Лепа Ангелина

Лепа Ангелина

Лица
Прва сцена

Внатрешноста на црквата „Света Недела“ во Солун. Црквата е раскошно украсена. Сè е во позлата. На предметите: шанданите, полилеите, иконостасите, длаборезите се нафатил дебел слој прашина и пајажина. Владее, некаква, жолтеникава полутемнина. Со страшен тресок се отвора влезната врата. Од провевот се крева облак прашина. Влегуваат Болен Дојчин, Павле Плетикоса, Митре Поморјанче и Жолта Евреина. Застануваат на средина, гледаат и молчат.

Болен Дојчин:
(Изгледа импозантно: со долга коса и кожен калпак на главата. На левото бедро носи сабја дипленица, на десното сјаен кинжал. Облечен е во панцирана кошула.) Како што кажа Ефтимиј, пророкот кутмичевички, негде долу, под белава мрамора, скрито лежи знамењето Перуново. Копјето негово, веда недодржима и штитот негов, пред наезди непопустив… Барајте.
Жолта Евреина:
Дали треба Дојчине, дали мора?
Болен Дојчин:
Се гласи шепот под бедемине солунски, тивка шепот, дробна песок и навева во школките ушни. Зар не слушаш Жолта Евреина, моја кршна побратима: од другана страна, зад морено мнамоно, либиската војска ни се спрема. Ми ружаат со оружје сто кедрови галии на три ката, сто гемии од абонос со три реда весла, сто бронзени кораби црних едрах. Ги ружаат и чекаат погодата да се згоди, студен ветер да повее, за да тргнат кон навака. Кога ќе дојдат што ќе најдат: нас неколку на крепоста бранители.
Жолта Евреина:
Не сме доста?
Болен Дојчин:
За смртта и премногу, за надежта таман толку, за победа ни одблизу… Многу дамна, под Византа града, фалангата наша парам – парче би разбита од што тој што водел дур од после мислел. Во бојна заслепеност не ја смерил својата дребност пред седумте цариградски ѕидини, а ни двете никој не се најде да ги турни, пустинската ѕверка да ја скорни и убие. Од тогаш силна војска не скрпивме, сал по некој добар јунак повремено, безвремено преполовен. Затоа барајте, ако нешто може да нè спаси од либиската чудест тоа ќе е на Громовникот оружјето.
Павле Плетикоса:
Кога Дојчин словом бара да се бара, тогаш мора да се бара.
Митре Поморјанче:
Каде? Како?
Болен Дојчин:
Еве вака. (Го вади кинжалот, клекнува и со неговата рачка почнува да потчукнува по подот.) Вслушнете се дал ќе екне празнината, тучот в слухот да ви здроби шуплината. Кај што полно одгласува таму ништо нема, кај што празно одѕвонува таму ќе е бараното.
Митре Поморјанче:
Ако не го најдеме пожелното?
Болен Дојчин:
Ниту најстарите Солунчани не памтат кога на каштелава, тешким челиком, двери ѝ се оковани, со дванаесет локоти заклучени. Ваков блескот, тој што вером е опфатен, радо не остава. Сè ќе стори за да му се даде да се свие во молитва пред златово, од мајстора над мајстора исковано. Мора овде нешто страшно да се крие, за Христовите следбеници неповолно. А пострашно за нивната заслепеност од знамењето Перуново нема. Само тоа може потсмев Харонски да двигне за верата нивна.
(Сите се наведнуваат и почнуваат да удираат со дршките од ножевите по подот барајќи.)

Митре Поморјанче:
Ти Дојчине бојовнику, бојна ѕвездо недостижна, ако го најдеме, ти оружјето Перуново ќе го носиш?
Болен Дојчин:
Јас, дури поарен не знаете.
