Животопис како духовен патепис

/, Галерија, Блесок бр. 15/Животопис како духовен патепис

Животопис како духовен патепис

II. Кон нултиот степен на движење

#8 Истрајноста, ирационалната решителност со која ги одбивал ласкавите галеристички покани од Новиот континент, го надминувала личниот страв од Америка. Преминот преку големата бараза Петлевски ќе значеше напуштање на духовниот простор на Европа на чија традиција го врзал својот апстрактен отклон од традиционалното. Петлевски беше вистински европски модернист, зашто неговиот однос кон сликарското наследство всушност беше афирмација на негацијата, како докажување за постоењето на Господ пред различни искази на сомнеж. Уште повеќе, разорување на ткивото и обликот непосредно видливо на стилско и тематско ниво, но и поетско-филозофската самосвојност на органскиот енформел што Ордан Петлевски го издигна над стилот, беа втемелени во сплетот меѓу оспорувања на традицијата и нејзините потврди. Годината на она, веќе споменато раѓање за луѓетовоедно беше и година на моралната одлука, брзо постигнатиот успех да се надокнади со бавно самопотврдување, запирање на сите случувања што би можеле со амбиција да го обеспокојат духот. Својот длабок европеанизам (со покритие во сликарската постапка и адекватната филозофија на уметноста), Петлевски очигледно не сакаше да ја замени со една површна асимилациска шема каква се криела зад навидум привлечната понуда да стане прв тенор на Париската школа на сликарството,каков веќе го замислувале париските весници. Загреб беше единственото место на светот во кое татко ми можеше да му се доближи на саканиот идеал за нултиот степен на движење. Во таа точка може да ги забие своите Јакобови скали,вертикалата што авантурата на духот ја водела угоре, а болеста на телото удолу. Речиси сите почитувачи на мојот татко, некогаш, од него ќе бараа да им ги разјасни своите постапки. Таков екстремен пример на премавнување на парите и славата упатувал на светечки морал, само што мојот татко, иако со завиден, понекогаш и трогателен степен на етичност, верувајте ми, не беше светец, туку само личност на смрт доследна на принципите на естетскиот систем што самиот го одбрал. Тој систем ги поврзува уметничките и естетските нешта врз основа на нивната практична некорисност,што би значело дека Петлевски верува дека естетскиот став му е сличен на моралниот, зашто успева да го надвладее егоизмот содржан во очекувањето да се исполни некоја практична цел. Од друга страна, сликарството на Петлевски е едно од ретките конкретни примери на убавата уметност што веројатно би можел да го разоружа и самиот Кант, а камоли не обичниот интелектуалец на нашето доба, од оној познат страв од затапување на душата што резултира со чувство на пријатност предизвикано од доживување на нешто претерано убаво. Апстрактното сликарство е кантовски идеал на слободна убавина во која повеќе нема препознатливи облици, а со тоа ниту практична цел, што би можела да биде предизвикана кај гледач пред слика на реалистичен објект. Помислувам, дека изборот на органичката апстракција, за мојот татко беше единствената можност, допадливоста како извор на пријатност во убавото, да ја воведе во студениот нечовечки, разумски свет на естетската слобода и тоа кришум, на начин на кој го прави тоа природата. Но Кант беше само една од книгите на неговата полица. Аристотел му беше подраг. Овде, од тоа место кадешто истовремено се уважува и се поништува мимезисот, за кој мојот татко не можеше поинаку да размислува, отколку како за довршување на она што природата го започна, се роди, претпоставувам една сосема модерна, необична идеја, за сликата. #9За уметникот како Петлевски, сликата не имитира, таа не ја опримерува природата, таа е самата природа заробена во поединечен артефакт, во кој се опредметил естетскиот суд на нејзиниот автор. Може да ви се стори дека субјектот суди за природното убаво како за некој објект, но тој всушност, суди за себе. Сликајќи, мојот татко секогаш вршеше лична морална анатомија од аспект на човечноста.

Денес, додека ги читам татковите записи, во полна светлина ја согледувам неговата особина што и порано ја забележував: силната потреба на уметникот, склон во личната животна приказна да изнајдува знаци на општа состојба, сигнали на времето и обележја на поширокиот цивилизациски простор во кој е нурнат. Културата од која татко ми потекнува, заборавила на цели страници од сопствената историја, но од потполната амнезија се бранела со усменоста на која уште повеќе би ѝ одговарал изразот на Цумтор вокалите (vocalité). Гаранцијата на идентитетот, неговото покритие што повеќе не можело да биде во континуитет на пишаниот збор, морало да се побара некаде другде, на пр. во некоја Parol fondatrice de Dieux, светотворната сила на боженствениот збор. Цената на одбрана била превисока и се состоела во губење на приклучоците на хеленистичкото наследство. Татко ми со нежна носталгија ги обновуваше спомените на трите клучни лица од психолошкото раздобје на својот живот. Тие лица подоцна за него станале симболи: дедото како гајда, бабата како жив календар и мајката како икона. Меѓу тие симболи исплел мрежа на носталгија и сета, што морала да се сложи со гласовно пренесување на идентитетот.
Преиспитување на историјата беше трајното подрачје на татковото размислување, а желбата да се изнајде смислата на историските турбуленции беше лајтмотив на бројните разговори што со мојот татко како сликар, ги воделе интелектуалци од други струки, на пр. една цела генерација хрватски писатели. Во постојана потрага по повисока синтеза на случувањата, што ќе можеше да упати на постоење на каква било, макар и далечна, ровка, едвај чувствителна надисториска правда, татко ми се охрабруваше со сеќавањето на либерализмот во дедовата куќа. За тоа го запишал следното: Семејството беше многубројно, помалку патријархалнио, но многу полиберално, посебно во национален и верски поглед. Мојот татко Петлевски имал проблеми во животот зашто се разликувал од повеќето луѓе по тоа што, односот меѓу двата темелни поими на човечката егзистенција: односот меѓу слободната волја, како избор и зададената судбина, толку темелно го превртел со оглед на вообичаените толкувања на тие поими, што едни го почитуваа. како испосник и гуру, а други одмавнуваа со рака, слегнуваа со рамениците и бегаа што подалеку од него, да не се заразат од идеализам. Со изјавата што гласи: Уметноста не се одбира, уметноста е судбина – Петлевски сака да каже дека од негова позициија гледано, амбицијата во
уметноста е попуста.

АвторСибила Петлевски
2018-08-21T17:22:03+00:00 јуни 1st, 2000|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 15|