација. Затоа, поминат низ трепетите на душите на Волческа, Чаповски и другите, Dreaming е посвета каква што можеле да си пожелаат Бодо Ковачевиќ, Даворин Поповиќ и другите од сараевската легенда Индекси – нешто што умеат да го сторат само просветените. Воедно, кавер-верзијата е толкуи леплива што не би било чудо да изнуди и поинаков комерцијален третман на составот во глобални рамки – полнокрвен радиохит. А, кога сме веќе кај обработките, добрата традиција (патем Чаповски е одамна потврден на ова поле, а пример за тоа е звуковното читање на Џој Дивижн, химната на т.н. „дарк генерација“ – Love Will Tear Us Apart) е дополнета и со посегање по една од бележитите теми на возљубениот британски панк-состав Стренглерс, ненадминливата „дарк“ химна Raven.
Свирачки одработен функционално (во меѓувреме бендот ја консолидира поставата, та покрај Чаповски и басистот Илија Стојановски, се и Димитар Петров, тапани, Зоран Ориѓански, тапан и тарабука, и Билјана Волческа, вокал), Dreaming, неверојатно, е и оригинална и храбра објава. Во нејзините пори се допираат и вкрстувгаат кодовите на македонскиот музички јазик со рокенрол-рифовите исто онолку колку што таквиот чин го прават длабочината и чистотата на словенскиот дух со западното чувство за класиката или јужната, дури медитеранската емотивност, со северната прагматичност. И, првпат од постоењето на составот, тоа изгледа (звучи) толку природна. Сè на сè, ваков албум може да потпише само бенд од овој дел на светот (нека биде Балканот или трансферзалата Виена – Истанбул…), бенд чија музика, како во случајов, е еднакво драматична како и во времево во кое живееме.
Да спомнеме и дека, како што му прилега на модерен бенд што дејствува во почетокот од новото столетие, Кисмет многу вешто посега по семпловите: Лед цепелин и Синтезис (Galactic Eye), бристолските Масив атак (Извор), Мизар (Side by Side и Epitaph), Килинг џоук (Сонце)… Ова подразбира и доволен број часови во студиото (албумот е сниман во периодот ноември 2001 – февруари 2002) и исклучително внимателна и мудра продуцентска работа (Димитар Димовски).
И, уште ова. Провокативното (намерно „кич“ – бледиот лик на Мајаковски со жолтото пеколно македонско сонце и националната црвена боја зад грбот) визуелно решение (Сергеј Дамовски и Кома лаб.) за обвивката, за жал, не е опредметено на соодветна хатија (се штедело ли?!), па така е сторена дамка на целокупниот впечаток… Штета.
Како и да е, таквата опредметена солуција е минорна (иако, да не заборавиме, не неважна) во однос на фактот дека се работи за одличен албум. Конечно, Dreaming, според скромното мислење на потписникот, влегува во кругот на клучните изданија за македонскиот рокенрол воопшто. Се рабира, со оние што своевремено ги сотвори Мизар и го објави словенечкиот Хелидон – дебито со името на составот и Свјат Dreams од 1990. Ова, колку да не се заборави.

звучни записи

2018-08-21T17:21:50+00:00 мај 1st, 2002|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 26|