Митре Поморјанче:
Таков нема, ниту пак го било. Сè што познавам од белаго Дунава до Солунски Ливаѓе, ни до папок не ти стига. Еден Хектор ти со него двајца… Само шестам, молец, моли низ черепов, да не ќе е и за десницата твоја? Вит толос апсидата што ја крепи, тежината преголема. Оружјето божествено само бог го носи.
Болен Дојчин:
И смртник ако сопственикот му одреди. Врховникот наш Перун-перјаница меѓу сите горе, само тој ќе знае дали можам и допушти ако можам за трозабецот негов да се фатам и за штиот, свит сач одозгора што нè грее…
Павле Плетикоса:
Послушајте ова плоча избрусена поинаков звук ми враќа.
Болен Дојчин:
(Станува и слуша.) Глас пречистен до врвно спознание до нас праќа. (Клекнува крај Павле Плетикоса и тој удира со рачката од ножот. Се слуша одек кој постепено се претвора во ангелска музика.) Што би ова дивно чудо низ каменот, кремен земен, небото да пропее. Небеските струни, преку сводот затегнати, одоздола да се напнат и испуштат звук само за слухот божествен примерен.
Жолта Евреина:
Одѕвонов што ѕвон не е, но музика непозната, почна да ме боли. Како некој со прсти нежни, за галење создадени, низ утроба, до крв, сите ципи да ми ги кине. Меко ме допира, а пробива најдлабоко. (Се превиткува од болка.)
Митре Поморјанче:
Не чукај повеќе Дојчине, врла веро наша, милозвукот низ милост ќе нè здроби. (И тој се превиткува од болка.) О, болко сакана, ножу сјаен, небеско перо остро кое место го копнее, докрајчи ме!
Павле Плетикоса:
Не чукај повеќе Дојчине, крилат коњанику, богов избранику, нема смрт попожелна од смртта од слушање. Ако ангелската песна не престане на тажачките писокот, грамади што урива, ќе почне! (И тој се превиткува од болка.)
Болен Дојчин:
(Престанува да чука. Музиката пополека замрува.) Зошто мене, само мене, болештина не ме стигна туку блага горештина по телото до челото. Тој напев сите пори ми ги отвори. Ни на соне, ни со жена сонувана не сум лебдел јас над себе. Мелодијата што изби од оваа стена, ме раздвои на тој што слуша и другиот над чујното што трепери и гледа бела бесконечност за минливоста невидима… Протолкувај Жолта Евреина, книга нечитана.
Жолта Евреина:
Ти и самиот знаеш Дојчине: Она што нас нè гневи тебе те засмева, таму каде ние љубиме ти презираш, тоа што нас нè боли тебе те радува. Ти си оној, избран меѓу сите мажи, на луѓето долу да им каже што сверите смерат. Таму каде боговите пируваат не си гостин, но и на трпезата човечка не седнуваш. Бессмртноста не ти е особина, ама смртта, таа препредена прељубница, од тебе се клони…
Болен Дојчин:
Ти претера преку мера, не сум фазла од што вие, мои блиски во секој подвиг, сте. Само сите сетила ми се напрегнати, па го примам значењето што обично бега… На работа сега: Тргнете ја карпава, од моќниот лира, да видиме што под себе крие.
Митре Поморјанче:
Да не така двигнеме гнев неслутен, грев што ќе нè обележи. Тој што криел не го правел тоа зарад шега, од нужда, несомнено.
Болен Дојчин:
Ти се плашиш Митре Поморјанче. Прв пат гледам дека може тебе, неустрашив, канџата на стравот да те склешти.
Митре Поморјанче:
Не Дојчине тоа што ме стега страв не се именува, оној слом на свеста пред смртта слутена, туку нешто друго за збор или толкување недофатно. Оваа спила овде, кога ти со рачката од ножот лесно ја потчукна, не пев, но порака ни прати, разбирлива, јасна и доволно гласна за да не штрекне: Не барајте понатака, како да рече…
Болен Дојчин:
Или избавата на вашето племе под мене ја чувам. Ефтимиј, пророкот кутмичевички, никогаш не згрешил. Тој ги претскажа на Релјо Шестокрило болеста, поморот на стоката сè до теле, далгата како планина преку Солуна, седумте гладни години, трите илјади јалови невести кога сред високо пладне гробен мрак падна… Тргнете ја плочата, долу е оружјето Перуново.
