Архаизам, постмодерна и мали ѕвезди за големи соѕвездија

/, Галерија, Блесок бр. 48/Архаизам, постмодерна и мали ѕвезди за големи соѕвездија

Архаизам, постмодерна и мали ѕвезди за големи соѕвездија

„Астер Фест“, Струмица (26-29 мај)

Авторите од Југоисточна Европа спонтано создаваат речиси идентични приказни.

#1 „Астер Фест“ е името на новиот фестивал за независен филм и видео, кој се одржа на крајот од мај во Струмица. Второто издание на фестивалот, иако во кревок зародиш, со интересен и провокативен концепт си обезбеди одлично место во мапата на регионалните филмски фестивали. Ѕвезденото име на фестивалот не значи дека тој ги слави филмските ѕвезди, туку дека осветлува поинакви кинематографии. Суптилно ја отвора „балканската црна кутија“ од тоните филмска лента на кои е овековечена историјата специфична за еден дел од планетата. Околу 80 краткометражни, долгометражни играни и документарни филмови снимени во различни формати пристигнаа од 27 земји. А, за најдобрите од официјалната конкуренција на 10 филмови следуваше и награда „Златна потковица“ – за среќа, се разбира.
Иницијалната насока за организаторот на фестивалот, Горан Тренчовски, е независната продукција од земјите на Југоисточна Европа. Сè повеќе, природно или наметнато, овој дел од светот се препознава во една целина. Логично, кога ќе погледнете барем 10 филмови од овие земји амбицирани да ја покажат својата реалност, ќе се соочите со неколку речиси идентични нивоа. Почнувајќи од фактот што сите тие работат со минимални буџети, до инспирацијата која ја наоѓаат во своето социјално опкружување и до она најважното, авторите општат со идентична катарза. Поточно, економската немоќ, воените трауми, транзицискиот хаос, сета рефлексија од распадот на земјите со комунистичкото уредување што остава сериозни белези во индивидуалните судбини, се премногу силни адути кои ја врзуваат публиката и филмските автори од овие земји. Налик на групните психотерапии, полето на креативните визуелни медиуми е бескраен полигон за лекување и зацелување на траумите.
Четири дена, проекциите на „Астер фест“ се случуваа на алтернативни локации адаптирани за камерно кино прикажување. Под отворено небо, во крајно некомфорни седишта, но пред многу љубопитни очи кои создаваат силна интимна фузија. Културолошкиот код на оваа мала средина полека се открива пред манифестацијата која им го отвора погледот и ги шири зениците за рецепција на нешто повеќе од здодевното секојдневие. На утринските средби на авторите често сведоштво на конструктивни и жестоки полемики за сè нешто поврзано со филмот. И тука се најдоа. Ги коментираа сизифовските маки да се стигне до средства за да го реализираат своето дело, недостатокот на слух кај оние кои решаваат за парите, сè до мигот кога тоа го претворат во креативни работилници на кои се раѓаат некои идни сценарија.

Авторите нурнати во сенките на душата

Во натпреварувачката селекција насловена „Астердокс“ беа вклучени документарни филмови во времетраење од најмалку 30 минути, сработени од автори од Југоисточна Европа.
Станува збор за филмовите „Сосем лично“ на Неџат Беговиќ (босанскиот кандидат за Оскар), „Нов Елдорадо“ на Тибор Кочиш (најдобар документарец лани во Унгарија), „Севдах – мостот кој трае“ на Мира Ердевички во продукција на Би-би-си, „Соња и Марко на Блискиот Исток“ на Соња Благоевиќ и „Животите на Коста Хакман“ на Зоран Стефановиќ, бугарскиот „Смртта и сиот пат назад“ на Зорница Софија, турскиот „Бела Барток 1936“ на Сезгин Турк, „Подигрување“ на Илбер Мехмедалиу и Едон Ризваноли од Косово, и од Македонија премиерниот „Сенка на душата“ на Русомир Богдановски и „Бои во времето“ на Стефан Шашков. Сите тие беа оценети од жирито во состав: доајенот на македонскиот филм Бранко Гапо, германскиот режисер Мануел Цимер и режисерката од Косово Бурбуке Бериша.
Босанскиот документарен филм „Севдах – мостот кој трае“ на Мира Ердевички, освен компактната и нагласена емотивна приказна, имал среќа да биде продукциски мајсторски спакуван од англиската ТВ-куќа Би-би-си. Ова документаристичко парче би можело да биде забавна музичка бекстејџ приказна, но личните приказни на групата музичари се врескави и потресни. Сепак, не погласни од звукот на нивните инструменти. Во еден час е сместена
животна сага на музичари од Босна, сите со различен национален предзнак од шаренилото кое оваа земја го имаше пред распадот на поранешната федерација. Силната симболика на мостарскиот мост, едноставните прикази на личностите и одличната монтажа на овој филм му донесоа признанија и од фестивалите во Сарево, Мадрид и Карлови Вари.
Македонскиот „Сенка на душата“ на Русомир Богдановски е приказна за Стојан Конев и градот. Тоа е човек инфициран од неизлечивиот вирус на Сида, или, како што вели авторот – од вирусот на пред-апокалиптичното време. Моќна и сугестивна приказна, сурово реална, во која акцентот е ставен врз мисловниот живот на Конев, до таму што и колку сè може еден човек да носи и да издржи. Во Струмица овој филм ја имаше светската премиера, од каде што почна и неговиот фестивалски пат.
И, ако се продолжи со анализа на останатите филмови од „Астердокс“, повторно судир со маргиналците во општествата, судбини конфронтирани со самите себе, горчливи вистини… За вредноста на овие дела суди и естетскиот и етичкиот критериум, а сигурно дека секое од нив ќе помогне во зацелување на балканските трауми.

Документаристичкиот филмски медиум не смее да манипулира

Единствена замка во работата на документарниот жанр, особено во земјите каде што има и премногу штоф за кроење на приказните, е што мора да се внимава тие да бидат лишени од политичност и манипулација. Ако се работи на спротивните принципи, во секој случај значи филмскиот медиум да се приземји до првобитниот примитивен степен на обичен, вулгарен, дневно-политички функционализам. А, во ваква дефинирана идеја на политичност на филмот, медиумот се става на рамна нога со комплексот на општествените фактори коишто несомнено влечат кон крајната општествена еманципација и слободната свест чиишто идејни контури подоцна се согледуваат. Во таа смисла, идејата за политички филм ги отвора хоризонтите кон сите филмски пројави коишто уметнички доследно и идеолошки ангажирано (експлицитно или имплицитно, субјективно или објективно, документаристички спонтано или преку играната, односно монтажна конструкција) се занимаваат со уметничкиот, критичко-хуманистичкиот аспект на стварноста на денешниот човек, истражувајќи или навестувајќи го оној дел на неговото живеење, кој денеска сè повеќе ни се наметнува со својата повеќестрана и повеќеслојна интегралност како политичкото живеење. На крајот на краиштата, умешност е да се препознава, но секако уметност да се чувствува.

2018-08-21T17:21:26+00:00 јуни 4th, 2006|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 48|