Побуната против редот на нештата

/, Театар/Филм, Блесок бр. 29/Побуната против редот на нештата

Побуната против редот на нештата

Б. Побуната (бунтот)

1. Во Танго, против ваквата ситуација се буни внукот Артур. Во овој случај, што е впрочем карактеристично за постапката на Мрожек, ситуацијата е дадена во инверзија, затоа што Артур не се буни, како што би се очекувало, за повеќе слобода, (која, очигледно ја има отповеќе, така што заличува на анархија), туку се буни за повеќе ред. Во оваа драма, бунтот, револуцијата која, вообичаено подразбира кршење на конзервативните правила и освојување на слободата, веќе ја извршила претходната генерација – Стомил и Елеонора, родителите на Артур, т.е. довеле до опишаната ситуација. Во така воспоставениот поредок добро се снаоѓа и старата генерација (мајката и вујкото на Елеонора). Единствено Артур не може да се помири и да живее во ваквото безредие, кое му ги одзема креативните сили, па затоа се буни за повеќе ред, за организиран начин на живот.
2. Во Големиот брилијантен валцер, носител, чувар на поредокот во заводот е докторот. Тој има јасна задача жителите на заводот да ги подреди под определен режим, со што ќе им се овозможи да се вклопат во системот, во што му помагаат „специјалистите за метафори“. Со своето залагање да не врши преголем притисок, докторот на извесен начин е во блага опозиција со системот, што не може да се нарече бунт во вистинската смисла на зборот. Вистинскиот бунт започнува со делувањето на Симон Вебер, историчар кој премногу се интересира за полскиот востаник Дрохојовски, бунтовна природа од времето на Наполеоновите војни, кој стигнал и до Словенија, каде му ја ампутираат ногата. Заради ваквиот интерес, Вебер се смета за латентен бунтовник, чие однесување треба да се канализира. Бунтот на Вебер се состои во нагласената идентификација со Дрохојовски (сценски прикажана и со надворешна трансформација – полска униформа, зборува полски). Така, тој се поистоветува со јунак од времето кога сè уште постои борбата, отпорот, верата и смислата.
3. Во Бунт во домот за старци, носители на бунтот во вистинската смисла на зборот се старците. Значи, и овде имаме ситуација на инверзија, кога бунтот го започнува старата генерација, на која вообичаено ѝ е својствено почитување на институциите, или барем помиреност со редот на нештата. Тие ја започнуваат својата побуна против промената на редот на работите (така и смртта на претходниот управник се доведува во врска со промената на часот за вечера), а новиот управник ги преместува во друга барака, што за нив исто така е голема причина за незадоволство и бунт. Но, бунтот е инициран и од нешто друго – од промената на текстот на народната приказна во интерпретација на младите театарски аматери. (На Балканот војни започнуваат заради променет збор во народна песна – се вели во текстот). Значи, станува збор за бунт заради заштита на традицијата, на она што станало вообичаено во секојдневниот живот, бунт за status quo. Симболична сцена за оваа состојба е визијата на управникот за фрижидерот, кој зафаќа огромни размери, а во него се сместени младите аматери, обесени како замрзнато месо. Значењето не може да биде поинакво освен ознака на желбата за замрзнување, за непроменливост на ситуациите, навиките, на поредокот воопшто, а со тоа и во уметноста.

