Театарски фестивал „Москва 2001“

/, Блесок бр. 17, Театар/Филм/Театарски фестивал „Москва 2001“

Театарски фестивал „Москва 2001“

(Во 2001 г. Москва ќе биде домаќин на Третата театарска Олимпијада)

„… Наоѓајќи се на раскрсницата на илјадолетијата, ние сè повеќе го спознаваме навлегувањето на минатото во сегашноста и на сегашноста во иднината. Минатото ја носи својата слава и таа се предава во сегашноста, а нашата задача е да ја пренесеме таа слава во иднината. Заедно со тоа ние ги паметиме ужасите од минатото и тоа паметење нè тера да чувствуваме страв пред иднината. И нашето движење кон иднината треба да го оствариме со таква елеганција и сила, со каква што ги создавале древните народи своите трагедии. Ние како некогаш ги слушаме гласовите на древниот хор. И светлината на илјадолетијата што надоаѓаат ги фрла нашите сенки што играат во новото илјадолетие…“ Овие зборови на познатиот грчки режисер Теодорос Терзопулос – претседател на Олимпискиот театарски комитет се дел од Манифестот на театарските олимпијци во предвечерието на театарската олимпијада, која ќе се одржи во Москва во 2001 година.

Историја

Пред неколку години во Делфи (Грција) едно од најголемите имиња на светскиот театар какви што се Јуриј Љубимов, Жорж Лавадан, Роберт Вилсон, Тадаши Сузуки, Хајнер Милер создаваат комитет за подготовка на Театарската олимпијада. Инспирирани од мисијата на Олимпиското движење и од идејата за средба на различните театарски култури членовите на комитетот со нагрбуваат со благородната задача да го реализираат во различни земји во светот празникот на сценското искуство, наречен едноставно Театарска олимпијада.
Првата театарска олимпијада е одржана 1995 година во Делфи. Таа беше посветена на темата „Античката драма во современиот свет“ и домаќин на Олимпијадата беше Терзопулос. Летото 1995 година се одржа втората олимпијада во јапонското градче Шизуока. Таа и‘ беше посветена на темата „Создавајќи надежи“, а домаќинот на олимпијада Тадаши Сузуки ги пречека театарските групи од 21 земја. Олимписката театарска идеја се роди во Грција, а продолжи во Јапонија, што значи во две земји со големи театарски култури, европската и азиската. Не е случаен ни изборот на земјата домаќин на третата олимпијада – Русија. Земја и европска и азиска, земја со навистина голема театарска култура, која го има родено и сочувано модерниот театар на ХХ век. Во Москва театарската олимпијада ќе се одржи во соработка со еден од најкрупните и реномирани светски театарски фестивали – Чеховиот. Се обидувам да ја раскажам со неколку збора, иако е тоа невозможно, историјата на тој според суштина уникатен фестивал на празниот фестивалски простор на Русија непосредно по паѓањето на „железната завеса“ и благодарение на напорите на неговите организатори не и‘ даде возможност на „економската завеса“ да го оддели рускиот театар од театарските култури на земјите на бившиот Советски сојуз, Европа и светот. Пред осум години присуствувајќи на отворањето на Првиот Чехов фестивал дури и не можев да претпоставам во каква полноводна река зацапувам и колку навистина нови и силни чувства ќе доживеам со тек на времето, колку нови театарски простори и стилови ќе откријам. Првиот фестивал ми овозможи да видам три величествени претстави според драмата на Чехов „Вишновата градина“ – на Петер Штајн со Ута Лампе во улогата на Раневскаја, предвесникот на Прашката пролет во 1968 година на Отомар Крејча, макар и речиси 30 години подоцна, и неверојатно убавата и тажна претстава на Андреј Шчербан со Романскиот национален театар. Во времето кога Источна Европа слично на „Вишновата градина“ преминуваше во рацете на новите сопственици, кога Европа и Светот се преструктуираа последен пат во одминатиот век, кога сите зборуваа за нормалната сеопшта криза на театарската уметност во Москва го надминаа понижувачкото чувство на изолација од светскиот театарски процес. Четири години подоцна, во 1996 година Вториот Чехов фестивал се престори во своевиден маратон. За времетраењето од три месеци руската престолнина беше домаќин на долго патешествие врз светската театарска карта – 45 претстави. По речиси 40 годишен застој гледачите ја видоа претставата на Питер Брук, се сретнаа со уметноста на Џорџо Стрелер, Петер Штајн, Деклан Донелан, Ејмунтас Никрошиус, го открија името на Петар Лебл (за жал прерано заминат од овој свет чешки режисер, раководител на театарот „На забрадли“ во Прага. Третиот Чехов фестивал беше посветен на 100 годинешниот јубилеј на Московскиот Художествен Театар. Благодарение нему Москва навистина стана една од театарските престолнини на ХХ век. Географијата на фестивалот се прошири од Бразил до Јапонија. За прв пат ги видовме претставите на Робер Вилсон, Аријан Мнушкин, Кристоф Мартлер, Ли Бруер. За мене едно од откритијата на фестивалот беше претставата „Книгата на Јов“ на младиот бразилски режисер Антонио Араужо. Државна тајна е дека буџетот на Третиот фестивал изнесуваше 5 милиони долари!!! Знам, дека многумина ќе потскокнат од таа бројка што е астрономска и нема да поверуваат, но тоа е факт. Факт, кој недвосмислено го покажува односот кон театарот во оној дел на светот наречен Русија.
„Сè она, кое што не го знаете за театарот и за кое сте се плашеле да прашате…“ така, парафразирајќи го заглавието на оној филм на Вуди Ален, би ја нарекла театарската олимпијада, која што треба да ја видиме во Москва. Московската театарска олимпијада ќе ја отвори вратата на 21 век и третото илјадолетие на христијанството. Тоа природно ѝ дава печат на општата концепција на олимпијадата. Од една страна поставување на линијата на театарскиот ХХ век и неговите врски со театарските епохи од минатото, демонстрација на најважните форми и интерпретирањето на драматургијата од грчката трагдеија и комедија, преку Шекспир и Молиер до театарската авангарда на ХХ век и од друга обидот да се дефинира карактерот на театарот во иднината. Творечката програма на Московската олимпијада е составена од четири дела:
светска театарска серија;
московскиот театар;
експериментот на театарот и
театарот на улицата.

