Зошто порнографија?

/, Галерија, Блесок бр. 89/Зошто порнографија?

Зошто порнографија?

Затскриен вресок и крајно висок ликовен израз. Eнергија. Дело и идеја што како опсесивен естетско-психолошки манир ќе егзистираат низ времето. Ликовна совршеност низ фигури – пози – композиции, со силна сексуална конотација. Во секоја уметничка гранка (во смисла дека уметноста, вештачки произведена, кореспондира со некои елементи на реалноста), #1 порнографијата има потенцијал и моќ и на отворено поле да се справи со огромен број мотиви, безброј естетски прашања, најразлични агли на социјална перцепција и феноменолошки појави. Како што поезијата е поврзана со метриката или сликата со бојата, така и порнографијата се врзува со сериозни прашања за луѓето, општеството, историјата и етиката. Сексуалниот поттекст може да се идентификува во широк спектар на активности на човекот во природните и општествени текови. Уметноста и порнографијата стануваат рамноправни дебатни медиуми и вештини во областа на сите теми кои се сметаат за духовно релевантни, во моментот кога почнува вистински да се доживува содржината.
Зошто порнографија? Таа е секаде околу нас, систем на сигнали и препознавање, симболи, слики и модели, вредности, имплицитни и очигледни значења. Аналитичарите ќе треба во иднина посериозно да се занимаваат со порнографијата во уметноста, ќе треба да се развие нов сет на услови, храбро да се вклучат во повторни преиспитувања на вредностите, бидејќи сексот отсекогаш бил општествена појава, вклучително мастурбацијата и нејзината репутација како верзија, со имагинарни партнери и фантазирани комуникации. Порнографијата во социјалните текови може да биде, како во случајов, огледало на сатира, надреализам, и нејзините елементи се зголемуваат кога таа мотивите ги претвора во генерализирани искази. #2 И пред Маркиз де Сад имало прикажување на полови односи кои се базираат на власта, а не на односите меѓу половите. Де Сад, пишувајќи во својот експлицитен, порнографски стил, ја вади содржината од контекстот на сексуалните односи помеѓу две индивидуи и ја става на социјалната сцена, за да ги прикаже својата класа, пол, политички карактеристики, идеологии кои се судираат со корупцијата и ја истакнуваат историјата на тајните општествени друштва. Многу социјалистички утописти го третирале светот во контекст на разбирање на љубовта на совладување која далеку го надминува сексот, па дури и психопатологијата. Културата на фетишизацијата денес и во BDSM е плодна почва за проучување на бројни елементи на психологијата, социологијата, политиката, па дури и економијата, со акцент врз елементите на човечките односи како што се говорот, облекувањето, однесувањето. Порното е деликатно-суптилна тема за прикажување бидејќи негово најсилно оружје е гадоста – приказ посилен од реалноста, претерување, но само тогаш претераното има потенцијал да помине на другата страна, да престане да зборува за она што се случува во моментов пред нашите очи и да почне да имплицира дека она што се случува е далеку од нашите видувања. Во оваа смисла, порнографијата станува естетска и еротска, почнува да се потпира на имплицираните содржини наспроти манифестот. Но дали во случајов станува збор за #3 порнографија во класична смисла на зборот? Силата на изразот на Василева е во одење во крајност, дури и вулгарност, како начин да се начнат прашања за некои општествени состојби и преку ликовноста да се упати апел за ставање крај на површното доживување на нештата.
Ликовен крик кој продира длабоко во социолошките, политичките и родовите сфери и го остава отворено прашањето за позицијата на жената во денешниов свет. Пенетрацијата престанува да биде чисто сексуален чин и добива друго значење и ниво и се занимава со некои од најсилните познати човекови мотиви, длабоко вкоренети во индивидуалната, расна, фамилијарна и социјална егзистенција на неговото секојдневие. Сумирањето на овие мотиви и нивните емпириски студии го гледаме во експерименталниот ликовен простор со кој Василева совршено владее.

АвторГорјан Ѓорѓиев
2018-08-21T17:20:50+00:00 мај 9th, 2013|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 89|