В. Прашањето на слободата

Прашањето на слободата секако е клучното прашање во сите три текста, кое, се разбира, не се толкува и не се третира идентично.
1. Како што веќе истакнавме, слободата во Танго е веќе извојувана од старата (претходната) генерација, што некаде во триесеттите години се изборила за слобода во љубовта, слобода во однесувањето (симболично прикажана преку слободата да се игра танго, игра во тоа време жигосана како неморална.) Артур чувствува дека е презаситен од неа, затоа што, како што вели самиот, кога сè е дозволено, ништо нема вкус на вистинска слобода. Во повеќе реплики тој сосема прецизно го искажува својот однос кон наследената слобода од неговите родители: „Со таа своја слобода ги затрувте поколенијата нанапред и наназад.“4F И на друго место: „Никаков ред, никаква ускладеност со тековниот ден, никаква скромност ни иницијатива. Овде не може да се диши, не може да се оди, не може да се живее.“5F. „Во оваа куќа владее мртвило, антропија, анархија.“6F
Задачата на Артур, оттука, е многу тешка. Затоа што и самиот не знае како да дојде до нов поредок на нештата, посега по старите форми на добро однесување и ред. Симбол на тој поредок е организирањето на свадбата. Но, наскоро увидува дека на таа стара форма ѝ недостига идеја, смисла што ќе ја исполни. Неговиот безуспешен напор од ништо, од тотален нихилизам да создаде нов поредок, во отсуство на вистинска идеја, смисла на животот, го доведува до идејата за власта. Во вакво семејство/општество/поредок, без идеја-водителка, без систем на вредности, како регулатор на новите односи можна е само власта. Артур: „Само власта може да се создаде од ништо. Само власта постои дури и кога не постои ништо…“7F И, се чини, клучната мисла во текстов, во врска со прашањето на побуната: Артур: „А зарем власта не е исто така побуна? Побуна во форма на ред, побуна на врвот против низините, побуна на повисокиот над понискиот?… Јас не сум ни анализа, ни синтеза, јас сум чин, јас сум воља, јас сум енергија! Јас сум сила.“8F
Во ова минуциозно дефинирање на власта, Артур сфаќа дека сам не ќе може да ја реализира вака замислената власт, не ќе може да го контролира новиот поредок, па затоа за свој помошник го зема лумпен-пролетерот, суровиот примитивец што упаднал во ова семејство – Едек. Но тој ќе биде и неговата прва жртва, така што новиот поредок останува во рацете на Едек. (Тука треба да се напоменат и некои толкувања кои оваа пиеса ја определуваат како пиеса на созревањето и воспитувањето, при што Артур се поврзува со Хамлет, но и со Едип.)
2. Прашањето на слободата кај Јанчар се содржи и во геслото на заводот „Слободата ослободува“. Авторот никаде во текстот не го наведува времето во кое се случуваат настаните во драмата, тој сугерира универзалност, иако некои состојби и ситуации потсетуваат, т.е. укажуваат на периодот по Втората светска војна и на еден тоталитарен политички систем, системи во кои многу се зборува за слободата, при што секогаш се мисли на одреден тип, на одреден вид слобода – онаква каква што прокламира системот. Како што забележува Андреј Инкрет, определбата „слободата ослободува“ многу јасно упатува дека таа не постои – затоа што ако некој треба да се ослободува, тој не е слободен. Таквиот начин на ослободување мошне пластично е прикажан преку случајот на С. Вебер, каде духовното осакатување е прикажано и како физичко (метода на екестериоризирање на проблемот, кој откако ќе се исфрли на површина, може да се елиминира). Но, во овој случај се добива спротивен ефект – по отсекувањето на ногата, Вебер сосема се идентификува со Дрохојовски, што би можело да се протолкува дека репресијата само го зајакнува духот на слободата, и на бунтот. Зашто како таков, со својата појава, без нога и во униформа на полскиот бунтовник, тој е жива слика на побуната.
Покрај главниот лик, преку кој се реализира ослободувањето, скоро за сите други лица може да се рече дека се раководени од некаква желба за друг живот а, според Инкрет, веќе самата желба е слобода. Сите тие живеат во празниот простор на желбата и слободата, во просторот на лудилото, кој на сите им овозможува да досегнат по она што го сакаат, да бидат она што мислат дека се. Носени од таа луда замисленост, отсутни во своите луди желби, тие се изгубени во својата страшна имагинарна слобода.
3. Проблемот на слободата е опсежно елабориран и во драмата на В. Андоновски. Главен носител на идејата за слободата е новиот управник на домот за старци, прикажан како типичен слободоумен млад интелектуалец, професор, кој таа слобода ја прокламира кај своите ученици, преку слободното однесување на часот, слободната љубов и сл. Всушност, како и родителите на Артур, и тој слободата ја сфаќа како анархија, без почитување на вредностите и поредокот. Но, и кај него нема систем во реализирањето на слободата, затоа што самиот е оптоварен од Едиповиот комплекс и од комплексот на вина, а истовремено – од желба да доминира над послабите. Па затоа духовно пропаѓа, се оддава на алкохолот. Всушност, станува јасно дека таа слобода за него била само маска зад која ги крие човечките слабости, затоа што на крајот и тој се залага за еден конвенционален ред на нештата – ослепен (како Едип), тој прогледува – ги сфаќа заблудите и сака да се ожени со сестрата Ана. (И тука чинот на свадбата е симбол на традиционалниот поредок).

#b
4. S. Mrožek: Tango. In: S. Mrožek: Drame. Beograd, Nolit, 1982, 87.
5. Ibid. 84
6. Ibid. 84
7. Ibid. 141
8. Ibid. 142

2018-08-21T17:21:46+00:00 ноември 1st, 2002|Categories: Осврти, Театар/Филм, Блесок бр. 29|