ПОМЕЃУ

>ПОМЕЃУ<


ПОМЕЃУ УМЕТНОСТА КАКО ЕФЕМЕРЕН ГЕСТ И РАДИКАЛНИОТ РЕЗ КАКО МОЖНОСТ
Помеѓу ефемерноста на инсталацијата и трајната документација
. Градејќи ја својата инсталација со избор на делата од колекцијата, Тошевски истовремено се дистанцира од нив за да отвори простор за промислување токму преку основната разлика врз која се гради пунктумот: блокирајќи го сопственото присуство, со гестот дефиниран со привремено здружување во констелацијата на поставката, ја истакнува невозможноста трајно да биде инкорпориран во колекцијата. Тоа може да го стори само преку преобразбата низ документацијата и контекстот кој е одреден од текстуалната, интерпретативната рамка во каталогот, како првично и привилегирано, но привремено прото-музеализирање на ефемерниот гест. Потпирајќи се на крајната ефемерност на инсталацијата, Тошевски го препушта својот гест да биде трансформиран низ директното искуство во ментална слика и затворен во документацијата како слика која ќе биде само фрагментиран индексички знак на настанот.

Помеѓу колекционерскиот субјект и колекционираниот објект. Една од клучните точки кои се однесуваат на музејскиот концепт околу наративот на колекцијата, како што забележува Гројс, се дефинира и низ релацијата помеѓу оној што колекционира и предметите што се колекционирани. Оттаму, важно е да се нагласи дека преку селекцијата, привремено преземајќи ја улогата на посредник, Тошевски со проектот Помеѓу ни овозможува да ја преиспитаме релацијата на колекционерскиот субјект и колекционираниот артефакт поставувајќи го својот гест помеѓу сликите и погледот на гледачот, а покривајќи ги делата од колекцијата, тој всушност го открива најчесто невидливото „присуство“ на колекционерскиот субјект.

Помеѓу радикалниот рез и последователната можност за скок. Селекцијата на прекриените дела, неизбежната референца на Малевичевиот крст и амбиентот на галерискиот простор во оваа конфигурација, нè наведуваат да ja разгледуваме оваа целина низ процепите на прашањата поврзани за потенцијалот на критичкиот музеј, за парадоксите на иконоклазмот и за можностите за надминување на маѓепсаниот круг на постисторијата во која е блокирана политичката имагинација во Музејот на историјата. Гестот на прекривање во случајов, како радикален рез, отвора можност за следниот чекор како скок кон универзалната позиција на третото лице и, пред сè, поради неговата структурна предодреденост како ефемерен гест врз констелација од постојни предмети, самиот си поставува граница на патот на апропријацијата, а наместо тоа отвора можност за неперсонална или натперсонална реституција на интегритетот на сликите во еден нов критички музеј.

***

На крајот, без претензии за ништо повеќе од сублимација на веќе лоцираните невралгични точки, вреди повторно да се навратиме на поширокиот круг прашања: Можеме ли конечно да го сопреме процесот на дезинтеграција на општествената сфера? Можеме ли да ја надминеме заглавеноста во постисторијата и можеме ли да го надминеме стравот од антиполитичката доминација на омоќената слика без референт и да го реставрираме балансот помеѓу сликата и текстот и нивната плодотворна комплементарност? Можеме ли да сонуваме за критички музеј и за дофаќање на „дијалектичката современост“ во време на подем на радикалниот популистички национализам и верски фанатизам? Можеме ли да замислиме ситуација, наспроти констатацијата на Гибсон, во која е можна порамномерна дистрибуција на иднината? Или, пак, можеби ќе нè прегази враќањето на некритичките манипулативни метанаративи, во кои критичката свест е аномалија што треба да се елиминира?

За да дојдеме до одговорот на овие прашања, треба да ги преиспитаме сопствената позиција и нашиот потенцијал за критичко мислење, кој првенствено бара напор за спротивставување на „стазисот замотан во илузијата на тековната промена“. Надидентификациски поставувајќи се кон вака опишаната ситуација, среде критичниот интеррегнум, низ комплементарниот однос кој го градат едноставниот парадоксален прекривачко-откривачки гест на Тошевски и просторот помеѓу фрагментираната и отворена структура на текстот, неопходно е да се обидеме да го удвоиме погледот: да го насочиме и кон поширокиот социо-политички контекст, помеѓу одумирањето на старото, при што единствено меѓузависноста на имагинативните капацитети и активирањето на критичкиот потенцијал може да го овозможи раѓањето на новото.

2018-12-13T11:55:09+00:00 ноември 10th, 2016|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 110|