Новиот македонски филм

/, Галерија, Блесок бр. 45/Новиот македонски филм

Новиот македонски филм

Свеж кадар за нови кадри на седмата уметност

Кинематографијата излегува од традиционалните матрици, но сè уште транзитира на патот за место до европскиот филм

#1 Еј се снима!? Оваа граматички сиромашна изјава, сè почесто изречена од случајни минувачи низ Скопје, наведува на размисла за актулената филмска продукција која е толку зачестена што филмските екипи се демистифицирани и можат да се забележат на различни локации во градот. Новата македонска продукција која нема амбиција квантитативно да парира на некоја од поголемите европски земји, содржински сепак успева да го надмине локалниот контекст и стана конкурент на европските маркети и филмски фестивали. Со примена на копродукцискиот модел, стигнавме до продукција во просек на два играни и по некој краткометражен и документарен филм годишно. Најактулено е снимањето на филмот „Папопкот на светот“ во режија на Игор Иванов-Изи, во очекување сме на премиерата на „Караула“ во режија на Рајко Грлиќ, „Контакт“ на Сергеј Станојковски ги обиколува филмските фестивали, „Балканкан“ на Дарко Митревски ги полни регионалните киносали, а Теона Митевска се подготвува за снимањето на „Јас сум од Титов Велес“. Заедно со „Големата вода“ на Иво Трајков и „Илузија“ на Светозар Ристовски од пред две години, заокружуваме повеќе од солидна тригодишна продукција.
Секој од овие филмови располага со различна филмска поетика, со што ги разигравме и филмските жанрови. Во принцип станува збор за млади автори со скромно портфолио – од оние во креативниот до оние во техничкиот дел од екипите. Условно, сите добиваат помош од учеството на атрактивни и афирмирани имиња во странскиот дел на продукцијата.
Полека но не и сигурно, излегуваме од матрицата, филмовите да имаат херметична фабула кои се држат до некои историски патетични одредници. Во најголем дел од нашата кинематографска традиција најчесто станува збор за драми со несреќен контекст на нашето битисување или пак филмови кои се вбројуваат во еден недефиниран жанр – експериментален.
#2 Поривот на новите филмски автори е по малку ангажиран и тематски успева да коментира извесни социолошко-општествени состојби.
Сепак, се обидуваат во приказните да доминира универзален и урбан елемент на хумани или класични љубовни стории.
Комерцијалниот успех на „Балканакан“ можеби иницира на тоа дека македонската кинематографија имала погрешен рецепт за филмување. Зад условно уметничката слобода на режисерот или сценаристот можно е да се кријат сериозни пропусти на занаетот и филмскиот потенцијал. Во „закрилата“ на субјективните естетски норми се закопаа филмови кои се заборавија брзо и не заработија ниту да ги извадат средствата. А филмот е, да се разбереме, скапа играчка.
Освен од кризата во продукцијата, излеговме и ја расчистивме прашината што ја крена Милчо Манчевски со успехот на „Пред дождот“ и „Прашина“, бидејќи во двата случаи стануваше збор за мегаломански буџети поддржани од силни светски продукции, услови кои ретко можат да си ги дозволат домашните автори наспроти авторот-повратник, Манчевски.