Павле Плетикоса:
Кога Дојчин бара да се тргне, тогаш мора да се тргне. (Тројцата се наведнуваат и со напор ја креваат плочата. Ја оставаат понастрана од отворот. Извесно време ништо не се случува. Потоа нагло избива заслепувачка бела светлина. Од отворот, пополека, излегува Света Недела. Дојчин стои гледајќи во неа, другите, вознемирени, се тргаат понастрана.)
Света Недела:
(Изгледа како од сон.) Во триста години, што е црква затворена, триста јунаци сè пробрани се пробаа нејни вити двери да отворат. Никој не успеа, ниту жив од потсратот се избави. Ти кој си што ти се даде сал со лесен удар на десното колено оковите и штрангите, жапките и клучевите да ги строшиш?
Болен Дојчин:
Јас сум Дојчин Солунчанин, дојден овде да си земам што е наше. Ти која си, жена или привид, сноп светлина, жолта магла, долна лага од окото измамничко?
Света Недела:
Овде нема ништо ваше ако не се смета заблудата, со векови, пророците на лесноверноста што ѝ ја нудат… Одете си.
Болен Дојчин:
Не, пред да ја скончаме задачата примерна на заканата од бесот либиски, не, пред тоа жено или што и да си.
Света Недела:
Тоа што свети двери проваливте крупен грев е на младоста плиткоума што ќе ѝ се прости. Тоа што плочава ја изместивте тежок престап е само волјата господова што ќе го заборави. Ако останете и трагате по тоа што го нема сами во смртна примка влегувате.
Болен Дојчин:
Зар закана, таа грешка гибелна зарад која врли мажи главата ја губат, ти пред нас изговараш?
Света Недела:
Не, Дојчине Солунчанину, мојот збор е молба и препрека непроодна посакувам да ви е. Да го запре следниот ваш чекор, од непромисла исчекорен, оти ќе ви биде последен.
Болен Дојчин:
Не сум овде дојден да беседам со празнина во жена што се строи, со сенишна убавина од ноќен пад, до распад, на умот родена… (На другите.) Продолжете со потрагата, ако е нужно искорнете, превртете, искрште, пред сјајот од ова мајсторство, што нè плени, не клонете. Ќе дојдат пак сликарите, резбарите, ковачите, кујунџиите невидени само ако ги избавиме со на Перун кон нас наклоноста, и сè ќе преуредат во блескот и поголем од овој.
Света Недела:
Чекај… Јас сум Света Недела, заштитничка на храмов, и ти велам овде не ќе го најдеш тоа што твојата намера ја поттикнува. Такво и нема, освен во вашето кривоверство. Одете си пред на трпеливоста смерна да ѝ дојде крајот, а погромот, отната стерна, до гроб што ќе ве прогонува, да ја замени.
Митре Поморјанче:
Дојчине, на мудроста советнику, да одиме. Оваа жена, слутам, ова лице чисто, вистината не гибната го озарува.
Болен Дојчин:
Ти Митре, ти кој прв пат образот на стравот кон мене го вртиш, можеш да заминеш… Но и вие двајца, зад молчењето засолнати, со него вон. Сам ќе го најдам оружјето. Од Громовникот громот, лач насочен, ќе ми го покаже местото каде е скрито… Вон, реков! (Тројцата тргнуваат да излезат.)

Жолта Евреина: (Пред да излезе.) Знам, сè сам можеш, туку ако, ќе чекаме надвор и јанѕа ќе нè разјадува, да ни пратиш знак за да ти се вратиме ако нужда те присили.
