Разговор со Петар Мазев 1989/90

/, Галерија, Блесок бр. 116/Разговор со Петар Мазев 1989/90

Разговор со Петар Мазев 1989/90

Разговор со Петар Мазев 1989/90


САД: Вие ја чувствувате сегашноста, тензијата на времето, неспокојството, напнатоста, хаосот и ги врзувате со она што некогаш било, мислејќи на некое идно време?
ПМ: И да не ги врзувам свесно, времињата сами по себе се спојуваат. Но најсилно е она наше луто, горливо време. Како што ја гледате оваа моја последна слика. Бојата потекла како река. Осетив од внатре дека морам одеднаш да ја истурам внатрешната енергија. Не можам полека да ги местам боите, да ѕидам постепено.
САД: Кога станува збор за таа слика имам впечаток дека толку силно замавнала енергијата што сака да ја исфрли фигурата од платното. Таа со еден потег е избуткана на маргините на сликата и има очигледна тенденција да избега од рамката.
ПМ: Тоа е потенцијалот на внатрешното битие што се појавува низ гестот. Штом ќе го истурам, оп – готово, ќе излезе нешто од мене и ќе се ослободам. Значи мора апсолутно сè да излезе. Ако не сум задоволен од постигнатото и понатаму се спротиставувам сè додека не почувствувам дека апсолутно сум ја испразнил енергијата и дека задоволството излегува од мене. Потоа на друо платно продолжувам друга битка, но таа не е иста. Чувствата не се повторуваат.
САД: Но јас повторно инсистирам на времињата. Како го решавате спојот на минатото како меморија, на сегашноста како момент на сликање и на мислата за иднината. Има ли некое четврто време?
ПМ: Кога се раскажува е поинаку. Кога се слика сето тоа се случува несвесно, сè заедно излегува, се меша и живее свој живот. Сликата е збир на времиња од кога сум се родил до овој миг, мислејќи патем и на она утре. Сликата се носи низ сите времиња.
САД: Работат паралелно и свесните и потсвесните и несвесните механизми?
ПМ: Децата денес растат во затворен простор, како под инкубатор. Јас сум спиел на чардак, на гумно. Сум гледал во ѕвездите, од време на време сум се будел, сум примал од природата и повторно сум тонел во сон. Тоа ме хранело, ме терало да размислувам, да комуницирам со космосот. Сите сетила ми биле разбудени: да ја намирисам темнината, да ја слушнам светлината, да ја видам сламата – постојано сум акумулирал директно од природата. Тоа биле ситуации кога сè играло во мене, ме будело. Тишината ми пречела. Сум ја сакал само како контраст: кога некој ќе ја пресече со тресок на врата. Потресот ми го разбудува целото битие.
САД: Значи рано сте се освестиле. Многу деца што живееле во слични услови останале рамнодушни на тие сензации?
ПМ: Уметноста тоа ми го направи, ме разбуди. Уметноста е најшироко, бескрајно црпење од животот, од индивидуата.
САД: Мислите ли на утрешнината сега додека сликате? Имате ли предвид некакво спојување што некогаш ќе биде а сè уште не е?
ПМ: Тоа се куп, грамада на чувства и претстави што не можат да се издвојат. Настојувам само да излезат од мене едно по едно, постепено да се редат и разместуваат. И кога треба да излезе главното чувство – завршницата, тогаш ги собирам чувствата, времињата, состојбите и сите заедно ги истурам врз платното. Крајот е најзначаен. Тој е важен и за загревањето. Кога почнувам да сликам се загревам, се загревам, температурата се качува на максимум и тогаш или ќе се скрши термометарот или ќе излезе нешто креативно. А што ќе биде утре од сето тоа, не ми е многу значајно.
САД: Вие ретко правите цртеж, скица за некоја слика?
ПМ: Ја одбегнувам таа постапка. Работам по сеќавање или директно. И кога изведувам големи композиции не ги скицирам однапред. Не сум рационална, дисциплинирана природа.
САД: Меѓутоа, пред да почнете да сликате имате ли некаква ментална, визуелна претстава или сè се раѓа врз платното во мигот на творечкиот процес?
ПМ: Кога се поставува очи во очи со белото платно, тоа само по себе ме предизвикува, ме повикува. Се чувствувам полн со енергија и сакам да се испразнам, да ù дадам живот на белата површина. Најчесто во мене нема ништо конкретно, но постои нешто во потсвеста, горе-долу нешто така. Дали ќе излезе човек, пејзаж, друго или трето, не знам однапред.

2018-09-20T12:29:33+00:00 октомври 21st, 2017|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 116|