Уметност целосно подредена на политичката ангажираност

/, Галерија, Блесок бр. 48/Уметност целосно подредена на политичката ангажираност

Уметност целосно подредена на политичката ангажираност

Кон 59. Кански филмски фестивал 17-28 мај, 2006

#1 Педесет и деветтиот Кански филмски фестивал донесе многу политика и историја, многу ангажирани филмови кои жестоко се осврнуваат на фашистичките режими, на тортурата, на војните и на историските неправди. Во тој знак помина целиот фестивал, кој се одржа од 17 до 28 мај, а во тој знак и заврши, па едно од најуметничките жирија досега (Вонг Кар Ваи, Занг Зији, Моника Белучи, Тим Рот, Хелена Бонам Картер, Патрис Леконт, Лукреција Мартел и Елија Сулејман) наградите им ги додели, пред сè, на ангажираните филмови и на филмовите со кауза, која очигледно се претвори и во кауза на жирито. Сепак, а можеби и токму поради тоа, Канскиот фестивал успеа да направи своевиден осврт на рецентната филмска продукција во светот и да покаже што е она што ја преокупира помладата филмска генерација. А тоа, дефинитивно, е реалноста, сето она што се случува околу нив, без оглед дали врзано или неврзано за историското тло и тоа на еден документаристички начин, на начин кој ја претпоставува документарноста пред уметничкиот приод. Со други зборови филмот, впрочем како и секогаш, докажа дека е рефлексија на случувањата околу себе, односно колку што сè е политизирано, исфорсирано и манипулативно, таква е и филмската, па и уметноста, воопшто.
#2 „Златната палма“ му припадна на Кен Лоуч и на „Ветрот кој го разбранува ехото“, филм кој многу ангажирано се осврнува на бруталноста на британската војска, на британскиот империјализам (алудирајќи на неговото постоење и денес) и на ирската борба за независност, Гран-при доби францускиот „Фландријци“ на Бруно Думон, една вознемирувачка и сурова сторија за војната во која нема страни и за сопствената неприлагоденост, а групната награда за машка улога ја добија актерите од земјите на Магреб, кои играат во филмот „Денови на славата“ на Рашид Бушареб што говори за арапските војници кои се бореле за Франција, а кои се заборавени од историјата. Сите тие филмови се снимени документаристички, многу автентично и силно, при што филмот е ставен во служба на изречената или на бараната вистина, во функција на целта – да се проговори против; против политиката, против неправдата, против режимите во кои се заборавени луѓето. Таков беше и аргентинскиот филм „Приказна за едно бегство“ на Израел Адријан Каетано, кој говори за затворениците во Буенос Аирес во 1977, кои ќе успеат да побегнат и кои ќе бидат први што во 80-тите години ќе сведочат против фашистичкиот режим. Таков беше и филмот на Мексиканецот Гилјермо дел Торо „Пановиот лавиринт“, кој зборува за шпанската фаланга во времето на Франко, но во него ја внесува и фантазијата преку светот во кој бега младата девојка правејќи една невообичаена паралела со монструми и самовили. Со еден збор, филмови кои многу силно ги наметнаа мрачните теми, но филмови правени со очигледна тенденциозност и ангажман. Станува збор за филмови кои целосно ѝ се подредени на политичката ангажираност, дела кои требаше на свој начин да ја одиграат сопствената улога и да предизвикаат одредени реакции. Затоа и одредена иронија кон одлуките на жирито, бидејќи станува збор за филмови кои ја водат играта, но најмалку онаа филмската. Начинот на кој се овие филмови направени е, пред сè, манипулативен и со одредена цел да проговори за минатото, односно за сегашноста. Ангажираноста е добра кога е реална и кога се наметнува природно, но не и кога е наместена, а во Кан и не беше правена некоја разлика.
