За Нове Франговски

/, Галерија, Блесок бр. 136/За Нове Франговски

За Нове Франговски

Нове Франговски е ликовен уметник кој во својот авторски опус разработил повеќе фази кои наизглед се разликуваат една од друга, но при концизно следење на развојот на идејата и преминот од еден циклус во друг може да се воочи една конзистентност на мислата и мошне промислено и причинско менување на ликовниот вокабулар.

Франговски е автор кој се едуцирал и уметнички созревал во рамки на поранешната федерација Југославија и на тој „југословенски уметнички простор“ постигнал завидни резултати. Уште за време на своето школување на белградската Академија станал еден од авторите кои учествувале во воведување промени во дотогашниот ликовен јазик. Истражувајќи во почетокот  во експресионистичкиот и надреалистички идиом, особен импакт врз неговиот понатамошен творечки раст извршила обновената фигурација која во светот, во постенформелниот период, го вратила својот полн сјај, јавувајќи се во многу различни варијанти и стилски пристапи. Меѓу нив особено внимание заслужуваат новата фигурација, поп-артот, наративната и ангажирана фигурација, како и хиперреализмот, фотографскиот и радикален реализам кои беа реакција на „истрошената“ лексика на апстрактната уметност, но воедно и потреба на уметникот да се сврти кон реалноста и актуелноста, бидејќи општата политичка и социјална клима го бараше тоа од нив. Таа потреба се наоѓала и кај Франговски, а уште позасилено се испровоцирал тој јазик по неговата специјализација во Италија, која како Европски центар (со теоретичарот Крисполти) имала клучна улога во поставувањето на постулатите на обновената фигурација.

Човекот и човечката фигура за Франговски, до деведесеттите години интензивно, а потоа повремено, биле главен интерес и мерило на сите работи. Сам или во група, индивидуализиран или обезличен (силуета), работен во експресионистички, поп-артистички (плакатски) манир или со примеси на фотографски реализам и хиперреализам, секогаш имал ролја на посредувач, на трансмитер на една специфична урбана атмосфера и општествена состојба. Преку него уметникот констатирал одредени настани, при тоа ангажирано реагирајќи и излагајќи го својот став апропо истите. Така постепено, преку првата експресионистичко-надреалистичка фаза (во која човековата фигура-цела или распарчена била поставена во одредени простори-некогаш рамно обоени, а некогаш сосредоточени во одредени апстрактно динамизирани средини) и наредното редуцирање на импулсивноста и геометризација (плакатска) на изразот (со коректна изведба на хумановидната фигура, честопати претставена и само како силуета без конкретизација и придружувана од својата сенка-двојник, и поставена во праволиниските стереотипи на современата ера – кутија – затворен простор во кој човекот егзистира и се отуѓува), Франговски дошол до една нова ликовна естетика во која се интензивирала ангажираност од поопшт вид (новите социјални збиднувања како штрајкови, протести и една општа вознемиреност во која на еден начин се предвестувало она што следело како процес во рамки на политичката сцена – распадот на големата федерација Југославија). Станува збор за циклусот „Луѓе“ (1974-1988) во кој базата на која се гради ликовниот свет е човековиот лик и мноштвото. Одредени ликови биле изработени до крајност, мошне пластично, со сите детали, а останатите поставени само во вид на силуети, деперсонализирани, рамно обоени или во нијанса сродна со позадинската или како акценти во јаки тонови (црвено, сино). На издвоените ликови ги обработувал фацијалните карактеристики, ставајќи го акцентот не врз фотографската сличност (бидејќи ја користи фотографијата како предлошка), туку врз гестот, гримасата, психичката состојба на таа група луѓе со иста припадност (работници, рудари, доктори итн.) или индивидуалци изгубени и одново пронајдени во хаосот на мноштвото. Ликовите оддишуваат со една вознемирувачка нитка, на нивните лица се чита загриженост, незадоволство, грч. Присутна е и насмевката, но таа не е искрена и од срце, туку тоа е еден животински крик, иронична озареност пред тегобноста на поединецот. Овие композиции од глави (видени од различна визура) некогаш групирани само во долниот дел од платното, а некогаш дисперзирани по целата негова површина, се такаречи залепени, за рамно обоена монохромна (најчесто загасита) позадина, без било какви индиции за реално опкружување, при што „празнината“ станува пластичен континуум во кој акцијата продолжува.

