Рецензија за Џенат Дрековиќ

/, Галерија, Блесок бр. 117/Рецензија за Џенат Дрековиќ

Рецензија за Џенат Дрековиќ

Рецензија за Џенат Дрековиќ


Џенат Дрековиќ влегува со објективот на својот апарат во затворот, а притоа, освен кирилските написи на вратите не можеме да знаеме каде се наоѓа тој затвор, кое општество и каков апарат на власта ја огледуваат во него својата моќ и своето разбирање на казнувањето. Впрочем, не е ни важно на кое доба и на каков општествен систем тој затвор му припаѓа, бидејќи Дрековиќ не го интересира политичкото во затворот, како одраз на општествената структура на моќта вон него. Фотографот тоа политичко го преточил во навестување на онтологијата на затворот, неговата структура на постоење, за симболички да го одрази самиот логос затвор, суштината на начинот на кој тој ја одзема слободата и го контролира животот на затворениците. Затоа затворот на Дрековиќ може да биде насекаде и во секој миг на модерната цивилизација, а тоа подразбира дека секој кадар во него го зел објективното време и го преточил во она симболичното. Меѓутоа, на фотографиите на Дрековиќ акцентот и не е на времето, туку на просторот и на човекот во него. Тоа е простор, пред сè, на нагласени решетки. Решетките се носечката метафора на овој циклус фотографии. Но, ако тие се во прв план на фотографскиот кадар, ако се тие носечката метафора, тоа не значи дека со нив е пресудно одредена содржината на фотографијата, Оти фотографот го интересира она зад нив – животот и неговата содржина. Затоа, времето на фотографијата е запрено, станало метафорично друго време. Имено, вон затворот времето трае во својот каузален или контингентнен синџир на случувања, тоа тече меѓу временските точки. На фотографијата на Дрековиќ таквото време, кое тече, го нема, дури речиси и да нема никаков процес, никакво дејство кое би произведувало какви и да било влијанија во времето. За Фуко затворот е друг простор, според Дрековиќ тој е и друго време. Времето во тн. слободен живот е тесно поврзано со движењето и случувањето, т.е. со произведувањето случки. Во затворот и на фотографиите на Дрековиќ нема случки, туку сè е во запирање, во самото стоење на времето. На решетките, како на носечката метафора на фотографиите, сега им се придружуваат и исечоци на простор без случки, за фотографијата да се фокусира на содржината на просторот. А тука доминира прописот, строгата нормативност на просторот и неговата безличност. Само една фотографија отстапува од таа безличност на просторот, онаа со импровизираната работна маса и со книгите на неа, покрај фотографијата на Тито на ѕидот покрај прозорецот. Како затвореникот кому му припаѓа таа ќелија да п(р)огледал низ фотографијата, книгите и прозорецот во нешто друго, вон затворот, во симболиката на друго време, идеолошките нарации во него и фиктивната слобода на книгите. Сите други простори се безлични и максимално функционални. Било да се работи за сликата на игралиштето надвор, запуштено и голо, снегот околу него, исчистен за кружна патека за шетање, сушилницата или внатрешноста на ќелијата, на нив човекот се појавува сосема обезличен. Тој човек без лице станува функција на просторот, токму како машината за перење, мијалникот или решетките на прозорците и на вратата. Функција на просторот, бидејќи го пополнуваат без право на негова субјективизација. Така нормата, онаа законската пред сè, се одразува на фотографијата на Дрекиќ како процес на обезличување на просторот и укинување на случките во него. Со други зборови, просторот без личности и времето без случки ја одразуваат онтолошката мрежа на затворот како простор на обесчовеченост.

АвторЕНВЕР КАЗАЗ
ПреводЕлизабета Баковска
2018-09-25T13:02:29+00:00 јануари 3rd, 2018|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 117|