#3 Интересна е паралелата, која намерно или не, сепак, годинава се наметна на овој фестивал: паралелата меѓу историјата и сегашноста, чии протагонисти се подеднакво уплашени како и оние кои се дел од овие филмови: подеднакво загубени, осамени и несигурни. Паралела во која се препознаваше реалноста, што беше и целта на филмовите, но која се пренесе и надвор, особено во услови на недостаток на вистинска уметност. Не дека Кан го немаше својот гламур, тој се обидуваше да биде гламурозен, да ги задржи атракциите, привлечноста, но оваа година, сепак, не беше така. Видливо беше многу помалото присуство на ѕвезди, со оглед на документарниот пристап во работата на филмовите, многу помала беше возбудата и исчекувањето, но за жал и уметноста. Годинава во изборот имаше малку филмаџии од оние кои умеат да си играат со својата уметничка визија, како на пр. претседателот на жирито Вонг Кар Ваи или Кореанецот Ким Кидук, кои имаа нови остварувања, и да ѝ ја подредат секоја тема, но на маркетот. Интересно беше и што токму годинава во програмата „Кански класици“ им беше направен омаж на италијанските неореалисти, Фелини, Висконти и Роселини, што како контраудар покажа како изгледа кога вистинските уметници се ангажирани, како изгледа кога својот однос и критика кон нештата умеат да ги стават во функција на сопствената уметност. Затоа остана прашањето: дали за ваквиот годинашен избор, сепак, е виновно времето во кое живееме или умешноста на избраните автори. Бидејќи, факт е дека имаше силни филмови, со необична визија, инвентивни и поинакви дела, кои вознемируваа и предизвикуваа со своето отсликување на реалноста, но без нагласениот уметнички приод во нив, без една нагласена особеност или филмска игра. Дела кои навистина нема да ве остават рамнодушни, но заради темата, па и заради стилот, а никако не заради уметноста.
#4 Со својата структура и приказна се наметна „Вавилон“ на Алехандро Гонзалес Инариту (награда за режија), чија идеја е врзана за Вавилонската кула и за неможноста за комуникација и разбирање меѓу луѓето. „Вавилон“ е филм кој е распространет низ целиот свет тргнувајќи од Америка, од американско-мексиканската граница, па преку Мароко до Токио земајќи ги како заедничка точка неразбирањето, од една страна, но и поигрувањето со предрасудите, од друга. Она што е интересно и најпровокативно во овој филм е токму нашата подреденост на предрасудите поради која не можеме јасно да видиме, а уште помалку да разбереме. „Враќање“ на култниот Алмодовар, кој слободно може да се каже дека по игра на иронијата ја доби наградата за сценарио, донесе една приказна која говори за валканиот веш во секое семејство, но приказна која во недостаток на идеја толку многу зема од неговите претходни филмови, што филмот е здодевен и покрај одличната игра на актерките, кои повторно групно ја добија „палмата“. Овој филм едноставно е неспоредлив со неговиот претпоследен „Зборувај со неа“, кој по својата оригиналност се издвојуваше од сè што Алмодовар досега направил.
#5 Необична година, многу необична за Кан, но и година која исфрли неколку нови и интересни имиња. Како дебитантката Андреја Арнолд од Британија (која претходно има „Оскар“ за краток филм, што моментно за да се биде селектиран во Кан е најважно), која дојде со една трилер/драма, со една приказна која можеби не е нова по ништо, но која е водена многу интересно. „Црвениот пат“ е приказна за една жена и за нејзината одмазда, што ќе се наметне сосем случајно, додека таа ја работи својата работа и низ камерата го набљудува градот. Воден како трилер, овој филм се развива во една интересна и опасна игра, во контроверзна драма за една жена која ќе почне да го следи тој што е виновен за нејзината животна трагедија, но борејќи се да ја прифати загубата, за првпат ќе ја доживее и целосната љубовна игра. Овој необичен филм, чија сторија ќе отиде во сосем неочекуван правец, наметнува многу прашања; едноставни, човечки, силни; за слабоста, за болката, за задоволството и за клучното прашање: како понатаму.

