Интеркултуралноста: тренд, егзотика, естетика, поетика и…така натаму!

/, Театар/Филм, Блесок бр. 47/Интеркултуралноста: тренд, егзотика, естетика, поетика и…така натаму!

Интеркултуралноста: тренд, егзотика, естетика, поетика и…така натаму!

ИНТЕРКУЛТУРАЛЕН ТЕАТАР
– Меѓународна научна конференција –
СКОМРАХИ – 2005
30 март 2005, ФДУ – Скопје

За што, всушност, зборуваме кога зборуваме за интеркултуралноста?
На што асоцираме кога – сè почесто и со сè поголемо воодушевување, да не речам леснотија! – го употребуваме (или, дури, ЗЛОупотребуваме!) овој амбигвитетен, моќен, силно редундантен културолошки поим, што – од крајот на шесеттите години на изминатиот век – суверено прерасна/прераснува во респективна методолошка категорија?
И, најважно: како и зошто оваа респективна методолошка категорија постојано им се „наметнува“ на сè поголем број сè поразновидни научни области што на овој или оној начин го афирмираат културолошкиот поглед кон феномените на нашето време: од антропологијата, социологијата и компаративната книжевност до комуникологијата и – за нас, во моментов, најинтригантната театрологија, тоа исклучително динамично „научно подрачје во рамките на општествено-хуманистичките области, коешто, преку разновидни научни дисциплини, настојува да ги протолкува постанокот, дејствувањето, функциите и уметничко-изразните детерминанти на театарот, не само во дијахронискиот, туку и во синхронискиот аспект на неговата појавност“ (Batušić, 1989:9)?
Речници на книжевни и/или театарски поими/термини интеркултуралноста (англ. interculturalism) ја детерминираат како специфична филозофска и естетска ПЕРСПЕКТИВА, која овозможува на интегралниот систем на културата (културата разбрана и „практикувана“ како интегрален систем) да се гледа како на провокативно, динамично, практички неограничено, ЗАЕДНИЧКО поле на перманентно интерактивно дејствување, „ековски“ отворено кон сето ОНА, но и кон сите ОНИЕ што во неговото перманентно „случување“ партиципираат. Независно дали партиципираат „со намера“ (што ќе рече: програматски) или – просто – затоа што се „затечени“/„понесени“ од индуктивната сила на самото (магнетско) поле на интеркултуралноста. Ерго, детерминацијата сугерира дека фамозното поле на интеркултуралноста функционира безмалку митски: како практички неомеѓено, всушност – безгранично.
Поедноставено кажано, интеркултуралниот концепт подразбира вклучување/активирање на (нај)различни култури, кои – во одреден контекст и/или миг, заради фактот што од било која причина меѓусебно само/случајно се допреле, или пак затоа што се допреле со намера, заради остварување на определена мисија и/или цел, творечка или херменевтичка – прагматично се здружуваат во/околу еден концепт, што претходно е препознаен како потенцијално заеднички. Здружувањето, се разбира, најпрвин претпоставува иницијален контакт (на фокусираните различни култури), кој потоа се остварува како неизбежен/автентичен допир, што резултира со квалитетна/директна/непосредна комуникација помеѓу субјектите што се допреле и продолжуваат да се допираат. Бидејќи секоја комуникација е најмалку двострана, вклучително и комуникацијата помеѓу две (или повеќе) култури, таа секогаш и неизбежно резултира со преземање на одделни елементи што изворно ѝ припаѓаат било на културата која го иницира контактот/допирот (условно би можеле да ја наречеме културата што „дава“ или културата на Првиот), било на онаа што на оваа иницијатива реагира позитивно, имено прифаќајќи ја комуникацијата (можеме, пак условно, неа да ја наречеме културата што „прима“ или културата на Другиот). Преку ваквата двонасочна комуникација, значи, различните култури не само што автентично се допираат, туку и неизбежно ја провоцираат автентичната, жива/вистинска размена помеѓу сите партиципиенти што овој процес ги засега: Првиот, Другиот, Третиот… Ентиот. Токму преку процесот на ваквата размена, партиципиентите се докажуваат како еминенто рамноправни, барем – теориски!
Дека ваквиот вид/тип квалитетна и продуктивна интеркултурална комуникација не е само утописка политикантска измислица, но – напротив – мошне реален, проверлив и продуктивен културолошки феномен, лесно разбираат сите што макар само слушнале за театарскиот концепт на Еуѓенио Барба, еден од неколкуте најрелевантни и најпромотивни театарски практичари на нашето време. Оние што за Барба и за неговата театарска антропологија знаат и нешто повеќе – дури, можеби, ги имаат гледано и некои од неговите еклатантно интеркултурални претстави – можат да потврдат оти ваквиот специфичен театарски концепт (ајде да го наречеме театар на размена) успешно функционира веќе цели триесеттина години.

***

Во што е суштината, неодминливоста, но и магнетската привлечност на театарската интеркултуралност, за која денес – ете – решивме да зборуваме?
Дали нејзината вистинска „приказна“ – фамозниот нејзин голем наратив, на кој упатува и насловот на нашата конференција – навистина започнува во радикалните шеесетти години на изминатиот век и дали таа навистина се персонализира токму во/преку трансевропските и трансконтинетални авантури на еден љубопитен, темпераментен и (тогаш) сосема млад, сосема неконвенционален италијански мигрант-номад-маргиналец со стилоиндикативно, метафорично презиме Barba (barba, итал. брада)?
Дали, сепак, театарот бил место на меѓукултурално/повеќекултурно среќавање и на своевидна интеркултурална размена и ПРЕД Барба луцидно да ги формулира и ефектно да ги прагмартизира оние (свои) општопознати 4-5 тези, врз кои, инаку, се потпира целиот конструкт на неговата ISTA – Меѓународната школа за театарска антропологија (The International School of Theatre Anthropology)?
Претпоставувам дека секој од нас, доколку навистина би требало „молскавично“ да одговори на ова хипотетичко прашање, автоматски би посегнал по Антонен Арто/Antonin Artaud и по неговата митска париска средба со танчерите од Бали, која се случи некаде околу 1930. Демек, таа архајска средба на еден мошне дистингвиран парижанец и една нему (дотогаш) сосема непозната култура, ама и неговото „молскавично“ воспоставување комуникација со нејзината суштина, покажува дека театарот копнеал по театрализацијата на другоста/различноста значително пред Барба, Гротовски/Grotowski, Шекнер/Schechner и останатите тој копнеж да го престорат во систем.

2018-08-21T17:21:28+00:00 април 16th, 2006|Categories: Теорија, Театар/Филм, Блесок бр. 47|