ПОМЕЃУ

>ПОМЕЃУ<


Скопје, 11 јуни – 22 јули 2016

* Извадоци од текстот објавен во целост (со белешки) во публикацијата
Игор Тошевски: Помеѓу (Скопје: ТП Сандиниста, 2016)

ПОМЕЃУ НУЛА И ДЕЛЕЊЕ СО НУЛА

Помеѓу статус кво и постојана промена. Денес, се чини, дека клучниот збор кој ја одредува нашата современост е криза: политичка, економска, безбедносна, етичка, бегалска, идентитетска, културна, а истовремено ваквата констатација во услови на глобалниот капитализам и на тенденцијата за непречен тек на капиталот во проширеното поле на културата изгледа дека неизбежно е да се сведе на тавтологија. Капитализмот е дефиниран како несистемски феномен, постојан тек низ судири и спротивставености, а културата сè повеќе како поле за постојана борба за идентитетско признавање. Наталожените проблематични прашања кои се однесуваат на актуелните состојби ја наметнуваат потребата од итно и неодложно посветување на евидентираните невралгични точки. Сведоци сме на процес на несопирлива дезинтеграција на општествената сфера, во услови на една заглавеност во постисторијата. Падот на Берлинскиот ѕид и дигиталната револуција ни одблизу не ја остварија идиличната најава за претпоставениот „крај на историјата“. Развојот на техносферата, пак, во својата нетелеолошка прогресија и сè повеќе во прилог на корпоративните интереси се чини дека дополнително генерира страв од иднината. Во услови кога технички генерираната слика сериозно го нарушува балансот помеѓу линеарната, консеквентна логика на текстот и историската свест, од една страна, наспроти магискиот карактер на сликата што постојано нè потсетува на тоа дека во таа смисла никогаш не сме биле модерни, логично се манифестира и како страв од антиполитичката доминација на омоќената слика без референт.(…)
Иако во потрага по необременет простор уметникот својата автономна позиција често ја бара надвор од институционалната рамка, неопходно е истовремено да се преиспитаат и капацитетите за промислување на нови модели за развивање критички музеј чија цел како клучен механизам од идеолошкиот апарат би било дофаќање на современоста и проектирање на иднината низ дијалектичкиот однос со минатото. Во време во кое станува повидливо враќањето на некритичките манипулативни метанаративи, време на подем на радикалниот популистички национализам и верскиот фанатизам, кога минатото се наметнува како сениште на механизмите на контрола, неопходно е да ги преиспитаме сопствената позиција и нашиот потенцијал за критичко мислење, со цел поуспешна борба за порамномерна дистрибуција на иднината, против стазисот замотан во илузијата на тековната промена.

***

Проектот на Игор Тошевски насловен Помеѓу, индиректно се надоврзува на евидентираните традиции на институционалната критика и на метамузеолошкиот интерес кај уметници од различни генерации, како и на наталожените проблематични прашања кои генерираат сомнеж за функционирањето на музејскиот систем како дел од идеолошкиот апарат. Притоа, Тошевски не следи некоја конкретна, строго утврдена теориска рамка во дебатата за критичкиот музеј, туку многу повеќе генезата на овој уметнички проект може да се лоцира во претходните дела реализирани во изминатите години кои, директно или индиректно, се однесуваат на прашањата за позициите на моќ, цензурата, институционалната рамка и бирократизацијата, дијалектичкиот однос помеѓу слободата и ограничувањата, како и на релациите на видливото и затскриеното. Уште поважно е тоа што наместо само нов повод за еден херменевтички зафат или контекстуална анализа, проектот на Тошевски отвора можност за пошироко промислување на низа актуелни проблеми кои се однесуваат на улогата на уметноста и на музејско-галерискиот систем во современоста. (…)

ПОМЕЃУ ОМАЖОТ И АВТОРЕФЕРЕНЦИЈАЛНОСТА КАКО МЕТОДИ НА ПРОТО-АУРАТИЗАЦИЈА
Помеѓу предисторијата на гестот и неговото продолжено траење
. Во неговиот осврт кон делото на Харун Фароки, следејќи ја логиката на Аби Варбург во однос на трансмисијата на сликата, Жорж Диди-Иберман се повикува на исказот на Фароки, кој вели: „На површината на секој гест се појавува голем дел од неговата предисторија“. Така, во повеќе дела на Тошевски може да се следи таа предисторија во форма на реконфигурирање и синтеза на елементи, но и серија директни и индиректни омажи, врз чија основа се создава новото дело, но секогаш во насока и во интерес на прашањата кои нè засегаат во актуелноста. Тоа обично не претставува едноставен збир на различните елементи, што е забележливо во реконтекстуализациите на слободните територии (Супремус, Тезга итн.). Можеби еден од најинтересните примери на синтеза на елементи од претходните дела и на нивно вешто реконтекстуализирање е делото кое се наоѓа во постојаната поставка на Музејот на современата уметност во Скопје, кое покрај искористувањето на специфичната музејска локација, ги интегрира и „субјективната историја на уметноста“ како „слободна територија“ на авторот омеѓена претходно со делото Супремус и основната модуларна форма на инсталацијата Љубовта неразбирлива, секој проклет миг (2012) и иако не се занимава директно со визуелно препокривање, сепак индиректно може да се смета за дел од генезата на проектот Помеѓу.

Помеѓу неразбирливата љубов и проклетството на мигот. Проектот Помеѓу претставува модификација на инсталацијата на Тошевски, Уште еден проклет миг (2012), базирана на неговата инсталација Љубовта неразбирлива, секој проклет миг (2012) претставена три месеци претходно во рамките на неговата самостојна изложба во Музејот на современата уметност во Скопје. Во текот на јуни 2012 година, како резултат на скандалозното отстранување на делото на уметничкото дуо ОПА, Тошевски инстантно и истовремено го реактивира својот повеќегодишен интерес за формите на цензура, што воопшто не е изненадувачки, особено имајќи предвид дека три години претходно неговото дело Слободна територија – Жолт крст (2009) беше предмет на специфичен вид цензура, прикриена зад бирократски оправдувања.

Серија дигитални интервенции кои ќе го привлечат вниманието на социјалните мрежи и ќе се појават и во печатените медиуми ќе ја најават инсталацијата Уште еден проклет миг изложена на четвртата групна изложба на иницијативата Кооперација насловена Лични политики, поставена кон крајот на јуни 2012 година во Скопје. Со реконтекстуализирање, користејќи слична конфигурација со индустриска палета за транспорт, вентилатор и црно знаме, јадрото на инсталацијата овојпат го сочинуваат симболично прекриените дела на одреден број уметници кои се согласуваат да бидат дел од инсталацијата.

2018-12-13T11:55:09+00:00 ноември 10th, 2016|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 110|