ПОМЕЃУ

>ПОМЕЃУ<


Во текот на 2013 и на 2014 година, во два наврата слична интервенција е направена со дела од други уметници на самостојната изложба на Тошевски насловена Реколекции одржана во септември 2013 година во Берлин и потоа во ѕидната инсталација како дел од изложбата на Кооперација насловена На коњите им се кратки нозете во галеријата Ремонт во Белград во ноември 2014 година. Во истиот период, наизменично навраќајќи се на првичната конфигурација, како скулптурална акумулација е изложена во Загреб во 2015 година, на изложбата Есенција на егзистенцијата организирана токму од Националната галерија на Македонија.

Во истиот период паралелно со генезата на Помеѓу, период кој се поклопува со неговото активно учество во функционирањето на уметничката иницијатива Кооперација, Тошевски работи и на неколку други дела во кои се забележува тенденција за намерно редуцирање на полето на видливост, преку блурирање, како во Соната за К. Г. (2012), а особено во Ова не е јамка (2014), гест кој целосно дејствува под радарот на видливоста. Соработката и двонасочните релации врз кои Кооперација ја темелеше својата практика, со овој чин на отстапување на просторот се потврдува и притоа се заокружува во „отсутната“ посредничка акција/чин/интервенција, која останува нерегистрирана на билбордот. Акцентот е ставен на „преносот на авторскиот легитимитет или на неговото евентуално поништување во доменот на „видливото“ сведувајќи го на минимален релациски гест“.

Радикалните концепти на Казимир Малевич го придвижуваат процесот на распаѓање на предметноста и го овозможуваат преминот од естетиката на уметничкото дело во естетиката на настанот, кому не му е потребен предметот во вечно траење, ниту фиксен изложбен простор, а овој трансформативен гест е неопходен за разбирање на односот на традицијата и современоста. Во повеќе претходни проекти на Тошевски се наоѓаат помалку или повеќе забележливи референци на делата на Малевич, како што се специфичната реконтекстуализација на Слободната територија, попозната како Жолт крст (2009), потоа проектот Супремус (2011), Тезга (2011), Пејзаж во транзиција (2014).Во текот на 2011 година, проектот Територии, покрај Супремус, доживува уште едно специфично продолжение со акцијата Тезга, изведена на 11 ноември 2011 година на пазарот во Битола. Користејќи стандардна тезга и мегафон како средство за привлекување на вниманието, своите слики-објекти посветени на супрематизмот Тошевски гипонудил како производи „во замена за храна, земјоделски производи или гест“, при што уметникот издава сертификат за учество во „слободната територија“ на секој што сака да се вклучи во размената. Пејзаж во транзиција (2014) е инсталација која се состои од три „слободни територии“ кои се засноваат на Малевичевите форми, крст, круг и квадрат и објекти на соодветните форми од црн медијапан поставени на штафелаи. Трите форми како објекти се поставени така што се разместени во различна територија, без притоа да се поклопуваат (крст во квадрат, квадрат во круг и круг во крст).(…)

ПОМЕЃУ СИВАТА ЗОНА НА КРИТИКАТА, АКЦИЈАТА И ИСТОРИЈАТА
Помеѓу институционалната критика и нејзината апропријација
. По неколкудецениското плодотворно занимавање со проблемите на институциите во светот на уметноста, институционалната критика како специфична уметничка практика беше ставена под критичка опсервација околу можната апропријација и амортизирање на нејзините ефекти во неолибералниот модел токму од Андреа Фрејзер, една од најистакнатите претставнички на втората генерација уметници активни од почетокот на 1980-тите. Но, во услови во кои институционалната критика ни одблиску не е предмет на апропријација од уметничкиот пазар бидејќи го нема, овие уметнички практики и нивните резултати не може да бидат цел на апропријација ни од музејско-галерискиот систем како целосно зависен од буџетот и владините политики кои се во насока на зацврстување на ригидниот однос кон секаков вид критика. И затоа, посебно ако се движи на границата помеѓу поетичкото и политичкото, секоја критичка форма базирана на институционалната критика може да претставува плоден терен за преиспитување на горливите општествени прашања и нивно преврамување, посебно во општества како нашето, кои се соочуваат со голем број проблеми во своето функционирање.
Помеѓу критичката уметност и уметничкиот активизам
. Една од клучните дилеми околу критичката уметност и уметничкиот активизам е врзана и за прашањата дали уметноста може да ја промени стварноста и дали таа може да биде медиум на вистината? Иако многу често се тврди дека уметничкиот активизам како понов феномен, за разлика од критичката уметност, директно зафаќа во доменот на стварноста, сепак, со ретки исклучоци, не само што не ја надминува во ефективност критичката уметност, туку најчесто е само површен симболички чин или предизајнирана политичка пропаганда.

