Со челото на прст

/, Галерија, Блесок бр. 75/Со челото на прст

Со челото на прст

#1 „Круг“, кафе, убаво друштво и расположение, доволни да се согласам да напишам неколку редови за најновото од четката на Миро Масин. Но, патот од графитот на ѕидот во кафулето „Подобро на гранка отколку заглавен во лифт“, преку часовите минати во ателјето на сликарот и подоцнежниот обид за евоцирање на доживувањата од бројните претходни средби со неговите дела, до смислување на нешто што може да се стави на хартија излезе поголем предизвик отколку што претпоставив во првиот момент. Не само затоа што на патот ми се испречија еден лекарски преглед и еден празен акумулатор, туку пред сè затоа што пишувањето за уметноста значи претпоставка дека таа има значење кое може да се детерминира и артикулира, а за мене сликарството отсекогаш било многу повеќе импресија отколку теорија, многу повеќе емоција отколку размисла. И што сега, се прашував исправена пред новите навраќања на навидум старата тема – Масин и мајмуните, пак!
#2 Оваа тема не само што го исфрли Мирослав Масин од анонимноста уште на почетокот на неговата ликовна кариера, туку стана и остана и прва асоцијација која јавноста ја врзува со неговото име и своевиден знак на препознавање. Дискутабилно е дали воопшто можеме да говориме за навраќање кон темата бидејќи тој всушност никогаш и не ја оставил сосема настрана. Во меѓувреме неговото творештво помина низ неколку творечки циклуси во кои си подигруваше со техниките, формите, форматите, дури и медиумите, но сепак се чини дека сите негови други преокупации, сите негови бакнежи, риби и птици се само продолжение на истите теми за потеклото, смислата, иднината…
Па од првото појавување на „Половина милион години откога мајмуноликиот предок слегол од гранка“, преку видео клипот Круг (мајмун-човек-мајмун) и т.н. Уметничко-еволуциските процеси „Миро и Емил“ и „Човек“, сè до неговото последно претставување пред скопската публика на почетокот на оваа година во арт-кујната, Масин ја раскажува истата приказна. Можеби можеме да речеме дека станува збор за очигледна и константна посветеност на една тема, можеме дури да ја наречеме и трајна опсесија или пак да говориме за испитувањето на можноста за постојана трансформација на една иста метафора, но не можеме да не се замислиме над одржливоста на иновацијата која Масин ја прави врз Дарвиновата теорија укажувајќи на можноста за спротивен процес на контра-еволуција, кој би значел враќање на модерниот човек кон корените, кон природата (наспроти културата, или можеби наспроти науката и технологијата), всушност кон својата вистинска природа, кон сопствената суштина… Затоа што ако Душко Радовиќ велеше дека човекот не станал човек одеднаш, туку преку долга борба со мајмунот во себе, на Миро Масин пак му е јасно дека слатките мали мајмунчиња ги надмудрија луѓето и се покажаа посовршени суштества, па оттука во неговиот свет да се стане мајмун од човек всушност значи да се стане човек, повторно.
#3 Дали ваквата тенденција може да се протолкува како бегство од современоста и отуѓеноста која таа ја носи, или ако го употребиме речникот на културологијата, повикување на дискурсот на примитивизмот? Имено, ако примитивизмот е антирационалистичка и антиматеријалистичка филозофија, потрага по потеклото и апсолутите, по недопрената и неконтаминирана човечност и побуна против линеарната, мерлива, капиталистичка логика, тогаш секако дека Масин без поговор ја следи линијата на страсните подржувачи на примитивизмот како Пикасо, кубистите, германските експресионисти, дадаистите и надреалистите. Само за потсетување, во срцето на програмата на германските експресионисти лежи ничеовската романтичарско-дијалектична претпоставка дека мораш да се вратиш назад за да одиш напред.
По таа логика, бегството од современоста значи враќање кон примитивниот човек неупропастен од развојот на цивилизацијата или, во визурата на Масин, кон првиот човек, кон прачовекот, кон мајмунот. Веројатно затоа мајмунот од сликата на Масин го има прстот на чело, па гледа во јајцето (уште еден универзален симбол за потеклото и постанокот) прашувајќи се како да ја поврати загубената димензија на човештвото. Неговата визија не е отпор кон технолошкиот напредок, ниту иронија или игнорирање на придобивките на модерноста, но повеќе е предупредување за насоките во кои се движи човештвото денес. Токму затоа истиот тој подзамислен мајмун (можеби и несвесно) ги користи аргументите на американскиот теоретичар на културата Стенли Дајмонд дека патот кон иднината води преку комуникација со примитивното и во минатото и во сегашноста, т.е. Дека „Потрагата по примитивното е еден обид да се дефинира првобитниот човечки потенцијал. Без таков модел станува сè потешко да се евалуираат или разберат нашата современа патологија и нашите можности.“
#4 Веројатно во истиот контекст можеме да го протолкуваме и тоа што новите слики на Масин се врамени во стари рамки, исчукани и подизлупени, најдени во подрумите и таваните на сликарските ателјеа на неговите колеги од постарата генерација или пак во рамки од гоблени и огледала од семејните наследства, како да сака и со нив да покаже и докаже дека неговите слики се нови, свежи, иновативни, но истовремено и буквално, и метафорички ја носат патината на вредностите кои ги носи само минатото, како само враќањето кон корените да значи чекор напред.
#5 Создадени наменски токму за изложбата во скопската галерија „Око“ во ноември 2010 година, тие дваесеттина цртежи ја носат во себе таа, веќе препознатлива, симболика на јајцето и мајмунот, но и назнаките на многу одгатнати или навестени ментални и емотивни состојби, од длабоко мисловни до целосно романтични и срцести, во секој случај многу човечки. Преку нив, симболите, видовите, метаморфозите и сите нивни фигурации и наративи, имплицираат и една сосема лична естетика, која иако варира низ различни форми, од речиси класични портрети преку геометриски мултиплицирани претстави до сосема апстрактни форми, сепак во сите варијанти неизбежно го сугерира ракописот на својот автор. Затоа, дури и да се случи публиката да не го види потписот кој е трејд марк сам по себе (а тоа може да се случи имајќи предвид дека најчесто е во прозирно-белузлаво-светликави тонови), сепак сигурна сум дека дури ни меѓу понеупатените нема да има дилема – ова е Масин, ова е уметност која зборува посилно од било кои зборови со кои ќе се обидеме да ја доловиме. За сè останато, ќе останеме уште некое време со прстот на чело. И токму во тоа е убавината.

АвторАна Мартиноска
2018-08-21T17:20:59+00:00 декември 21st, 2010|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 75|