Во светската театарска серија гледачите ќе го видат прославениот Коњски театар „Зингаро“ од Франција, последните две претстави на Џорџо Стрелер, претставите на Сајмон Мак Берни, Петар Штајн, Пина Бауш, Љук Бонди, Роберт Стуруа, Ејмонтас Накрошус, Лев Додин. Специјално за Олимпијадата Деклан Донелан во соработка со Авињонскиот фестивал, Британскиот совет и претставништвото на Европската комисија на ЕС во Москва направи своја интепретација на една од најтешките руски драми “Борис Годунов“ на Пушкин, со заеднички избор од руските театарски ѕвезди. Тадеши Сузуки има намера исто така со руски артисти да го постави Шекспировиот „Крал Лир“, а Роберт Вилсон работи врз „Дневникот на лудиот“ со Ала Демидова. Во процес на подготовка е и една необична претстава – музичката мистерија „Полифонијата на светот“ според идеја и музика на познатиот авангарден композитор Александар Бакши, режисерот Кама Гинкас, уметникот Сергеј Бархин, диригентот Гидон Кремер со учество на „Кремерата Балтика“, сибирски шамани, тапанарскиот оркестар на Стразбург, вокалисти од Азија, Африка и др.
Московскиот дел ќе ги претстави последните модели made in Moscow на театарските џинови што работат во руската престолнина (за тоа што прават тие во овој миг пишував неодамна во Театарски гласник).
Експериментот во театарот го претставува можеби најамбициозниот дел на олимпијадата. Тој претпоставува серија од мајсторски класи, експериментални поставки, предавања, симпозиуми. Таа програма ќе се обиде да ја проследи генезата на театарската авангарда на ХХ век со нејзините форми, истражувања и претставници. Не случајно програмата е поделена на две половини и се подготвува од двајца од најзначајните руски режисери од крајот на ХХ век – Анатолиј Василев и Валериј Фокин. Во програмата на Анатолиј Василев во неговата „Школа за драмската уметност“ ќе бидат организирани семинари за режисери и драматурзи со кои ќе раководи Питер Брук. Програмскиот дел на Центарот Всеволод Меерхолд, раководен од Валериј Фокин, е составен од предавања на Тадаши Сузуки, Теодорос Терзопулос, Кристоф Мартелер, серија од сеанси за режисери и сценографи под раководство на Роберт Вилсон, претстави на младата ѕвезда на литванскиот театар Оскарас Коршуновас, на Јожеф Нац, претстави-хепенинзи на популарна англиска група позната со своите 24-часовни изведби, спомени за големиот театарски реформатор Гротовски, тренингот и предавањата на неговите соработници Л. Флашен и З. Молјак, претставата „Митови“ на Еуџенио Барба, Пекиншката опера низ призмата на творештвото на Меј Ланфанг и влијанието на Меерхолд врз неа, театарската група на Браќата Форман (синови на познатиот режисер Милош Форман) и природно маргиналците на руската театарска авангарда од последните децении: Клим, Јухананов, Понамаров.
Театарот на улицата за прв пат ќе биде предмет на Московската олимпијада. Уметничкиот раководител на тој дел е познатиот Вјачеслав Полунин. Прославениот творец на театарот „Лицедеи“ има подготвено букет од неверојатни улични театри, како што се шпанските “Xarxa“ и “La fura dels baus“, виртуозниот театар на тапанарите “Stomp“ од Велика Британија и др. Се очекуваат групи од Узбекистан, Бразил, Венецуела, Колумбија, Кореја, Сингапур, Тајланд… тоа ќе биде празник, во кој ќе бидат ангажирани десетици артисти. Не случајно девизата на Олимпијадата е позајмена од насловот на книгата на Џорџо Стрелар „Театар за луѓето“.

Превод од бугарски: Ефтим Клетников

АвторВасилка Бумбарова
2018-08-21T17:22:02+00:00 октомври 1st, 2000|Categories: Осврти, Блесок бр. 17, Театар/Филм|