За подемот на кловновите и актерите

/, Блесок бр. 14, Театар/Филм/За подемот на кловновите и актерите

За подемот на кловновите и актерите

„Отпорот кон уметноста е истовремено отпор кон новото, кон непредвидивото“
Роберт Бресон

Орфеј свири, а малкумина го слушаат! Дали проблемот е во него или пак во оние кои одбиваат да слушаат? Ако карактерите на Орфеј ги побараме во тлото на балканскиот театар, сигурно дека ќе ни биде тешко да ги идентификуваме сите лица на восприемачите на играта на Орфеј. Но, за каква игра, всушност станува збор?
Театарот на Орфеј, кој може да биде сличен со оној на Тит Андроник1F, е полигон преплавен со кловнови и актери. Кловновите не го кријат својот став кон нештата и нивната игра е поексплицитна, но актерите се склони кон двојна игра, а честопати и кон персифлажа. Дали, според тоа, преосетливоста на актерското битие ставено на работ од бурниот милениумски пресврт, води кон бекство од вистинската игра и препуштање кон еден нетеатарски облик на егзистенција?! Одговорот лежи во актерската генерација родена кон крајот на 60-тите и почетокот на 70-тите, во времето на експанзијата на анти-театарот.
„Човекот ќе го изненадуваат или ќе го лутат многу остри претскажувања: денес, како и вчера, очигледно е дека многу нешта остануваат надвор од секакво предвидување“, вели Жак Атали за позицијата на човекот во новиот век, во студијата „Двеилјадитите години“2F. Со ваквата констатација можеме да настапиме и во анализата на актуелната општа театарската ситуација која е производ на хаотичноста на живеењето и системите на живеење диктирани од државните институции. Демократијата и плурализмот наметнаа нов ракурс на читање на театарот. Тој начин, често пати е и вулгарен. Ќе речете, па и во животот некогаш има достаточно вулгарности. Да, ама театарот е достапен секому, па и на најмладите, децата. Што може да се случи кога без (авторска) цензура насловните страници на повеќето (меѓу кои и такви кои претендираат за високосериозни) печатени медиуми и понатаму се преплавуваат со „модерните“ секси-телефонски-автомати?! Ми се чини дека во случајов не се работи за модерност, туку едноставно, за неизживеаност. Во овој поим е содржано и постоењето на мизантропијата, хипокризијата и, најпосле – мимикријата. Можеби заради тоа во последнава деценија има се повеќе „актери“ во животот, а помалку Актери на театарската и помалку Луѓе на животната сцена. Лицето на современиот човек, кое неприродно брзо се менува од миг во миг, добива нова вредност. За него Пол Валери во збирката „Мали вежби“ ќе каже: „Лицето е носител на сите направи што се потребни за прием на емисиите чиј извор не е во контакт на нашето тело“3F.
Кон крајот на деветнеасеттиот век, историската сцена на која дефилираат македонските прилики и неприлики пред позадината на отоманскиот вриеж подзасилен со соседските апетити, од македонско тло извираат повеќемина поборници на новата европска мисла. Еден од нив е и Војдан Чернодрински, чиешто дело досега беше прикажувано мошне сиромашно и површно, имајќи ја предвид напредната револуционерна носивост (во театарска смисла) која ја имаат неговите драми, од кои еден дел воопшто не се инсценирани4F. Тука е и појавата на Петар Манџуков, сострадалникот и соработникот на Војдан, чиишто стихови дури по цел еден век видоа свое покомплетно издание. Не смееме да го заборавиме и Наум Манивилов, деецот кој парадоксално се вивна во поетските висови на последниот век. Сè се тоа ликови на своевидни актери (Орфеи) чиишто одрази треба да се меморираат и овековечат, затоа што тоа не се само ликови од нашиот сокак, туку ликови од светски формат чие присуство во нашата културна почва треба да го воздигаме до искон.
Заборавот е една од најболните карактеристики на homo novus-от. Посебно ако тој е принуден, насилен или искалкулиран. Историјата не смее да се заборави. Исто како и театарската претстава. Тие се чин кој не смее да згасне, ни по цена на кој и да е закон. Одрекувањето од времето кое сме го поминале со нашето комплетно битие, било низ текот на историјата, било низ текот на одредена театарска претстава, значи поигрување со самите себе. Создавање од човекот актер, или пак кловн. Животот, сепак не е циркус, тој е Божја повела. Се друго е прашање на личен избор и неизбришлив дел од нашето искуство, т.е. индивидуална меморија. Или – стил?!
Стилот, сепак го наметнува времето, а не луѓето. Промената на стилот на живот, игра, однесувања или правила, е феномен кој треба да се испитува, меѓу другото, и во појавата на подемот на кловновите и актерите од домашната сцена. „Илузијата на реалноста е реалност на илузијата“, напишал Нотроп Фрај. И зошто од театарската стварност да правиме животна имагинација? Одговорот лежи сокриен зад нашите лица.

#b
1 в. сцената помеѓу Тит и Кловнот, сцена 3, чин 4: William Shakespeare, Titus Andronikus, Leipzig, Bernhard Tauchitz, 1868, п.55-56
2 Жак Атали (Jacques Attali), Оцртување на хоризонтот (Lignes d’horizon, Fayard, 1990, Paris), превод Благоја Велковски-Краш, Мисла, Скопје, 1993, стр.114
3 Пол Валери (Paul Valery), Меланж (Melange, Oeuvres, I, Biblioteque de la Pleiade, Editions Gallimard, 1957), превод Мирјана Тренчева, Македонска книга, Скопје, 1988, стр.60
4 Наум Пановски, Светот е сцена на ослободителната револуција или кога и каде се одигрува драмската приказна во: Театарот како оружје, Култура, 1991, стр.9-21

2018-08-21T17:22:05+00:00 април 1st, 2000|Categories: Осврти, Блесок бр. 14, Театар/Филм|