Седум песни

Седум песни

Ноќ пред заминување в шума
Манифест
Разлеано
Берлинска осаменост
Нов тестамент
Мисис Робинсон на отворен пат

Чет Бејкер


Нов тестамент

 

Воениот удар на душата е неискористен на дланката. Како планираш да го довршиш замисленото? Зависта ќе те одведе во уништување, а не до ѕвездите. Наместо да спиеш, дозволуваш да те заведе љубов на други спрема трети. Обнови ги милиметрите на своето тело додека уште можеш. Ако стане неподносливо, сакај го од мој агол. Искрена е таа страст, дизајнирана да те докрајчи кога тоа никој нема да го очекува. Кога иднината ќе исчезне, единствено за што ќе можеш да се фатиш ќе биде мојата љубов, лажлива и превртлива како што сите љубови стануваат ако им оставиме доволно време за финалниот акт. Мојот заговор не вклучува сожалување. Тој е извежбана измама, финален акт на теророт, додека огледалата престануваат да бидат твој верен шептач на дијалогот. Мојата одмазда стрпливо ќе го дочека твојот подбрадок. Славата и моќта отпаѓаат од него. Се лупат од твојата кожа за да му припаднат на гуштерот кој на ѕидот на последното засолниште го демне поспаниот и здебелен комарец. Осамена е вистината што нѐ споила да се откажеме – ти од себе јас од тебе. Крајно време е ноќта да се спушти на тропските оази на нашето лудило.

АвторМехмед Бегиќ
ПреводСузана В. Спасовска
2021-04-03T19:08:35+00:00 март 31st, 2021|Categories: Поезија, Литература, Блесок бр. 136|