Состојба на општа зомбификација

/, Театар/Филм, Блесок бр. 46/Состојба на општа зомбификација

Состојба на општа зомбификација

Контаминација Колјада: Лабораторија на контаминирани творци

Апсолутно своја театарска приказна ни раскажуваат дванаесет млади луѓе кои во својот заеднички проект ја прикажуваат својата апсолутната вистина: играат верни ликови на маргиналци во времево. По идеја на својот професор Владимир Милчин, ја именувале како Контаминација Колјада. Иако формално тоа е дипломски испит по актерска игра на студентите од IV година на Факултетот за драмски уметности во Скопје во класата на професорот Милчин, претставата требаше да има свој сценски живот, вон универзитетската сцена. Во септември се одигра во Детскиот Театарски Центар – Скопје, како проект кој требаше да отвори нов процес: ФДУ и ДТЦ да се партнери во креирањето на театарска продукција која ќе е предизвик и за уметниците и за публиката. Но, парите го направија своето: ја нема никаде, или никој не ја сака. Убава замисла за соработка меѓу две институции, едната образовна, другата уметничка, а двете со иста цел – да се создава по принципот работилница-лабораторија, не успеа, или барем засега не, иако се очекува таа да учествува на соодветни студентски или слични средби.
Зошто е значаен проектот Контаминација Колјада? Прво: затоа што нејзините творци ги играат состојбите на малите луѓе изгубени во транзицијата тука или каде било. Второ: затоа што ги играат ликовите што ги создал Николај Колјада (1957, Русија), еден од најпровокативните и најизведувани современи драмски автори, кој остро и умно ја испишува суровата тема за човекот од градската периферијата – човекот од периферијата на животот. Трето: професорот и режисер Владимир Милчин го познава и сака драмскиот ракопис на Колјада (ги има поставено во професионални театри драмите Мурлин Морло и Земјомерот), а Контаминацијата Колјада ја создава од ликови и сцени од драмите Мурлин Морло, Земјомерот, Кокошка и Огнена полонеза, и по мерка на своите студенти. Четврто: работено е по систем на лабораторија во која сите влегуваат заедно и секој го внесува максимумот.
Дека станува збор за комплетна претстава (што не е случај со дипломските) се и фактите што во неа се и Марјан Неќак, автор на музиката, Марија Папучевска, авторка на костимите и Крсте С. Џидров, автор на сценографијата.
Дванаесетмината актери, контаминирани јунаци од и со тоа што го создаваат на сцената како трагикомедија, се: Маја Настевска, Јасмина Мицовска, Даниела Стојановска, Благица Трпковска, Неда Николиќ, Илина Чоревска, Соња Стамболџиоска, Славиша Кајевски, Гораст Цветковски, Сашко Коцев, Стојан Велков и Никола Пројчевски. Неподносливата тежина на живеењето ја играат како да се борачи во арена на кои рацете им се врзани на грбот. Тие се ликови/губитници распнати меѓу реалноста и соништата кои ползат на кусата релација меѓу животот и смртта. Без разлика кој како се вика или што е, создаваат карактери кои излегуваат од никаде, се движат никаде, лазат по покривите, сонуваат во бојата на лудилото на времево, гладуваат и, ако има што – јадат без насит, исчезнуваат во бездната на животот што се тркала со брзина на слободно паѓање. Градат фантазмагорија што ја отсликува транзицијата во која за човекот има сè помалку место.
Професорот и режисер Владимир Милчин контаминираните со театар студенти-актери поединечно ги внесува во „котелот на својата креативност“, низ карактери и атмосфера во која секој знае што е и каде е, секој се препознава и учествува во колективната Контаминација Колјада.

2018-08-21T17:21:29+00:00 февруари 1st, 2006|Categories: Осврти, Театар/Филм, Блесок бр. 46|