За разлика од бунтовниот, актуелен и наметлив тон на овој серијал на дела, Франговски одново се вратил на оваа ликовна иконографија во 1995 година, но со поинаков сензибилитет и пристап. Поминувајќи во меѓувреме низ уште неколку фази како циклусот „Минувачи“ (во сличен манир на „Луѓе“, но со цели човечки фигури, поредени шематски и геометрично по површината на платното, со импликации на поп-арт сликарството), потоа ослободувајќи се од човекот и неговата претстава, преминувајќи во апстрактно асоцијативен манир со лирска интонација (1991) и акционо – калиграфско апстрактно сликарство со крајно редуцирана палета (1994, „Немири“) во која силината на гестот – потезот и неговата архитектоника имаат особено значење, од 1995 година паралелно со развивањето на својот последен циклус наречен „Немири“ работел на една нова варијанта на „Луѓе“. Променетата лексика се должела на новите видоизменети општествени услови, на еден нов политичко-социјален дискурс, период на осамостоена Македонија, време на транзиција, време на очекување на нешто ново и подобро. По периодот на лажна надеж, следеле и години на стагнација, па дури и регрес, уште поголеми социјални проблеми, осиромашување, културна деградација со превласт на кичот. Таквата сложена ситуација, на креативен план кај Франговски се реперкуирала во форма на оптимизам од една страна и иронија од друга. Иако навидум ангажираноста во овие дела отсуствува и се е предадено на една лажна летаргичност и ведрина, мигот на актуелноста бил дефинитивно присутен.

Франговски бил регистратор, но и толкувач. Неговата „реалност“ била на моменти болна и агресивна, а на моменти сталожена и затскриена. Тој не бегал од неа, не го оспорувал контекстот или поставеноста на својот живот, туку напротив се идентификувал со неа, како нејзин интегрален дел и реагирал. Изборот на ваквиот ликовен јазик за него значел можност за комуникација и имагинација која требала да биде отворена за сите семантички потреби,  а со својата ангажираност уште еднаш го поставувал прашањето за односот на уметникот и општествената стварност.

Франговски бил автор со немирен дух, автор кој постојано истражувал нови и неистражени дискурси: темати, компонзии, експресии и емоции. Иако во неговото творештво низ многуте развојни фази тој се служел и со фигуративниот и со геометрискиот и со асоцијативно-лирскиот и со апстрактен визуелен вокабулар, последен негов обид бил да го спои фигуративниот и апстрактниот лексикон.

Неговите последни дела се своевидни „крокија“ на групни апстрактни фигури кои се предадени во одредена акција, во движење, во игра, во танц/оро. Најчесто станува збор за полиптиси (повеќе платна споени за да формираат дело со големи димензии), на кои се предадени групации на фигури кои ритмички и мантрично го освојуваат белото платно, режејќи го со своите движења „полниот“ бел простор. На нив се игра „Тешкото“ видено како некогашната фолклорна игра или пак во денешна конотација, преточено во симулакрум за денешниот псевдо-современ танц и трка по времето. Симултаноста на движењето на фигурите, сугерирањето на потезите и движењата кои следат, заедно со колористичкото, сликарско-конструктивистичко градење на формите се главните адути врз чии сигурни темели се градело делото на Франговски, без оглед дали тргнувал од апстракција која флертува со фигурација или пак од фигурација која ја растура и разбива со апстракција, што на некој начин предизвикува тензичност и исчекување.

Процесот на минување од фигурација, преку апстракција, кон пост-апстрактна фигурација прави еден кружен циклус кој на своевиден начин го затвора ликовниот опус на Франговски и е визуелизација на една интересна спона на „пријателство и антагонизам“ помеѓу фигурацијата и апстракцијата, како посебен вид на опонентност која е неопходна за еден здрав творечки процес, каков што всушност беше творечкиот пат на Нове Франговски.

АвторАна Франговска
2021-04-03T19:09:21+00:00 март 31st, 2021|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 136|