Кротките

Кротките

Коста пелтечеше на „к“ во почеток на зборот и во текот на тој септември безопасната попреченост повторно се претвори во извор на неисцрпен немир, зашто беше лишен од целата горда романтика од изјавите дека е комунист. Ненадејната промена, мигот кога народот ја зеде власта, одеднаш му ги урна упорните обиди да одбегнува секакви зборови што започнуваат со проклетата буква. Инаку, беше научил да користи синоними. За да може да ги одбира, зборуваше бавно и внимателно и, ако не дозволеше грешка во изборот на зборовите, звучеше како мудар старец. Постепено се усовршуваше. Но сите го помниме првиот пат кога го направи тоа. Колку ли време го беше обмислувал? Беше одамна, уште во гимназија, на еден одмор меѓу часовите. Веќе се бевме собрале и само ве чекавме да излезете во дворот, вие секогаш излегувавте последни, подлизурковци, долго си ги прибиравте тетратките и го распрашувавте учителот за Гете и за Менделеев, а ние веќе летавме по скалите и, ако беше почеток на месецот, со лактите се туркавме пред киоскот за лимонада, Некој викна: еве ги! И веднаш ви се нафрливме, толпа нахалници, предатори, јато насилни врани, ве обиколивме, трчавме во круг, се клештевме како мајмуни и викавме: Коста, кажи кур, ајде, К-к-коста, к-к-кажи к-к-кур. Порано при таквите напади пелтекот целиот ќе поцрвенеше и одбиваше да го каже зборот, а тоа неретко го чинеше шлаканици и клоци, а и ти си го добиваше покрај него, но тогаш, додека викавме К-к-коста кажи кур, тој свечено ја крена раката, почека да стивне вревата и со студено спокојство отсече: хуј. Смрзнавме, толку исплашени од неуспехот на мачењето, што дури не добивме ни ќотек, а уште повеќе што од влезот се надвисна сенката на служителот. Никогаш повеќе не ја повторивме истата шега, ниту пак измисливме друга..

Всушност, немаше доволно точен и достоинствен синоним за зборот к-к-комунист.

Емил Стрезов требаше да биде благодарен, зашто маалските банди толку го малтретираа Коста, а инаку тие двајцата одвај би се здружиле, а си беа лика и прилика: со црна коса, мургави, со среден раст, а бидејќи одеа подгрбавени, изгледаа ситни и свиткани. Шепотејќи по ќошињата, маалото брзо ги разбра подробностите за неговото ненадејно пристигање. Накусо, Емил Стрезов дојде од едно валкано гратче удолу по Искарската клисура, со уплашен поглед и со еден единствен пар шајачни панталони, лошо скроени за слабата става, така што гимназиската униформа му дојде како подарок од небото. Во последната војна чичко Петар се беше борел рамо до рамо со неодамна починатиот му татко, а освен тоа имаше само едно дете и затоа се согласи да го прибере момчето под својот покрив, да му помогне да застане на нозе во големиот град. Во секоја друга куќа Емил Стрезов можеби сакаше да преспива небаре е во дуќанот, а во оние малку слободни часови, да седи сам и нерасположен, па дури немаше да има чекмеџе во кое ќе ги скрие стиховите, пишувани касно во ноќта. (Стихови! Од самиот почеток бевме сигурни дека пишуваш стихови; и каква веселба ќе паднеше ако се бевме добрале тогаш до нив!). Но бидејќи Коста пелтечеше, немаше пријатели и беше ужасно вознемирен дури и кога беше дома со сопственото семејство, креативноста на Емил Стрезов сосема неочекувано во него доби лојална публика. Тој внимателно го слушаше и му ја фалеше поезијата со несмасно скриено воодушевување, а погледот на авторот, станар-пријател, речиси брат, беше вперен кон надвор преку прозорецот. И во првите мигови погледот, премрежен од лесни рими се задржуваше во внатрешниот двор и во семејната чевларска работилница, а понатаму во зградите на гимназијата, на киното и на фабриката за чоколади со виноцрвена фасада. Убаво се гледаа, зашто сите  куќи во околината беа ниски, куќи на општи работници и бегалци од војните, подигнати преку ноќ на парцели без сопственици. Меѓу нив, двокатниот дом на чевларот стрчеше како котва на сигурност и спокојство. Таткото на Коста, чичко Петар, беше таму роден, во таа куќа која ја изградил неговиот татко, и тој  чевлар, во заборавените години, кога маалото сè уште си пробивало пат низ бостанот и мочуриштата. И според маалските мерила не беше беден, а за некои од нас беше вистински богаташ – велеа дека таму секое утро на масата има млеко, а во пазарните денови жена му се враќаше дома со големо парче месо. Чевларот заработуваше добри пари. Зашто, колку и да беше беден Јучбунар, сепак имавме потреба од чевли, а чевлите се кинеа и се поправаа, се кинеа и се поправаа, додека сосема не се распаднат, а тогаш здравите парчиња кожа се користеа за правење нов чифт. Чичко Петар во работилницата чуваше модели на луксузни чевли и неколку пати во сезоната добиваше порачки да изработи некои од нив. Ех, како им го гледавме крајот, штом ќе дојевме до пари! Купувавме од луксузните чевли на чичко Петар, си купувавме нови качкети, си купувавме кравати пеперуга и трегери и наперчени шетавме по Пиротска, се собиравме цело друштво и одевме во кино, минувавме напнати како струни пред женската гимназија – првин по левиот, после по десниот тротоар – и девојчињата ги честевме во слаткарницата; а после тоа некои од чевлите на чичко Петар, што веќе си ја исполниле задачата, завршуваа од другата страна на мостот, во Коновица, препродадени на тамошните типови.