#6 Финецот Аки Каурисмаки, кој цело време многу добро се котираше на критичарската листа, не освои ниту една награда, но факт е дека со неговите „Светла во приквечерината“ донесе една свежина, внесе поинаков поглед на нештата, внесе хумор, откачен, но исклучителен. Многумина овој негов филм го споредуваа со претходниот „Човек без минато“, но и покрај стилската препознатливост, тој сепак беше поинаков и многу поинвентивен. Неговата приказна за поединецот и за осаменоста, за губитникот во кој всушност Каурисмаки ја отсликува целата загуба и дезориентираност на општеството, е извонредно доловена со еден минималистички принцип, во кој зад статичноста и привидната мирнотија се одигрува силна, жестока критика на системот.
#7 Надвор од главната програма се издвоија неколку интересни, повторно реални, но различни приказни. Таков беше унгарскиот филм „Свеж воздух“ на Агнеш Кочиш, кој во исто така минималистички дизајн говори за очајната борба на една млада девојка да излезе од сопствениот затворен свет, а завршува со нејзиниот „пораз“. Со повторувањето на судбината од која цело време сака да побегне, судбината на нејзината мајка. Тука е полскиот „Поправање“ на Славомир Фабицки, кој има силна приказна, но не и којзнае каков јазик. Младото 19-годишно момче ќе помине низ своевидна голгота во сопственото преиспитување на границите, за на крајот да загуби сè што му е важно обидувајќи се да оди по пократкиот пат или по линијата на помал отпор. Документарноста во приодот ја става на исто рамниште и приказната на Тахани Рашед за младите девојки од улиците на Каиро насловена „Овие девојки“, приказна која погодува со својата наивност и позитивност со која е раскажана од агол на младите девојки, а во чија позадина се чувствува целата валкана приказна од чиј магичен круг тие никогаш не можат да излезат.
#8 Имаше во Кан и некои апокалиптични стории кои се занимаваа со иднината, како футуристичкиот „Приказни од југот“ од главната програма, потоа документарниот „Незгодна вистина“ со Ал Гор, па дури и новата анимација на Ричард Линклејтер (присутен и во главната програма со „Нација на брза храна“) со „Темно скенирање“, но филмови кои беа или политички памфлет или толку неинвентивни што делуваа како експерименти, чии проекции сепак поголемиот дел од салата ги напушти. Имаше и многу занимавање со секс, како „Шортбас“ на Џон Камерон Мичел, кој се обидуваше да потсети на контроверзниот „Деца“ или омнибусот „Отфрлени“ составен од седум кратки филмови на познати светски уметници на тема телото и сексуалноста, меѓу кои беа и Метју Барниц и Марина Абрамовиќ („Балканска еротска епика“). Но, факт е дека годинешниот Кан го одликува една просечност, остварувања или автори кои тенденциозно или не, сепак, не се наметнаа со ништо посебно. Можеби возбудата беше најмногу во заклучокот дека тоа што ги преокупира младите автори денеска, дефинитивно, е испреплетено со реалноста, со поразителната реалност, пред која тие не затвораат очи, но што умеат со неа да направат е сосем нешто друго. Сега за сега, потрагата продолжува, и нивната и нашата потрага да најдеме начин да ја задржиме уметноста и во неа да го изнедриме вистинскиот современ јазик и автор. На таа тема Вим Вендерс во својот филм „Комора 666“ разговараше со многу познати филмаџии кои говореа дека уметноста всушност никогаш не може да умре, таа секогаш е скриена во некое писмо кое допрва треба да биде напишано. Неговата силина доаѓа отпосле, а посебноста не е закон, таа е чувство кое тогаш кога ќе се препознае и ослободи секогаш го наоѓа својот пат.

АвторСунчица Уневска
2018-08-21T17:21:26+00:00 јуни 4th, 2006|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 48|