Акултурацијата како елемент во создавањето на православната монодија во византиско-словенската музика во Македонија

/, Блесок бр. 06, Звук/Акултурацијата како елемент во создавањето на православната монодија во византиско-словенската музика во Македонија

Акултурацијата како елемент во создавањето на православната монодија во византиско-словенската музика во Македонија

Истакнувајќи погоре дека црковната и народната музика се едно исто во почетокот од развојот на визнатиско-словенската музка, се чини логична претпоставката дека и во понатамошниот тек од развојот на црковната музика, се задржуваат бројни мело-ритмични обрасци и формули кои, егзистирајќи во една симбиоза, се заеднички и за двете посочени сфери. Тоа уште повеќе, поради фактот што усниот начин на пренесување е доминантен во рамките на растот и развојот на православната и црковната музика. Зборувајќи за акултурацијата како феномен, виетнамскиот музиколог Тран Ван Ки ги користи и синонимите „хибрид“ и „хибридизација“, кои немајќи пежоративно значење, се однесуваат на новите музички видови, настанати со вкрстување во процесот на акултурација. Разликувајќи во тој контекст два вида на хибридизација: првата кој го осиромашува и понекогаш го разорува националниот карактер на една од двете присутни традиции и втората, која доведува до расцут и збогатување на традицијата што во себе впива елементи, страни на таа традиција, Тран Ван Ки правилно заклучува дека збогатувањето постои поради фактот што „позајмените“ елементи се споиви со изворната традиција, додека во првиот вид е токму спротивното. „Поголем дел од музичкиот свет не се согласува околу поимите на споивост и неспоивост во тој контекст. Меѓутоа, во биологијата, составувањето на споиви елементи претставува успешен калем, додека средбата на неспоиви елементи доведува до појавата на отфрлање“5F. Во оваа метафора се крие и обајснувањето за плодотворноста на музичките ориентализми, кои во македонската фолклорно-музичка сфера го наоѓаат својот „успешен калем“, кој од своја страна, се разбира на едно друго ниво, учествува во успешната „хибридизација“ со византиско-словенската музика во Македонија.
Едно од најзастапените и најзначајни прашања, што го тангираат овој дел од музичката византологија е прашањето за присуството или неприсуството на хроматика во византиските и во византиско-словенските црковни песнопенија. Што се однесува до деветнаесеттиот век, векот на Хрисантовата реформа, одговорот на прашањето го бараме во сферата на акултурациските односи и влијанија, каде пред се, влијанието на фолклорот врз црковно-музичката сфера избива во преден план на научниот интрес. Ова оттаму што научниот дискурс околу хроматиката во византиската и византиско-словенската музика од тој период, се базира врз фактот за постоењето на т.н. „позитивна акултурација“, идентична на посочениот „успешен калем“, каде елементи на ориенталната музика, преку фолклорно-музичките бази на односните средини, се инфилтрираат во звучниот простор на црковната музика. Најоглем дел од грчката визнтологија пак, се уште стои на позицијата за неприкосновениот дијатонски карактер на византиската музка. Така на пример, често цитиранта студија (докторска дисертација) на Димитри Кономос, за византиската трисагиа и херуваика од ХIV и ХV век, во многубројните транскрибирани мелодии не бележи ниту едно хроматско движење.6F
Меѓутоа, што станува со останатиот долговековен развој на византиската и византиско-словенската музика, во смисла на хипотетичното, имплицитно егзистирање на хроматиката и хроматските движења, уште од нејзините први почетоци. Се чини логична претпоставката дека хроматизмите неможеле да не бидат присутни во музиката, која дел од својата традиција и должи на античката грчка музика, која пак од своја страна експлицитно зборува за хроматскиот род и спецификите што тој ги поседува. Сепак, најблиску до вистината се наоѓа и претпоставката дека хроматизмите се содржани во сколопот на невматски означените фигури-формули за движењето на мелодијата во рамките на соодветниот ихос. Прифаќајќи ја оваа хипотеза, која се чини особено значајна за поствизантискиот период-до Хрисантовата реформа, се приклонуваме кон мислењето дека е непотребно да се бара систематизиран вид на хроматските движења во невматските записи, туку ќе сметаме дека тие постоеле во импровизирана форма, во практиката на познатите музички автори и пеачи7F. Во овој контекст, интересно е и гледиштето за хроматските алтерации кои претставуваат резултат на транспозиции на повисока или пониска позиција на одделни мелодиски исечоци, т.е. Колена8F. Како подржување на ваквите ставови, се јавуваат и низа историски податоци во кои се говори дека „… во постарите византиски химни, хроматските модуси биле застапени во покуси мелодиски фрагменти. Подоцна тие можат да се забележат во поразвиените мелодии запишани со Кукузелова нотација. На преминот во хроматскиот тонски род стои ознаката „ненано“-во модифициран вид остаток од античкиот грчки хроматски род“9F. Не сметајќи ги принципите на хроматските тонски односи, кои византиската, а потоа и византиско-словенската музика несомнено ги наследила од старогрчката музичка теорија, како еден од главните аргументи за поддршка на тезата одколу имантнтното постоење на хроматика во византиската музика се јавува општо познатиот факт дека источното црковно пеење е создадено на географските простори во кој специфичната сензибилност било одсекогаш застапена во мелопоетските структури. Во тој поглед, тешко можеме да претпоставиме дека Сириецот Јован Дамаскин, кој во осмиот век го воспоставил византискот Октоих, земајќи за основа пред се мелодии од источните христијански земји, во прв ред од својата татковина Сирија, можел или се трудел да ги одбегне мелодиските формули на источниот сензиблиитет. А хроматските движења претставуваат еден од најзначајните структурни елементи на тој сензибилитет.
Ваквите и слични прашања се само дел од големата ризница на сè уште неразоткриените богатства што ги крие византиско-словенската музика во Македонија, како и духовната музика во целината на нејзиниот развоен континуитет, на овие простори. Воедно, овој труд е и прилог кон продолжување на главната насока во македонската музкикологија со откривањето на нови ракописи и релевантни факти во областа на византологијата, да се фундира и филозофско-естетичката база на автохтоните вредности што ги носи македонското духовно-музичко наследство. Зашто, да не заборавиме: најзначајното обележје на византиската култура е нејзината естетичност, и тоа естетичност sui generis, која се покажува како прв и последен детерминантен фактор во профилирањето на сите византиско-словенски духовни култури кои подпаѓаат под нејзино влијание, вклучувајќи ја тука на прво место – онаа во Македонија.

#b

5. Tran Van Khe, “Akulturacija u muzickim tradicijama Azije”, Zvuk (Sarajevo), br. 2 1974, s. 147
6. Dimitri E. Conomos, Byzantine Trisagia and Cheroubika of the Fouteenth and Fiftheenth Centuries, Thessaloniki, 1974
7. Драгослав Ортаков, „Кон прашањето за хроматиката во византиско-словенската музика“, Македонска музика (Скопје), бр.6 1986, с. 24
8. Christian Thodberg, Chromatic Alterations in the Sticherarium, Actes du XII congres international d’etudes byzantine a Ochride, 1961, Belgrade, 1964, pp. 607-612
9. Metodij Simonovski, “ Orijentalizmi u tonalnoj gradji nasih narodnih melodija “, Zvuk (Beograd), br. 26-27 1959, s 220

АвторБорис Ортаков
2018-08-21T17:22:13+00:00 јануари 1st, 1999|Categories: Осврти, Блесок бр. 06, Звук|