И после сè експлодира. Обувките на чичко Петар почнаа да штракаат по плочникот на Пиротска како војнички чизми. Низ целото маало се разнесе вест дека народот ја зел власта. Пустиот народ. И сепак, како што се вели, дека се пронела веста, нели тоа тргнување и обиколување треба да има некаква форма, содржина, метода. Подоцна стана многу модерно да се собираат спомени. Ти другар, помниш ли утрината на деветти септември од каде ја слушна светлата вест? Е па утрината на деветти септември јас си бев дома, влегуваат дечурлијата и викаат: народот ја презеде власта. Кажале на радиото. Беше сабота, затоа бев дома. Вистина, беше сабота, затоа спиевме до доцна. Сепак, може ли токму Емил Стрезов да се успал, да сонувал слатки соништа, додека не го опече и разбуди сонцето, а за тоа време такви важни, решавачки настани да се случуваат во градот? Тој, кој секогаш стануваше рано, токму во најважниот ден да се успие? Така ли било? Емил Стрезов, рано е да претпоставувам што ќе напишеш некогаш во своите мемоари, кога ќе одиш згрбавен и со фин прав од првут по рамената на поставеното сако, а не ветувам дека ќе ги прочитам. Ништо не ветуваме за вкоричениот том со тврди корици, зашто отсега се сомневаме дека внатре ќе подлажуваш, а ти пак, со сето свое достоинство, ја имаш таа слабост што не умееш добро да лажеш, така што зошто да ги читам? Дојде ли време, кога гласно можеш да ја кажеш вистината, зашто никого повеќе нема да го интересира, сите  заборавиле и Јучбунар веќе нема да го има. Но ако еден ден некој почне чесно да раскажува за тие нешта, раскажувањето треба да му е противречно, ќе треба да зборува со многу гласови што кажуваат различни нешта и звучат различно: нели нема два еднакви гласа, но нема и два еднакви мига, особено во денови како оние, кога неретко ни се чинеше дека секое утро животот одново почнува и треба допрва да учам како да одам, како да јадам и како да говорам. И, за да ја сочува вистинитоста, раскажувањето треба да биде во завиена форма, да трча по правливите улици и да скока по покривите, како што правевме ние, па дури понекогаш и да се врти околу себе. И ако сака приказната да е надарена со сто чифта очи – пргав, чудовишен пајак, излезен од антички кошмари – пак многу нешта ќе си останат претпоставки, зашто знае ли човек како било. Некои нешта ги видовме со свои очи, други ги научивме, шушкајќи по ќошињата, а трети ги одгатнавме, ги претпоставивме, ги измисливме – како сакаш наречи го. На еден или друг начин се будиш едно утро и светот е различен, зашто преку ноќ некој пред нос ти го сменил. И ете, сакаш да учествуваш: може, се разбира, токму момче какво што ни е потребно, ќе ти дадам улога. После ќе има време да забораваш. Но таму, во јадрото на минатото, сè ќе има некаков почеток: ненадеен скок од креветот и нечиј глас, кој разлутено те мава по увото: народот ја зеде власта, а ти спиеш!

АвторАнгел Игов
ПреводКатица Гароска Ацевска
2021-11-10T17:18:37+00:00 март 31st, 2021|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 136|