Драматика наспроти брзина

/, Галерија, Блесок бр. 105/Драматика наспроти брзина

Драматика наспроти брзина

Драматика наспроти брзина

Осврт кон творештвото на Сашо Димоски

Како да се разбере фотографскиот портрет кога ви се на располагање едвај неколку реченици? Уште покомплексно: како да се разбере портретот денес во време на твитови ограничени на 140 карактери? Поинаку кажано, на кој начин било кој медиум, не само фотографијата, може да ни го привлече вниманието на малку повеќе од неколку секунди? При такви прашања на сцена стапува драматиката на црно-белата фотографија како естетско издвојување од бесконечното сивило на сите-сме-фотографи културата со која сме соочени. Таквите сликички имаат за цел да пренесат лична, дури себична информација. Сликите, пак, кон кои е пристапено со авторско знаење и внимание нè принудуваат да застанеме, да подразмислиме, па и да се замислиме, а не само да поминеме со брз поглед преку нив. Таков вид на запирање ни нудат портретите на Сашо Димоски кои зрачат со човечност и пријателство. Сепак, колку и да живееме во време на миговност на информацијата, ниту самата информација, ниту пак статичниот финално-изложен резултат на фотографијата не се ниту миговни, ниту статични. Напротив, тие имаат свој след на настаните, од причината за нивното настанување, преку самото случување на снимката, до живот потоа. Накусо: приказна. Портретите направени од Сашо Димоски се токму тоа, приказни пренесени преку фотографскиот медиум. И повеќе од тоа, приказни во кои авторот и моделите се долгогодишни познајници (лично или посредно, преку нивните дела), така што ниту еден портрет не е случаен. Драматиката на овие портрети е јасно изразена и низ мигот избран да и биде претставен на публиката во кој се огледува процесуалноста на настанот, а воедно и на естетската трансформација. Оттука, натамошниот живот на овие фотографии ќе зависи од подготвеноста на публиката да го прифати предизвикот и да навлезе во дијалог со било која од нив поодделно, да ја восприеми, протолкува и да и даде поинаква димензија, своја.
Свесен за брзината на изминувањето на податоците во актуелново време што го живееме, авторот миговноста на медиумот ја обележува со дополнителната информација за самиот миг кога фотографијата е настаната = име, презиме, година, датум, прецизно време.

24.12.2015, 19:27:38, Скопје

АвторСафет Ахмети
2018-08-21T17:20:39+00:00 јануари 17th, 2016|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 105|