Болен Дојчин:
Оди Жолта Евреина, моја кршна побратима, што и да се збидне на добро ќе излезе. (Тројцата излегуваат. Дојчин доаѓа до отворот од кој излезе Света Недела и гледа внатре.)
Света Недела:
Зар во моето обитувалиште тој сакрамент го бараш? Таму ни помисла на знамењето од твојот бог измислен не ќе најдеш…
Болен Дојчин:
Овде, во оваа крипта студена, во оваа урна позлатена, ти живееш?
Света Недела:
Не, Солунчанину, мојата опстојба живот не се нарекува.
Болен Дојчин:
Туку како?
Света Недела:
Зборовите малубројни, бог на човека што му ги даде за да ја искаже својата безначајност пред неговата бесконечност, ни одблизу не ќе ти ја опишат сушноста на моето битствување. Зборот земен недостатен за појавите небесни… Туку нека: Можеби вечност е поимот што го знаеш, кој ќе ти помогне да го појмиш она во кое сум. Или само миг од вечноста кој бескрајно трае, без времето да го познава ил умее да го мери.
Болен Дојчин:
Намерата твоја ми е јасна: со слова матни, недофатни, слова заведливи да ја спречиш мојата. (Го вади ножот и почнува да потчукнува по подот.)
Света Недела:
Но, престани да чукаш, со кинжалот од судбата си клукаш, од дробот нејзин и срцето. Страшна клетва над тебе сè густи се цепат сред твојот пат бездни пусти, димни гротла што
ќе те голнат. Бог веќе е гневен Дојчине Солунчанину и нетрпелив.
Болен Дојчин:
Тој бог, во кого ти веруваш, мене ништо не ми значи, ниту може да ме спречи до штитот и копјето од мојот бог да стигнам…
Света Недела:
Не хули Дојчине, нема мој, твој, бог е еден сеприсутен.
Болен Дојчин:
Ти која Света Недела себе се нарекуваш може да е светост, како светлост од твојата убос несмерена и да ти стига, ама разум опсудбата точна што ја носи, не… Богот за кого говориш дали има име?
Света Недела:
Зар може да се именува видимото и невидимото, сватливото и недофатливото, отсутното над присутното што лебди и сè зад тоа до недоглед?
Болен Дојчин:
Несакајќи во занес наивна, ти дивна ја кажа вистината цела: Ако твојот бог е сè, тогаш е и ништо. Не постои сопство кое нема граници и облик, без лик, макар каков и да е, божествен, сепримерен, ништо не може да дејствува, да трае… Перун, врховникот, јасни качества го красат: на сонцето тој е бог, сонцебог, громосоздател, громокротител, громовник ноќта трудна и денот, за радост човекова што ги дели. И Дажбог небесен, син и голем колку небото. Сварог, брат Перунов, на огнот земен создател и господар. Велес пастирот добродушен стадата од помор што ни ги пази и нашиот дом од погром го заштитува. Стрибог во водите питки што обитува. Ргел, Мокош и Род од кого нашиот пород е згрижен и судбината со тоа…
Света Недела:
Боговите за кои зборуваш во умот непросветлен на твоето племе се родени. Немоќта душевна да се втопите со вера во богот единствен, во семирот цел, ете таа ги создала за да ви служат, а не вие ним. О, нескромност, желбо пуста да се има бог за пастир, крепител и слуга за да се скрие својата ништожност и долност, калта леплива од која сте создадени и на смртта предадени.
