Црни играчки

Црни играчки

1. пролог: пет истрели

(Медитеранска, соларно-лунарна драма)

(На сцената огромен екран. Телоп: ЛОКАЛНИ ВЕСТИ. Се појавува спикер.)

СПИКЕРОТ: Минаа точно 57 години откако господин Мерсо, јунакот на Албер Ками од „Странецот“ истрела пет куршуми во телото на недолжниот Арап под усвитеното медитеранско сонце на плажата. И го уби црното. Но, модернизмот не е мртов. Како што стојат работите, во денешни дни многу луѓе стануваат робови на книгите од тој период. Таков е случајот и со денешниот настан во предградието, каде еден луд човек, тврдејќи дека се вика Мерсо, истрела пет куршуми во една црна вреќа.
(Следува прилог, снимен со камера. Во темницата светнува рекламна неонка на некоја зграда. Светлината осветлува улица во голем град. На едната страна од улицата контејнер и куп ѓубре во црни вреќи крај контејнерот. Крај вреќите стои бел човек, бос, со сламена шапка на главата, облечен во бел костум. Вади револвер. Нишани во вреќата. Истрелува шест истрели во црната вреќа. По улицата дотрчува чистач, ѓубреџија, Црнец, облечен во портокалово флуоросцентно одело. Убиецот стои со пиштолот в рака и не мрда.)

ЃУБРЕЏИЈАТА: Што стори, бре човек?
(Се наведнува и со лопатката го прибира ѓубрето од распарчената вреќа.)

ЧОВЕКОТ: Убив човек.
ЃУБРЕЏИЈАТА: Каков човек бре! Види, види што направи!
(Човекот клекнува и со револверот в рака плаче.)

ЃУБРЕЏИЈАТА: Еј, што ти е?
ЧОВЕКОТ: Убив човек. Ја убив душата. Чувствуваш како смрди? Овде смрди!
(Дотрчуваат новинарски екипи со блицови и камери. Ѓубреџијата дава изјави, Човекот стои настрана и плаче над вреќата)

ЕДЕН НОВИНАР (Кон ѓубреџијата): Ве молам, што се случи?
ЃУБРЕЏИЈАТА: Овој лудак вели дека се вика Мерсо. И дека убил човек. Истрела шестпати во вреќата, и толку. Не е ништо страшно. Само што ми отвори работа.
(Доаѓа полициски инспектор со автомобил. Приоѓа кон вреќата и кон човекот што плаче. Гледа. Тргнува напред, а новинарите со камерите го пресретнуваат.)

НОВИНАРИТЕ: Господине инспекторе, што се случило?
ИНСПЕКТОРОТ: За жал, нема случај. Имаме оружје, но немаме жртва. Станува збор за психо-лабилен човек што се поистоветил со лик од некоја позната книга.
НОВИНАРИТЕ: За која книга станува збор?
ИНСПЕКТОРОТ: Не сум овластен да ви кажам. Прашајте го ѓубреџијата.
(Заминува. Рез на екранот. Враќање во студиото. Пак спикерот.)

СПИКЕРОТ: Како што се гледа, книгите сè повеќе влијаат врз животот. Не се во право оние кои велат дека телевизијата е најголем деспот. Астрономите велат дека деновиве има засилено негативно зрачење од Сонцето, поради активност на сончевите пеги. Овде на Југот, тоа сонце пече немилосрдно. Останете во сенка. До следното јавување, реклами.
(На екранот следува реклама за детергент. Режисерот е слободен да ја избере сликата на рекламата)

ТЕКСТ: Универзален еколошки детергент, отстранувач на сите, дури и на најупорните дамки. Го отстранува црното. Бело како снег. Детергент што е смртоносен непријател на сè што не е бело.
(Екранот се исклучува. Почнува театарот.)

прочитај ја целата драма

2018-08-21T17:21:51+00:00 март 1st, 2002|Categories: Текст, Театар/Филм, Блесок бр. 25|