Игор Тошевски, во текот на својата работа, а посебно од средината на 1990-тите, регистрирајќи низа сериозни социо-политички и економски трансформации на неговата стварност, спаѓа меѓу ретките уметници кои во континуитет се обидувале да одговорат на клучните актуелни прашања без притоа да паразитира врз медиумската еуфорија, туку пред сè се обидувал низ процепите на конфликтот да отвори нов терен за промислување на пошироките импликации и да го искаже својот став, нешто што не останало незабележано.За тоа да стане појасно, доволно е да се навратиме на некои од неговите клучни проектикако Досие ’96 (1996/97), изложено во екот на првиот поголем бран на бруталната приватизација, потоа спомeнатите Територии (2004) наспроти дебатите за Законот за новата територијална реорганизација на општините, проектот Процес (2004), кој е реакција на измените во Законот за трговец-поединец, кој ги опфаќа и уметниците, потоа цензурираната Слободна територија во форма на крст (2009) изведена во близина на централниот плоштад во Скопје, среде жестоките дебати околу апропријацијата на јавниот простор по намерите да се изгради црква во близина на главниот плоштад и, секако, делото Уште еден проклет миг (2012), кое е почетната точка во директното реферирање на прашањето на цензурата и отстранувањето на Solution на уметничкото дуо ОПА.

… Помеѓу дефинициите на сивата зона. Хал Фостер, во неговата книга Лошите нови времиња, тенденциите за опсесивно рекреирање, реизведби на ситуации од минатото и реактуелизирање на неповратно изгубени настани ги дефинира како сива зона помеѓу белиот кубус и темната комора. Веројатно на многумина во актуелната ситуација како порелевантен контрапункт на вака разбраната „сива зона“ би им се чинеле интервенциите во урбаниот простор и активистичките акции, односно улицата (сивиот асфалт), и покрај бројните сериозни прашања и дилеми околу нивната ефективност. Но, сепак, се отвора уште една можност: парадоксалната природа на сликата и преиспитувањето на нејзината ефективност низ институционалната рамка се доволно добра основа за дефинирање на една поинаква „сива зона“ која е понастрана од спектакуларниот простор на масмедиумите, но не значи дека со добра причина не може истиот да го освои.

Како што забележува Дитер Роелштрете, една група уметници од почетокот на милениумот се свртува кон постапки и стратегии кои ја следат историографската логика и една археолошка свест за откривање на алтернативните истории. Така, иако директно зафаќа во јадрото на колекцијата, за разлика од уметниците кои од почетокот на милениумот се свртуваат кон т.н. „историографски метод“, погледот на Тошевски не е исклучиво ретроспективен, не е ретрограден или анахрон, ниту пак е заробен во „ескапистичката фантазија на историографијата“. Токму тука, на вкрстувањето на критиката на опсесивните реизведби (Фостер), критиката на историографското свртување во уметноста (Роелштрете) и дилемите околу арт-активизмот (Гројс) се наоѓа и проектот Помеѓу на Тошевски. Притоа, тој вешто ја избегнува секоја строго утврдена дидактичка и пропагандистичка позиција, а сепак истовремено проектирајќи го својот контекст ретроспективно преку гестот кој е консеквенца на сопствената „предисторија“, ја открива својата позиција фундирана на конструктивна критика.
(…)

2018-12-13T11:55:09+00:00 ноември 10th, 2016|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 110|