Сликарот Лазар Личеноски

/, Галерија, Блесок бр. 14/Сликарот Лазар Личеноски

Сликарот Лазар Личеноски

По повод ретроспективната изложба на Л. Личеноски во Музеј на современата уметност, Скопје, октомври 1998

#1 Лазар Личеноски е роден во месец март (28.03.1901) „на гола земја, крај огниште, во пепел, на сламена рогозина. Сум растел на гол камен и на селско буниште што се наоѓаше на десетина метри од нашата куќа.“ Татко му Филип, потекнува од угледно градителско семејство каде што, покрај зографството и резбарството, третиот галички занает – неимарството, се пренесувал од татко на син на цели поколенија кои изградиле голем број цркви од што еден дел и во Романија, како Матеј – Моте Велов Личеноски, кој што „го конструирал, по обем, најголемото црковно кубе“. Кога мајка му Магда „… се слизнала на мраз, смртно се повредила и умрела млада на дваесет и две години…“, Лазара и сестра му Стојана ги одгледала и воспитувала „со молитви и ќотек“, строга и правична стрина Роса. #2Градежничката работа го однесе Филипа во Призренско, а Лазар остана во Галичник, да го живее аргачкиот живот и со своите мали, од работа измачени детски раце, да ги служи чобаните и да прави сè што ќе му кажат, за да „… не го јаде лебот бадијала.“ Тој примитивен аргачки живот, ништо потежок од домашниот, барем му ја топлеше душата со „таа елементарна планинска тишина, бескрајни панорами од врвовите на Бистра, преку подножјата на Крчин и Стогово, преку цела Албанија, прекрасни преливи и хармонии на сини и виолетови бои што се губат во мекото сивило на јадранската пучина“, од каде што се роди желбата да ја овековечи на платно оваа бескрајна љубов кон плланинскиот пејзаж.
#3 Трогателно звучат зборовите на Личеноски дека во Скопје, каде што навлезе во еден поинаков начин на живеење во градски амбиент: „… за прв пат осетив што е прав човечки живот, што е хигиена, игра, учење…“ Но и во Тетово, каде што помина еден значаен период од своето детство, за Личеноски значеше и први контакти со организиран културен живот во една „провинциска касаба“ која во тие динамични предвоени времиња не била „… еднолична, монотона и здодевна. Секој пат во овој град постоел некаков специфичен културно-забавен живот. На пример, по Првата светска војна, во Тетово имаше преку сто мандолини и по неколку десетини гитари и виолини.“
Првите поттици за творење кај Личеноски се родија во средбите со последните мијачки зографи од кои го учеше занаетот, мешањето на боите и нивната волшебна моќ што го тераше со „… саати со крената глава нагоре кон кубето да гледам како Димитрија (Андонов Папрадишки) зограф, слика на скелето…“
Кога 1918 година почина татко му Филип, Лазар ги среди домашните обврски: ја омажи сестра му Стојана, го распродаде алатот од дуќанот и решителен да го оствари својот долго и упорно сонуван сон, го напушти своето огниште. Претходно го наслика 1920 година со сиот негов елементарен и архаичен инвентар длабоко врежан во неговите носталгични сеќавања и замина на студии во Белград 1921 година.
#4 Прескокнувајќи ги годините на патријархалните почетоци на ликовниот развој на првата и втората деценија, Личеноски влегува во ликовниот живот во третата деценија, кога идеалот на општото го надвладеа личното, рационото ја замени емоцијата, трајното го потисна миговното, конструктивниот музејски реализам го воскресна традиционализмот, додека авангардата што така жестоко му се спротивстави на треперливиот импресионизам и неговиот лабораториски систем на оптичко разлагање на бојата, од сезанизам, експресионизам или кубизам, се втопи во традиционалниот неокласицизам. Допирот со изворите во Париз, каде што беше испратен да ги проучува фреско техниките кај Марсел Леноар, за Личеноски значи и грижливо проучување на оние содржини на стилските определби од кои со внимателна избирливост ќе го определи комплексниот арсенал на својата слика, со особен пиетет кон Утрило, кон класичната фаза на Пикасо, како и кон експресивната егзалтација на колористичкиот вител на Делакроа, топењето на бојата кај Реноар итн. Од Марсел Леноар, како сликар, Личеноски не се восхитуваше, бидејќи не можеше, според својата рустична и темпераментна природа да се вклопи во педантната и дисциплинирана шема на овој автор. Сепак, Леноар го воведе во тајните на фреско-техниките и му ги откри „лицето и опачината“ на бојата во допирот со влажната (фреско) подлога. Од друга страна, искуствата стекнати во ателјето на Андре Лот, го насочија кон старите мајстори: кои се и какви соодносите меѓу сликарските елементи поребни да се создаде слика во лабораторијата на уметникот. Во овој париски период, Личеноски најмногу се стреми кон пластичната форма и волуменот на Пикасо. Овие поместувања во творештвото на Личеноски произлезени се од една страна од заситеноста од арсеналот на строгата академска шема и класистичката „опструкција“ на бојата, како и од неговата расна определеност кон колористичкото созвучие на иконографијата на неговиот југ. Особено, тие се должат и на оној поттикнувачки „воздух“ околу парискиот круг, каде што веќе се помести интересот од формата кон бојата, од метафизичкото кон егзистенцијалното, од разумот и рационалното кон чувствата и емоционалното, од големите класичари Пусен, Енгр, Дерен, кон новата колористичка чувствителност на Ван Гог, Гоген, Сутин, Модилјани, Утрило, Сегонзак, Шагал, Кислинг…

АвторВикторија Васева Димеска
2018-08-21T17:22:04+00:00 април 1st, 2000|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 14|