Дилеми со теми или криза на сценарија

#3 Сценаријата, се чини, се најголем проблем на домашниот филм. Режисерите и продуцентите „се закачија“ за екранизација на романи или одат во друга екстремност – самите пишуваат сценарија и го следат примерот на авторскиот филм. Скрипт-мајстори нема и не се практикува да се консултираат професионалци.
„Големата вода“ на Иво Трајков, што со сигурност ќе се вброи во најапсолутно филмско остварување во новата македонска кинематографија, се работеше според истоимениот роман на Живко Чинго. Успешна екранизација, најмногу поради фантастичното доловување не времето во кое се случува (1945-1947) . Токму за временскиот контекст на приказната, на филмот му забележаа дека оживува носталгични контури на едно несреќно време од нашата историја и повторно нè враќа кон кинематографската матрица.
Адаптацијата на сценариото ја направи искусниот Владимир Блажевски. Сугестивното наративно присуство на Мето Јовановски и силно емотивната музика на Кирил Џајковски како и одличниот детски кастинг, главно го носат товарот на овој филм. Не помалку маестрално улогата ја одигра и Митко Апостоловски. Трајков, „ни стигна“ од Чешката филмска академија од каде ги донесе препознатливите елементи на таа кинемтографија со силен авторски печат.
Втора екранизација на македонски роман ни се случува со „Папокот на светот“. Романот на Венко Андоновски послужи и како основа за истоимената претстава. Иванов, по успехот на неговите три краткомтражни филмови, во долгометражниот филм дебитира со смело сценарио, поточно – се закачи за успехот на романот кој не може да вети и успешен филм. Тој инсистира на тоа дека од суштината на овој филм ќе треба да се отслика борбата на индивидуалецот во едно безлично општество.
За „Контакт“ кој е снимен во македонско-германска копродукција сценариото „го позајми“ проверен автор од СЦГ, Гордан Михиќ а од таму ни стигна и главната машка улога на Никола Којо, кој важи за „златна кокошка“ на филмот од соседството. Оваа „франкештајн“ продукција ја водеше дебитантот Сергеј Станојковски кој комплетно потфрли пред задачата. Љубовната драма ја извади директорот на фотографија Томислав Пинтер, глумата на Којо која сериозно отскокнува од онаа на неговата филмска партнерка Лабина Митевска.
Сценариото за „Караула“, кој се сними во копродукција со сите поранешно-југословенски земји, е работено според романот
на хрватскиот писател Анте Томиќ, „Ништо не смее да нè изненади“. Режисерот Рајко Грлиќ е етаблирано име на поранешно-југословенската кинематографија и неминовно се очекува регионален успех на овој филм. Повторно се повикува на едно загубено време.
Наспроти овие филмови кои подразбираат екранизација на литературатурни дела, другиот дел од македонските режисери инсистираат на авторски филмови т.е. самите си пишуваат сценарија. На овој начин функционира Теона Митевска. Нејзиниот првенец од пред три години „Како убив светец“ во филмската фотографија доби поддршка од едно големо име, Белгијанецот Алан Маркоен, но сценариото и режиската постапка дадоа прилично дилетанстки продукт. Благодарение на одличната продуцентска дејност што ја спроведува нејзината сестра, Лабина Митевска, филмот се провлече и на неколку филмски фестивали каде што „плени“ поради смелиот пристап на авторката да проговори за актулени теми од македонското секојдневие. И нејзиниот втор филм „Јас сум од Титов Велес“ е комплетно авторски продукт за кој да се надеваме во финалната верзија на сценариото е ангажиран професионален скрипт-мајстор.
„Илузија“ на Светозар Ристовски исто така „подлегна“ на желбата на режисерот сè да земе во свои раце, па остави блуткав вкус зад дупките во недоработеното сценарио.
И конечно „Балканкан“, првата македонско-италијанска копродукција е авторско дело на Дарко Митревски. Обидот за црна комедија на балкански начин е сосема прозаичен и дежа ву, за онаа базично филмски писмена публика. Одличниот маркетинг и кокетноста со саундтракот успешно го продадоа филмот.
Останува фактот дека сме сиромашни кога се во прашање филмските сценарија, но ако се продолжи засилениот ритам на продукција ќе се изроди и таков кадар.

Буџети, начин на финасирање, продукција

#4 Некогаш најголемата продуцентска куќа „Вардар филм“ отиде во историјата. Ја згазија долговите и новите времиња. Наместо Музеј, таа се предефинираше во фиктивен Филмски центар во кој пак треба да функционира и Филмскиот фонд. Овие новини ги стекнавме како придобивка од усогласувањето со европскиот законодавен систем. Новиот закон за филм сè уште е само на хартија, а продуцентските куќи и натаму „главницата“ за филмовите ја добиваат од државната каса – Министерството за култура. Овој начин доведе до исклучителена поларизација на авторите, поточно нивна поделба на миленици на една или на друга власт, па зависно од тоа „продуктивни“ се наизменично едните или другите. За поддршка за филмскиот проект кој конкурира, најчесто не пресудува квалитетот на сценариото, туку политичкиот предзнак на продуцентот или режисерот. Се разбира дека оваа претпоставка се заблежува само во локални рамки.
Просечно, буџетот за еден филм не е поголем од 1 милион евра, што не ги сместува ниту во ниско– ниту во високо-буџетни филмови. Европскиот филмски фонд „Еуроимаж“ поддржа три филма со учество од 20 одсто од вкупниот буџет. Продуцентите едниствената надеж за иднината на македонскиот филм ја гледаат во крпење на копродукции и странски фондови.

2018-08-21T17:21:29+00:00 ноември 1st, 2005|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 45|