Жал за Guerreνικα

Жал за Guerreνικα

#1

за филмот „Прашина“, сценарио и режија: Милчо Манчевски, камера: Бери Екројд, монтажа: Ник Гастер, музика: Кирил Џајковски, улоги: Дејвид Венам (Лук), Еџ (Адријан Лестер), Анџела (Розмери Марфи), Џозеф Фајнс (Илајџа), Ен Броше (Лилит), Даскалот (Владо Јовановски), Неда (Николина Кујача), турскиот офицер (Салаетин Билал)

Мала теориска рамка

Премислувајќи каква теориско-аналитичка рамка да му дадам на овој мој оглед за филмот „Прашина“, се решив за класичната бартовска (пост)структуралистичка дихотомија – дело/текст – затоа што сметам дека таа на најадекватен начин ќе ги изрази и моите ставови и ќе ги разреши моите дилеми во врска со филмот. Според ова, општоприфатено гледиште во теоријата е дека текстот, или интратекстуалната стварност е редослед на знаци коишто генерираат значење. Тоа се онаа материјална и нематеријална страна што почнува, во случајот на филмот, од почетната шпица па сè до завршната (доста често и шпиците, односно рамките на текстот се интекстуализираат, со нивното разместување, нивното отсуство, начинот на презентација, визуелно-типографска стилистика, така што и тие генерираат значења што се битни за текстот, заедно со другите сегменти). Делото е производ на онаа контекстуална, над-текстуална, екстратекстуална инстанца, која го разгледува, го анализира, го контекстуализира текстот, ги селектира и дефинира неговите значења, дава вредносни судови, му дава линија, го осиромашува или го збогатува. Делото настанува со тензијата на прагматичката оска, релацијата автор (тимот што работи на филмот, вклучително и продуцентите) – текст – примател (критичарот или научникот како посебен, привилегиран, примател на уметничкото дело). Текстот, иако е материјално завршен и даден, според значењата што ги генерира или може да ги генерира, е отворен, нестабилен, мултивалентен, а делото фингира стабилност, вредносен суд, ситуирање, материјализација на утврдените значења и вредности на текстот, кое може да се менува, иако не толку често, со секое ново читање на текстот и негово претворање односно конституирање во дело.

2018-08-21T17:21:40+00:00 септември 1st, 2003|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 34|