КОНЦЕПТУАЛНА ПРОВОКАЦИЈА НА ЧУВСТВАТА

/, Галерија, Блесок бр. 126 - 127/КОНЦЕПТУАЛНА ПРОВОКАЦИЈА НА ЧУВСТВАТА

КОНЦЕПТУАЛНА ПРОВОКАЦИЈА НА ЧУВСТВАТА

Просторот помеѓу овие два клучни пункта во Чифте амамот беа исполнети со други мултимедијални проекти на Николоски, дел исто така изведени специјално за проектот „Бесконечност“, а некои беа реизведби на претходни негови проекти кои одговараа на преодот од еден елемент во друг, од традиционалност во модерност, од локалност во универзалност. Важен елемент или медиум, кој беше доминантен речиси во сите сали на амамот, беше опојниот мирис на зачини, со кои Николоски го „обликува“ просторот, креирајќи специјална димензија во скулптурата – мирисот. Покрај мирисот, важен адут на зачините, кои се специфични за одредени источни култури, чие присуство го асоцира на Британија и нејзината разноликост, е и нивната интензивна боја која дефинира одредени карактерни површини од амамот (ниши, страни од постаменти и слично). Со зачини беа дефинирани инсталациите во нишите, потоа инсталацијата со постаменти во различни големини, чија горна површина беше обоена со зачини, а со зачини е покриена и „Масата што зборува“ – која е дел од проектот „Кожата на прилепското поднебје“. „Натсликани“ со зачини се и многубројните колажи кои го формираат делото „Хипокрит“, цртежите во „Ергенската соба“, како и „Автопортретите“. Концептуалната заднина на колажите е разновидна, но генерално зборува за апсурдите на денешната доба: за милионските заработки на спортистите, наспроти многубројниот сиромашен народ од истата раса – централниот „Хипокрит“; проблемот на голем број ергени од селата во сѐ пораселената Македонија и неможноста да си најдат жена; аспектот на „женски“ пристап на „разработка“ на колажи со еротски содржини (дискурзивноста на машко-женскиот пристап кон иста проблематика); дефрагментацијата или заматеноста или дефокусот во претставувањето на повеќето лица на своето јас итн.

Во рамки на проектот, Николоски изведува и инсталација – омаж на Симеон Узуновски со коноп и селотејп, во знак на почит и спомен за големиот македонски концептуалец кој неодамна почина. Ова дело, во контекст на уметникот кон кого се обраќа, го третира аспектот на репетитивност и игривост на постапката во употреба на траки и селотејпи кои дефинираат површини или форми и облици.

Николоски одново изведува дел од инсталациите со паус-хартии, кои претходно биле изведени на Документа во Сараево и на проектот за слепи лица во Ридинг, Британија во кои работи и со визуелните, но и со примена на тактилните чувствености во трансмисија на идеите. Паусот е млечно бел, но транспарентен, поставен во слоеви, како завеси, креирајќи една флуидна преграда која прикрива, но и ја зголемува љубопитноста за сокриеното.

Уште две дела ја заокружуваат целината на проектот „Бесконечно“, а во себе вклучуваат технички помагала – телевизори и видеа, вода – со нејзината флуидност и рефлективност, стакло и огледало. Едното дело било за прв пат изведено во 1992 година во задната крипта на црквата Св. Ѓорѓија во Блумсбери, Лондон (телевизор, стакло поставено пред него, а пред стаклото 40 проѕирни пластични кеси наполнети со вода). Второто дело, пак, „SPACES XXXVIII ’93“ од 1993 година било изложено во Градската галерија во Лидс, во продукција на SA-TV од Шкотска. Тоа се состои од телевоз кој виси со екранот свртен кон земјата и го рефлектира видеото (исечоци од весници и слики кои сукцесивно се менуваат) врз водата која се наоѓа во огледална кутија. Технологија, променливост, рефлективност, треперливост, емитирање сигнал, непостојаност, искомбинирани во просторни инсталации, се едни од клучните дискурси што ги допираат овие инсталации.

Она што мора да се апострофира за овој проект на Николоски се неговата повеќеслојност, и мултидисциплинарност (уметност, едукација, социологија, библиотечна дејност, екологија, култура итн.), како и фактот што не станува збор за обично визуелно дело кое треба да предизвика само и исклучиво визуелни сензации, туку станува збор за дело кое во себе вклучува институционална комуникативност и размена на информации, проекти и соработки; децентрализирачко (бидејќи вклучува градови и институции кои не се строго централистички, како што се Домот на културата „Марко Цепенков“, Прилепската библиотека „Борка Талески“, Битолската библиотека, Националната и универзитетска библиотека, Националната галерија на Северна Македонија), демократско дело, кое во себе анимира голем број индивидуи од различни професионални и социјални слоеви (мајстори, студенти, експерти во своите области итн.) и уште многу други нивоа на општествена корисност на самото дело. Овој проект цели кон тоа човекот што него го перципира (Македонецот) да стане граѓанин на светот.

Секако, не треба да се заборави и прилепското влијание врз овој проект, поради потеклото и корените на Петре Николоски, поднебје што изнедрило многубројни плодни ликовни уметници, корени што секако не смеат да се заобиколат и без кои не би било возможно индивидуалното растење, а е отпочнат со еден претходен, сè уште отворен проект „Кожата на прилепското поднебје“, чиј дел е и делото „Бесконечност“.

И како заклучок, би сакала да го истакнам индивидуалниот придонес кој Николоски го инкорпорира во делото, немилосрдно предавајќи се на секој сегмент од неговата продукција, дури и пред најсложени физичко-технички манипулации, кои се неопходни за спроведување на идејата до крај. Неговата предаденост и пожртвуваност, ретки во денешно време, се на она ниво на кое само вистински уметник, во класична смисла на зборот, може да чувствува и твори, како посебна привилегија или клетва на која никој не може да ве принуди. Таа си е дадена сама по себе. Респект!

Линк до изложба.

2019-08-06T14:25:17+00:00 јули 31st, 2019|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 126 - 127|