Болен Дојчин:
Ти жено, со која спор безпредметен јас водам, знај боговите наши нам ни се подобни по обличје и сетила, само не по продор умствен, не по сила. За мала жртва: петел, јагне или теле, реч пробрана, цвет посветен: перуника за Перун, без трага од премисла, ќе се втурнат за да избават, припомогнат и спасат, пред злото да се гласат и го спречат. А твојот бог, таа празнина во свеста скрушена, тој луѓето ги мрази. Велат сам од кал ги создал и ги оставил долу, во истата твар, да се валкаат, додека тој ликува, горе, над тагата од своето дело…
Света Недела:
Со секој збор ил помисла, со секој удар на ножот, се поблиску си до клетвата што ќе морам, јас жална, да ја изговорам. Затоа замолчи ти мажу пред кого жените се ронат, еднаш ја те видат са век ќе те сонат, замолчи и оди во светот во кого ни човек ни ѕверка не ти се рамни, свет како по твојата мерка и за твое уживање. Оружјето сенишно не ти треба, уште долго Либијците не ќе пристанат на брегот на кого ти стоиш, а и триста кораби да изброиш, кога ќе дојдат, за твојата гордост и сила малку ќе се… Оди ти велам, јас можеби не сум жена, но не сум ни стена ладна и без таен трепет женски…
Болен Дојчин:
О светице, светлост прозрачена, добро ли те разбрав или надежта, таа болка мрачна, памет ми помати?
Света Недела:
Не прашувај, оди.
Болен Дојчин:
Одговори за да одам, но кон тебе.
Света Недела:
Низ моето грло, кавал господов, нечестивиот се проби и можност лицемерот доби да го каже тоа што го чу.
Болен Дојчин:
Да лаже убавината не умее, вистината, по природа дадена е нејзиниот пристан. Не зборовите туку твоето лице, повесмо блескот, како пред сонцето в зори облакот црвен за денот ветровит, го оддава значењето. (Оди на кај неа.) Жено желена, жено недопрена, а љубена во мечтата од сите мажи, кој ќе ми каже дали јас сум тој избран да те гушне, за да слушне што вечноста говори?
Света Недела:
Дојчине Солунчанину ако на моево рамо или бедро, твојата рака од милост се спушти, ќе се отворат штедро бесовите. Времето од бескрај во миг ќе се згусне за да те здроби тебе.
Болен Дојчин:
Болко недодржима, смртта кротка нека иде, не ме плаши ништо што со мене ќе биде, само јанѕа ме потресува, да не како кога жртва се принесува, се вознесеш горе, меѓу весталките и за секогаш те снема. Од мојот допир, камче фрлено во вир, одразот твој да се распрсне, да првне и исчезне во недоглед… Но мускуливе, сево мое тело, лак напнат се кон твојата ломност, не помамност, нежност неслутена да те обгрлам ме гони. На градиве вжештени твоето лице нека клони за да остави трага во сината водена креда.
Света Недела:
Не Дојчине, не приоѓај веќе, јас не можам да бегам, твојот поглед ме закова за тлото, злото милост што се вика ќе гргне и мене во грев непростим, а тебе во проклетството ќе нè тргне и удави… Не приоѓај ти суштество од глина ѕвездена создадено, нам не ни е дадено, во спој совршен да бидеме ти маж јас жена… О, светост бестелесна, месечева одоро тесна, досега дар божји, сега и од сега казна грозна под која, до каде помнењето стига, ќе се мачам.
Болен Дојчин:
(И приоѓа и ја гушнува.) Нема казна пострашна од тоа да те лишат на љубовта, нар скинат од дрвото на семирот, да ѝ се дадеш… Не тргај се, не бегај ми така, сето мое ткиво да те појми сака… И усните, од блаженството дното, подај ми ги. (Ја бакнува.)
Света Недела:
(Се припива во него.) Готово е Дојчине, ти го испи отровот. Таму каде требаше да биде нектарот на сласта, до страста телесна што води, таму змиска плунка најде. (Дојчин паѓа превивајќи се од болка.)

прочитај ја целата драма

АвторБлагоја Ристески - Платнар
2018-08-21T17:21:45+00:00 јануари 1st, 2003|Categories: Текст, Театар/Филм, Блесок бр. 30|