Р

Лица
I. Полноќ. Народен театар. Празна сцена.
II. Костур во кујната.

АВРАМ СИНОТ: Чиј е овој костур?
КАТЕРИНА: (Подготвува ручек.) Од татко ти!
АВРАМ СИНОТ: Сакаш да речеш, од мажот ти!
КАТЕРИНА: Колку што знам мажот ми ти е татко!
АВРАМ СИНОТ: Сигурна си?
КАТЕРИНА: За жал, имам непобитни докази!
АВРАМ СИНОТ: Ако имаш непобитни докази, тогаш што ми влечкаш дома мртви двојници на твојот жив маж! Тргни го да не го гледам!
КАТЕРИНА: Што!??
АВРАМ СИНОТ: Тоа…?!! Што!? Овде сè мириса, смрди на минато! Ти откопуваш костури од пред сто века а твојот жив маж „Уметнички се ангажира“ говорејќи како изветреан по градските улици монолози што се однесуваат на „славната“ француска револуција…
КАТЕРИНА: А што сакаш ти, да продаваме банани од неврзаните земји по улица?
АВРАМ СИНОТ: Сакам да сфатите во кое време живеете!
КАТЕРИНА: Гледаш, во кое време живееме… Гледаш… Готвам ручек за утре и одредувам старост на костур од шестиот век пред новата ера… Гледаш… Од 29 костури колку што донесовме од локалитетот, само еден нуди можност (Лупи кромид.) за одредување на староста според должината на бутните коски и според најдобро сочуваниот череп… Гледаш…
АВРАМ СИНОТ: Не возбудувај се… гледаш… ти загоре маслото!
КАТЕРИНА: Како да не се возбудувам… што ќе напишам… каков научен заклучок ќе донесам, како ќе ја одредам неговата возраст… инфанс, јувенилис, адултус, матурус, сенилис… како??? Долната вилица само делумно е зачувана… (Го става кромидот во маслото.) гледаш…
АВРАМ СИНОТ: Да, гледам! Дури и твојата манџа мириса на историја, на черепи и скапани коски… Тоа гледам… Ви живеам во историја, ви јадам историја и ќе ви повратам историја…!
КАТЕРИНА: Стори нешто против историјата!
АВРАМ СИНОТ: Немам пари!
КАТЕРИНА: Зошто ти се пари!?
АВРАМ СИНОТ: За — експлозив!!!
КАТЕРИНА: И — после!?
АВРАМ СИНОТ: После — ќе видиме! Важно е дека ова сега мора веднаш да се крене во воздух, да се уништи…
КАТЕРИНД: Влези прво во ВЦ… мил мој, и олесни се…

АВРАМ СИНОТ: Ќе видиш ти кај ќе влезам! Ќе…
КАТЕРИНА: И биди повнимателен, те гледа човек од шестиот век пред новата ера!
АВРАМ СИНОТ: Сакам само еден ден да живеам без историја, без насилие, без принуда, а потоа да ви умрам за да ве потсетам дека сте ме создале… се надевам — од љубов!!! Пријатно! (Излегува.)
КАТЕРИНА: Сине, чекај… (Меша во запршката.) … чекај! Каде?
ЈАНА: (Пишува домашна задача не забележувајќи го семејниот разговор.) Мамо, на кој ден точно, е ослободена нашата земја?
КАТЕРИНА: (Тргнува кон неа.) Не знам Јана, ништо не знам, треба да проверам…!

Прочитај ја целата драма

АвторЈордан Плевнеш
2018-08-21T17:21:49+00:00 август 1st, 2002|Categories: Текст, Театар/Филм, Блесок бр. 27|