Разговор со Петар Мазев 1989/90

/, Галерија, Блесок бр. 116/Разговор со Петар Мазев 1989/90

Разговор со Петар Мазев 1989/90

Разговор со Петар Мазев 1989/90


САД: „Белите платна“ се меѓу најзначајните енформелски остварувања кај нас. Зошто го прифативте енформелот, изразувате ли преку него револт, незадоволство, грч на времето или нешто друго беше во прашање?
ПМ: Ги насликав одеднаш. Страсно ги сликав и преживував. Тоа дојде сосема спонтано, без да стои зад нив некоја теорија или филозофија. Чисто интуитивно. Потоа почувствував дека белата монохромија ме исцрпела дека ми треба чиста и јака боја со јасен звук и пак се вратив на мојот експресионизам начнат по педесеттите.
САД: Илјада деветстотини шеесет и осмата година, синтагмата студентски немири кај нас и во цела Европа – кај Вас нов пресврт. Направивте една слика, во почетокот се викаше „Светец“, потоа доби назив „Македонка“. Таа беше јасно енформелска, на која a posteriori, преку ноќ и „Израснаа некои човечки денотати. Таа е клучна слика – со неа завршува апстракцијата, а почнува фигурацијата, ако зборуваме за тогашно значење на овие терминолошки одредници.
ПМ: Таа е навистина преодна слика. На некој начин е стилизирана и во однос на енформелот и во однос на фигурацијата. Бев заситен од апстракцијата. Некоја внатрешна нужност ме тераше да и’ се вратам на фигурацијата.
САД: „Македонката“ беше всушност антиципација на „Старецот“?
ПМ: Во тој период во мене се роди некоја амбиција. Го обоив платното црно и од тоа црнило почна да расте белото, да расте светлината. Врз неа се таложеше бојата на лицето и на рацете. Сакав да докажам дека можев да направам и студија и тоа на друг начин. Белата боја ми помогна да ја створам светлината и да применам сосема поинаков третман од класичниот. Само не знам зошто го ставив тој брош врз градите на „Старецот“. Можеби барав да створам некоја друга структура во маслото, како што претходно правев со деталите од дрво во енформелските платна. Тој старец постои. Го сретнав во манастирот Св. Јован Бигорски. Сами живеевме во манастирот како пустелници. Другарувавме.
САД: Во секој случај сте ја овековечиле таа средба.
ПМ: Да. И не работев според цртеж. Ниту еден не направив.
САД: во 1973 година е одржав првиот хепенинг во Македонија и тоа во Вашето ателје. Во тоа време во Југославија се случуваше „новата уметничка практика“, но кај нас тоа беше новина. Како се роди таа идеја?
ПМ: Почувствував едноставно потреба за некоја синтеза, мошне спонтано. На хепенингот имаше уметници од различни профили. Но од денешен аспект, сето тоа како виор да преминало преку мене, не знам како да го протолкувам, зошто не би го повторил. Сега би избегал во некоја дивина: сам со сликарството. Тоа мие голема желба. Барам и внатрешна и надворешна тишина. Самотијата е тешка, но кога ќе совлада таа наградува.
САД: Често правите доброволни изолации, но повторно се враќате во Скопје.
ПМ: Во суштина сум како сите, и јас сум социјално суштествено. Но понекогаш се презаситувам од луѓето. Сега многу ми е потребна осаменоста. Моментално ме вознемирува оваа безизлезна ситуација во Македонија, а и проблемите о сликарството. Се појавува едно нагласено национално самочувство. Ако некој најде дел од македонското небо во моето сликарство тоа ќе ми биде најголем комплимент.
САД: Излагавте самостојно во Њујорк. Како го доживеавте Њујорк, за кој и Пикабија и Дишан рекле дека е „дело на потполна уметност“, а Франческа Алинови, дека е „овоплотување на естетски идеалниот град“ или „град во кој чистата енергија и матната материја ја наоѓаат идеалната точка на спојување како подвижна сила на поттикнувањето“?
ПМ: Во Њујорк и воопшто во Америка се живее луд ритам. Тој темперамент мене ми одговараше. Наполно се вклопив во таа брзина. Атмосферата беше апсолутно стимулативна. Мојата изложба беше презентирана во Југословенскиот културно – информативен центар (КИЦ). Немав никакви илузии за некаков успех, не очекував ништо особено. Можеби затоа бев изненаден кога едно перо како Џон Расел напиша еден осврт за мојата изложба во New york Times. Неговата критика значеше поврзување на моето сликарство со американското, но и укажување на националните специфичности. Во Америка имав можности да останам подолго и да направам неколку изложби. Меѓутоа за тоа се потребни препораки од влијателни и авторитетни луѓе.

2018-09-20T12:29:33+00:00 октомври 21st, 2017|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 116|