ОПАсни врски: Што, кога, каде, како, кому и колку чини?

/, Галерија, Блесок бр. 119/ОПАсни врски: Што, кога, каде, како, кому и колку чини?

ОПАсни врски: Што, кога, каде, како, кому и колку чини?

ОПАсни врски: Што, кога, каде, како, кому и колку чини?


Марсел Дишан, којсе смета за еден од најзначајните уметници на XX век, посебно воодушевува со своите непретенциозни гестови. Некои од неговите клучни дела се мотивирани од неговите релации со пријателите, поддржувачите и посветените посматрачи. Делото насловено 50 кубни сантиметри париски воздух или Париски воздух (50cc of Paris Air – Air de Paris, 1919), стаклена ампула која содржи воздух од Париз, Дишан ја донел во Њујорк во 1920 година и му ја дал на Волтер Арензберг како подарок.[4] Уште еден интересен пример е објектот описно насловен „Само за седење“ (For Sitting Only, 1957), кој Дишан го изработил како свадбен подарок за пријателите Џулијан и Жан Леви на нивната прослава на 20 јануари 1957 година во Бриџвотер, Конектикат. Ова не толку познато дело е капак за тоалетна шолја на кој, оставајќи простор за седнување, се залепени седум вештачки гради со брадавици обоени во розово. Истите оние кои заедно со Енрико Донати ги употребиле за луксузното издание на Le Surréalisme en 1947.[5]

И неговиот добар пријател Ман Реј го има создадено едно од своите најпрепознатливи дела како подарок. Објектот „Подарок“ (The Gift, 1921) е едно од пораните редимејд дела, што се состои од пегла со 14 патент нитни залепени на основата, направена во 1921 година, на денот на неговата прва самостојна изложба во Париз. Иако не било вклучено во каталогот кој опфаќал слики, аерографи и колажи, тој го додал и ова дело на изложбата, како подарок за сопственикот на галеријата, поетот Филип Супо.[6]

Подарокот обично се смета за предмет кој некој го отстапува на друг без очекување на надоместок или реципрочно возвраќање, а концептот на подарокот е разгледуван од многу антрополози и културолози како еден од важните чекори за развивање на меѓучовечките и општествените односи.[7]Посебно интересен феномен е подарокот во парична форма, односно фамозно универзалниот и неретко однапред изнуден свадбен „подарок во плик“, а дотолку повеќе што во некои случаи е подложен и на оданочување.


4. Оригиналот се скршил и бил заменет од самиот Дишан во 1949 година.
5. Првпат репродуцирано со краток опис за делото во: Jennifer Gough-Cooper and Jacques Caumont, “Ephemerides,” n. pag. [20 January 1957].
6. Како што е забележано, поради интригантниот спој, делото привлекло внимание и исчезнало уште истиот ден, а една од репликите направени во 1958 година се чува во Музејот за модерна уметност во Њујорк. Man Ray, Gift (Cadeau), 1921/1958, Painted flatiron, 15 cm x 9 cm x 11 cm, MoMA.
7. Едно од класичните дела е тоа на Марсел Мос, кој заклучил дека во современите пазарни општества, социјалните политики и концепти како што е „државата на благосостојба“ (welfare state) се засноваат на некои аспекти на моралноста на подарокот присутен и во архаичните заедници. Marcel Mauss, The Gift: The Form and Reason for Exchange in Archaic Societies (London and New York: Routledge, 2002).За парадоксите на подарокот во современата теорија види: Olli Pyyhtinen, The Gift and its Paradoxes: Beyond Mauss (Ashgate, 2014).

АвторВладимир Јанчевски
ПреводВладимир Јанчевски
2018-09-25T09:27:28+00:00 мај 12th, 2018|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 119|